Владини мерки

Измените во субвенционирањето на 14.500 денари за плати предизвикаа реакција на синдикатите

Владата презентираше нови, олеснети услови за мерката за финансиска помош за исплата на плати за месеците април и мај за вработените во стопанството, што треба да стартува за неколку дена. Реакции уследија од синдикатите и здруженијата на граѓани кои не се согласуваат со променетите услови што нудат можности за поголема флексибилност околу задржувањето на бројот на работници, наместо како претходно работодавачите да бидат обврзани да го задржат истиот број на вработени до јули.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференцијата во Владата вчера појасни дека станува збор за подобрување на мерката за која се одвоени околу 100 милиони евра и со која се очекува да бидат опфатени 250.000 вработени. Новините, како што посочи таа, се направени во координација со Светската банка, која финансира дел од мерката, односно 50 милиони евра.

Според Ангеловска, во мерката се вградени сите предлози, критики, сугестии и барања од стопанството.

Но, олабавените услови за задржување на бројот на вработени предизвикаа револт кај синдикалните организации кои побараа одговорност од министерката и итна средба со неа.

„Доколку ова се реализира, тоа ќе значи десетици илјади нови невработени во пресрет на очекуваната економска криза и десетици илјади семејства во сиромаштија. Срамно е Влада која се нарекува социјалдемократска и која треба да се грижи пред сè за сиромашните и работниците да најавува вакви мерки, особено на два дена пред Први мај, Меѓународниот ден на трудот, што го сметаме за непочитување на овој празник и за навреда на работничките и работниците“, истакнаа во заедничката реакција неколку синдикални организации и здруженија на граѓани.

Реагираше и Сојузот на синдикати на Македонија, кој смета дека во овие исклучително тешки моменти за државата и за работниците, не смее да се носат уредби под притисок на работодавачите и коморите, а на штета на работниците.

„Сојузот на синдикатите на Македонија ги потсетува Министерството за финансии и Владата дека давање на финансиска поддршка која на крајот на денот ќе се враќа од парите на работниците и преку даноците на граѓаните, не смее да овозможува намалување на бројот на вработени, односно државата да го финансира отпуштањето на работниците под притисок на работодавачите“, истакнаа од Сојузот на синдикатите на Македонија.

По реакциите во јавноста, министерката Ангеловска преку својот фејбук-профил допрецизираше што претставува мерката и порача дека со неа може да се спасат илјадници работни места.

„Претставивме три клучни промени во мерката за поддршка на работодавачите 14.500 по вработен. Како што кажува и името на самата мерка таа е креирана да даде финансиска поддршка на работодавачите заради исплата на плати на работниците. Со мерката се помага и на работниците, на самовработените и на работодавачите – кои креираат работни места и сите заедно придонесуваат за економски раст и кои ќе треба да го премостат овој период и да бидат подготвени за фазата на оправување. А опоравување без работниците не е возможно“, напиша Ангеловска.

Таа порача дека за мерката да биде во корист на работниците, фирмите треба да ја искористат можноста што им се нуди.

„Доколку тие не ја користат, тоа ќе биде на штета на работниците, во услови на криза и драстичен пад на нивните приходи или целосно престанување на дејноста. Затоа го слушнавме гласот на угостителите, туристичкиот сектор и сите засегнати, ги увидовме проблемите и ги ограничивме компаниите со следното, а во корист на работниците како би се задоволиле двете страни. Финансиска поддршка од државата не може да користат работодавачи кои ќе отпуштат повеќе од 5% (големи), повеќе од 10% (средни) повеќе од 15% (микро и мали). Сите одлуки кои ги правиме се во насока и интерес на сите граѓани, работници, работодавачи и на стопанството“, напиша Ангеловска на својот Фејсбук профил.

Дел од новите услови предвидени со оваа мерка се и тоа што трите најпогодени дејности – угостителството, туризмот и транспортот ќе може да ги комбинираат антикризните мерки – 14.500 денари по вработени 50 проценти субвенција на придонеси што не беше случај досега.

Дополнителна поволност која им се дава на фирмите е и можноста средствата што ги зеле преку мерката, да им се трансформираат во грант, односно неповратни средства. Се проширува и опфатот на мерката со oние фирми кои последниве две години имаат добивка, кои не се на листата на должници на УЈП и кои до март годинава не доцнеле со плаќање на обврските по основ на кредит подолго од 90 дена од доспеаноста и доколку инвестираат еднаков или поголем износ на добиената поддршка во тренинзи на вработени, надградба на процеси, продуктивен капитал. Средствата и за нив ќе се трансформираат во грант средства. Мерката е наменетa за секоја фирма која ќе нема намалување на приходите од најмалку 30 проценти во април и мај во однос месечниот просек лани, која нема да исплаќа дивиденди, бонуси, годишни награди и награди за деловна успешност за времетраење на мерката, а просекот од највисоките нето-плати на 10 проценти од вработените да не надминува 120.000 денари по вработен.

Во врска со новите мерки се огласи и лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој на својот Фејсбук профил порача дека Владата се грижи за сите и преку пакет различни мерки за различните категории граѓани, преку иницирање солидарно однесување во општеството, ќе направи се ударот од кризата да биде најмал,

Според него, за ова охрабруваат и најновите проекции на Светската банка кои проценуваат дека Северна Македонија најдобро ќе се справи со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот.

„За оние кои заради околностите ќе останат без работа, владата преку друга мерка обезбедува 50 проценти од просечна плата што ја земал граѓанинот, преку системот на социјална заштита. Ударот врз економијата е голем, но ќе успееме да ги заштитиме работниците. Во најтешкиот месец, април, нови невработени се 6.800 граѓани од вкупно 800.000 вработени граѓани“, вели Заев.

Тој  е сигурен оти со обезбедувањето флексибилност во користењето на мерките, бројката на новоневработени во следниот период ќе биде уште помала, како и дека во меѓувреме ќе активираат нов погон за македонската економија и преку креативни чекори ќе се обезбедат нови работни места.

„За сите квалификувани работници сигурен сум дека лесно ќе се најде работно место на пазарот на трудот“, нагласува Заев.

Претседателот на СДСМ информира дека средствата кои Владата заедно со Светска банка ги обезбедила за компаниите и за работниците се за спас на многу работни места, а за да можат да аплицираат фирмите, да ги искористат средствата и со тоа да спречи губење на многу работни места, обезбедена е флексибилност во условите за користење на мерките.

Економските експерти ги оценуваат како добри олеснетите услови и според нив, избрзани се и не се соодветни реакциите од синдикатите и здруженијата на граѓани дека и со олеснетите мерки целиот товар од кризата предизвикана од коронавирусот ќе падне на вработените, зашто, како што велат, никој не поддржува одјавување на  работници, напротив се прават напори да се зачуваат работните места.

„Искрено реакцијата на синдикатите е непотребна затоа што не е до крај сфатена мерката и не може да се гледа парцијално“, изјави поранешниот извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Фатмир Битиќи за МИА.

Сметам, додава Битиќи, дека ни треба малку повеќе време за да ја „соџвакаме“ одлуката и реакциите ќе дојдат на место.

„Сметам дека реакциите се само првични и дека после некој ден откога ќе ги прочитаме сите детали ќе увидиме дека мерката е доброобмислена за да им помогне и на работниците и на стопанствениците да го пребродат овој тежок период“, посочи Битиќи, кој е актуелен претседател на Комисијата за финансии на СДСМ, додавајќи дека уредбата има низа на критериуми кои меѓусебе не се исклучувачки, а се конзистентни сами по себе.

Дека никој нема намера да отпушта работинци се согласува и сопственикот и управител на агенцијата „Про Агенс“, Павле Гацов, кој важи за експерт за даноци и доночна регулатива.

„Никој не поддржува одјавување на работници, напротив се прават напори да не се дозволи такво нешто особено ако има неоправданост во насока да се заштита работодавачите, а целиот товар да падне на вработените. Ова беа изнудени мерки и обид да се опфатат и работодавачи на кои им беше наложено да запрат со работењето и немаа можност да ја користат финансиската поддршка со претходната уредба. Тие буквално беа истиснати од ваква опција што не беше фер. Новата мерка е мерка со која се бара можност за на некаков начин да се подржат и таквите компании“, изјави Гацов за МИА.

Факт е, посочи тој, дека на терен има одјавување на вработени и дека главен напор на Министерството за финансии и на Владата е да се задржи бројот на врабтени. Според него, синдикатот ги штити вработените и треба да реагира на ваквите мерки, коморите и асоцијциите на работодавачи ги штитат работодавачите и притискаат дека мерките се никакви и дека само се кредити кои треба да ги враќаат.

„Владата  е на средината и треба да ги усогласи ваквите барања од двете страни и мислам дека со оваа уредба  се постигнува таквото нешто. Незадоволство ќе има на двете страни бидејќи не е идеална уредбата, но толку ни се парите, толку ни е чергата и толку можеме. Сепак, Македонија не е богата земја за да носи  некои мерки кои ќе бидат значително помеки и подобри за сите. Мислам дека олеснувањата позитивно ќе влијаат и мислам дека ќе нема одјавување на вработени и зголемување на бројот на одјавен работници, посебно што веќе има зрак на надеж дека можеби ќе се олабавуваат мерките во текот на мај“, истакна Гацов.

 

Време е за коренити промени на економскиот систем во Хрватска.

повеќе

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе