ЈИЕ до 2030 треба да замени над 30 отсто од фосилните капацитети за производство на струја

Регионот на Југоисточна Европа ќе треба да замени повеќе од 30 отсто од својот сегашен капацитет за производство на електрична енергија од фосилни горива до крајот на 2030 година, а повеќе од 95 отсто до 2050 година, покажуваат резултатите од  спроведувањето на Проектот за електрична енергија на Југоисточна Европа (SEERMAP).

Во рамки на проектот, финасиран од Сојузното министерство за земјоделство, шумарство, животна средина и водостопанство на Австрија и Европската климатска фондација, што го спроведуваше меѓународен конзорциум предводен од Регионалниот центар за истражување на енергетските политики (REKK), се развија три сценарија за развојот на електроенергетскиот сектор до 2050 година за Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Србија, Косово, Црна Гора, Романија  и Македонија.

Како што посочуваат од тимот на МАЦЕФ кој работеше на подготовка на извештајот за Македонија, првото сценарио „статус кво“ го одразува спроведувањето на постојните енергетски политики, второто „декарбонизација“ рефлектира долгорочна стратегија за намалување на емисиите на ЦО2 во согласност со целите за намалување на емисиите на ЕУ во секторот на електрична енергија во целина и третото „одложено“ вклучува првична имплементација на тековните национални инвестициски планови проследени со промена на насоката на политиката од 2035 година, што резултира со реализација на приближно истата цел за намалување на емисиите до 2050 година како сценарио за „декарбонизација".

„Ова преставува и предизвик за да се обезбеди рамка на политика која ќе поттикнува нови инвестиции и можности за обликување на секторот на електрична енергија на долг рок во согласност со пошироката стратегија за енергетска транзиција, без ограничувања од сегашното портфолио на производство на електрична енергија“, смета Јасминка Димитрова Капац од МАЦЕФ.

Според неа, секторите за електрична енергија на земјите од Југоисточна Европа споделуваат заеднички предизвици меѓу кои застарени капацитети за производство на електрична енергија, главно базирани на лигнит и потреба од нови инвестиции, чувствителност на потрошувачите од високи цени кај крајните корисници и несигурни фискални услови на државните претпријатија.

„Регионот има голем потенцијал за производство од сончевата, ветерната и производство на електрична енергија од биомаса, голем хидропотенцијал за балансирање на системот како и добрата поврзаност во системот. Извештајот открива дека е можно да се намалат емисиите на ЦО2 во регионот на електрична енергија во опсег од 93 до 99 отсто, што едновремено претставува цел на Европската унија, со искористување на потенцијалот за обновлива енергија во регионот“, изјави Димитрова Капац.

Во исто време, додаде, резултатите покажуваат дека електричните централи за јаглен и лигнит нема да бидат комерцијално одржливи на долг рок според „Шемата за тргување со емисии на ЕУ“, што се претпоставува дека ќе се спроведува од 2030 година во Западен Балкан. Нагласи дека природниот гас игра минлива улога за замена на дел од затворените електрани на јаглен пред да биде отстранет од електроенергетскиот систем до 2050 година.

МИА

Ова повеќе не е „бегалска криза" ниту „криза за управување со бегалци". Сега веќе е хуманитарна криза по сите дефиниции.

повеќе

Али Ахмети на средбите со Тачи и Харадинај изразил уверување дека македонските Албанци се подготвени да имаат блиска соработка со Косово во насока на проширување на влијанието на албанскиот фактор.

повеќе

Сега треба лидерите во Скопје, Атина, Брисел, па дури и во Вашингтон да осигурат дека храброста што ја покажаа македонските граѓани нема да биде залудна.

повеќе