Стопанска комора

Како до поголема соработка меѓу Македонија и Србија

Македонија и Србија имаат традиционални економски и партнерски односи, кои ги карактеризира високо ниво на взаемна доверба, разбирање и добрососедство. Воспоставениот политички дијалог овозможува континуиран и постојан развој на билатералните односи и соработката, потврдени преку многубројни средби на највисоко ниво. Општа карактеристика е дека Македонија и Србија се соседни земји, блиски народи, со исти проблеми и исти надежи кон иднината, кои паралелно чекорат кон ЕУ, рече Анета Трајковска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија, на денешната прес-конференција.

Таа посочи дека според проекциите за растот на реалниот БДП од 3,2 % за 2019 година на 3,4 % за 2020 година за Македонија, односно 3,5 % за 2019 година на 4% за 2020 година за Република Србија, економскиот раст се очекува да продолжи со позитивна динамика и за двете економии и тоа е добар сигнал за зголемување на економската соработка меѓу двете земји во наредниот период.

Најреални податоци за споредба на економската развиеност на национално ниво, како и висината на животниот стандард во една земја се согледува преку БДП по глава на жител. Србија со 5.870 САД долари, во 2018 година има повисок БДП по глава на жител од македонскиот за 8,8% (индекс 108,8) кој истата година изнесуваше 5.391 САД долари. Македонскиот БДП по жител во 2018 година, во однос на истиот од 2008 година е зголемен за 22%, а српскиот за 15,76% и имаме позабрзан раст за 6,24 процентни поени во однос на српскиот.

„Во однос на трговската размена, Република Србија е многу важна земја за македонскиот извоз и се вбројува во традиционално најважни пазари за Македонија. Во 2018 година Србија е на прво место според извозот на Македонија во земјите од Западен Балкан и учествава со 36,45% од извозот во овие земји, а истата динамика продолжува и во првите девет месеци од 2019 година каде размената изнесува 710 милиони САД$ или 5,7% од вкупната размена на земјава. Република Србија е многу важна земја за македонскиот извоз и се вбројува во традиционално најважни пазари за Македонија. Во 2018 година Србија е на прво место според извозот на Македонија во земјите од Западен Балкан и учествува со 36,45% од извозот во овие земји, а истата динамика продолжува и во првите девет месеци од 2019 година каде размената изнесува 710 милиони САД$ или 5,7% од вкупната размена на земјава“, посочи Трајковска.

Во поглед на инвестициите, во последните 10 години (2008/2018) Србија ги зголемила странските директни инвестиции (СДИ) за 108,7% или за 22,97 милијарди САД долари, а за истиот период во Македонија ги зголемила странските директни инвестиции за 44,3% или за 1,83 милијарди САД долари.

Првите инвестиции од Република Србија во Северна Македонија, согласно приказот на НБРМ се регистрирани во 2007 година во износ од 97,5 милиони САД долари и структурно учествувале со 2,6% во вкупните СДИ во земјава. Заклучно со 2018 година Србија во земјава има инвестирано 101,1 милион САД долари или 1,7% од вкупните странски инвестиции.

Од друга страна, согласно истиот приказ првите македонски инвестиции во Србија, забележани во 2007 година се во износ од 53,8 милиони САД долари со структурно учество од 79,5% од вкупните инвестиции на Македонија во странство. Овој висок процент на структурно учество каде нешто повеќе од ¾ се насочени само кон една земја, односно Србија е незанемарлив доказ дека македонските стопанственици имаат доверба и добро изградени односи со Србија. Заклучно со 2018 година истите инвестиции во Србија изнесуваат 72,5 милиони САД долари.

Србија во земјава најмногу има инвестирано во земјоделско-прехранбениот сектор, трговијата и услужниот сектор, а Македонија во Србија има инвестирано во металната и електроиндустријата, како и фармацевтската индустрија. Како позначајни македонски компании кои имаат инвестирано во Србија се „Брако“, „Алкалоид“ и „Смелт ИНГ“, а од српска страна една од позначајните инвестиции е „Свисслион“.

„Поддршката на регионална соработка преку договорените форми на регионално економско делување - ЦЕФТА-Договорот и Коморскиот инвестициски форум (КИФ) - значи пред се` поттик за усогласување на економските политики во земјите кои припаѓаат на регионот за побрз развој, приспособување кон конкуренцијата на либерализираниот пазар и можност за усогласување на правната рамка во земјите, со цел постигнување на поголем обем во трговската размена, зголемување на бројот на инвестиции и интегрирање на целиот регион во Европската унија. Во таа насока, Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Србија со долгогодишната меѓусебна соработка успеаја да спроведат бројни проектни активности меѓу кои е и формирањето на Македонско-српскиот деловен совет, којшто во рамки на коморите активно работи на што поголемо поврзување на бизнис-заедниците од двете земји“, додаде Трајковска.

Амбасадорката на Република Србија во Република Македонија, Душанка Дивјак Томиќ, истакна дека за успешната соработка меѓу двете земји не говорат само бројките, туку и успешните бизнис-приказни реализирани во повеќе индустрии, што е овозможено благодарение на повеќето иницијативи резултирани со билатерални договори меѓу двете земји.

Таа додаде дека во изминатиот период како дел активностите за спроведување на четирите слободи во регионот на Западен Балкан (движење на стоки, на луѓе, на услуги и на капитал), се спроведоа неколку активности како што се:

1. „One stop shop“ интегриран граничен систем на царинската и полициска контрола на патници и стока на преминот Табановце-Прешево, меѓу двете држави. Со воведувањето на заедничката гранична контрола се намалува времето на чекање, се воведе систем на една царинска, санитарна, ветеринарна контрола на стоката, а со тоа ќе се елиминира долгочасовното чекање на камионите и ризикот товарената стока да се расипе, што дополнително влијае на развивањето на соработката во економскиот сектор.

2. Направена е промена во распоредот на работното време на српските фитосанитарни и ветеринарни инспекциски служби на граничните премини Прешево (кон Република Северна Македонија) и Хоргош (кон Унгарија), со што главниот граничен премин меѓу Северна Македонија и Србија е целосно активен 24/7.

3. Од големо значење е и склучувањето на Спогодбата помеѓу двете земји за заемно признавање на одобренија за овластен економски оператор за безбедност и сигурност (ОЕОС), со цел поедноставување на царинските процедури и формалности.

„Во насока на целосно поврзување на регионот потребно е дополнително во наредниот период Република Северна Македонија и Република Србија, како и останатите земји од Западен Балкан, активно да се вклучат во иницијативите за креирање заеднички пазар на труд, взаемно признавање на дипломите и слободна размена на стручен кадар, како и креирање програми за дуално образование според европските програми со цел спречување на одлив на квалификуван кадар од земјите од регионот“, истакна амбасадорката. Во наредниот период ќе треба активно да се работи и на заедничка промоција на регионот со цел привлекување на поголем број странски инвестиции и приближување на регионот кон процесите за интеграција кон европското семејство.

„Компанијата „Алкалоид“, како еден од најголемите македонски инвеститори во Република Србија, е присутна на нивниот пазар околу 50-тина години, но во последните неколку години нашата позиција на нивниот пазар е значително зајакната и зацврстена. Во последните десет години „Алкалоид“ во Србија има инвестирано повеќе од 10 милиони евра во нови капацитети, лаборатории и дрогерии, значително зголемувајќи го и бројот на вработени на 150, а во наредниот период компанијата планира и нова инвестиција во проширување на производствениот погон“, истакна Живко Мукаетов, извршен директор на „Алкалоид“ АД - Скопје и претседател на Македонско-српскиот деловен совет.

Тој додаде дека Република Србија нуди одлични услови за инвестирање, со квалитетен и образован кадар и одлични можности за партнерства и синергии со домашните компании. Во наредниот период потребно е државите да застанат зад бизнис секторот, особено во делот на: намалувањето на бирократијата со цел зголемување на конкурентноста, хармонизација на потребните документи и сертификати за увоз и извоз на стоки, едукација на дефицитарни кадри преку програмите за дуално образование, како и организирање на поголем број активности и билатерални средби во рамки на Македонско-српскиот деловен совет во насока на размена на информации, идеи и изнаоѓање на начини за продлабочување на меѓусебната соработка.

„Компанијата „Свисслион“ на македонскиот пазар е присутна од 1998 година. Во 2001 година ја отвора својата прва фабрика, додека во 2007 година го завршува процесот на купопродажба на фабриката „Агроплод“ во Ресен и со тоа се позиционира на македонскиот пазар како една од најголемите и најзначајните српски инвестиции во земјата, со моментално вработени преку 600 лица. „Свисслион“ секоја година реинвестира од 1 до 1,5 милиони евра во капацитетите во Северна Македонија, а за наредниот период работиме на нов проект за ширење на капацитетите на фабриката во Ресен, чијашто инвестиција ќе чини околу 3 милиони евра. Оваа инвестиција, односно отворање на целосно нов погон претставува дислокација на активностите во Косово и Босна и Херцеговина, со што ќе се креираат нови дополнителни 40 работни позиции за населението од регионот“, истакна Александар Јањиќ, генерален директор на „Свисслион“ ДОО – Скопје. Тој истакна дека условите за работа во Република Северна Македонија се поволни, но најголем предизвик им претставуваат честите законски измени и недостатокот на стручен кадар. Во наредниот период секоја од земјите од регионот посебно, но и со заеднички сили, треба да работат на отстранување на бариерите со коишто се соочуваат компаниите со цел олеснување на нивните извозни активности и иницирање на што поголем број СДИ во секоја од земјите од регионот.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе