Стопанска комора

Итно да се решат злоупотребите со екстра лесното гориво, апсурдно е да се толерира со години

Предлогот за изедначување на акцизата на нафтените деривати е за конечно да се стави крај на злоупотребите со екстра лесното гориво што со години се толерираат, а истовремено во услови на криза и кога сите само нешто бараат од буџетот, тој и да се наполни, смета претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Toj посочува дека тоа прашање треба под итно да се реши, бидејќи е апсурдно да се толерира со години.  

„Тука има елементи кои што зборуваат за неефикасност на државната администрација и инспекциските служби затоа што се преполитизирани, пребукирани од луѓе и не ја вршат својата основна функција. Второ прашање е, дека секогаш имаат оправдување дека трошат градинките, пекарите... Ние ќе одиме со горива од 19-век што имаат илјада пати повеќе сулфати во нив од некое друго модерно. Треба ли ние да донесеме плин, наместо да носиме екстра лесно уште во такви количини“, вели Азески.

Предлогот на Стопанската комора за изедначување на акцизата и со тоа укинување на можностите екстра лесното гориво или црвената нафта да се користи како погонско гориво, освен економски има и еколошки аспект.

„Екстра лесното гориво во еден килограм содржи 100 пати повеќе сулфур во споредба со еден килограм дизел гориво. Ако на пазарот во Македонија годишно се трошат приближно 50 илјади тони (приближно 60.000.000 литри) ЕЛ-1 гориво, а дел од овие колични (според некои истражувања на Светска банка дури до 90 проценти) наместо за греење се користи како погонско гориво, наместо 500 кг сулфур во атмосферата се испуштаат речиси 50 илјади килограми сулфур“, се вели во предлогот од Стопанската комора.

Со изедначување на акцизата на екстра лесното гориво, која сега е за девет денари помала од таа на дизелот се намалува и просторот за малверзации што е главен мотив за изигрување на Законот за акцизи и користење на екстра лесното гориво како погонско гориво.

„Користењето и употребата на ЕЛ-1 како гориво за греење во практиката е многу тешко да се контролира и во пракса често се изигрува Законот за акцизи, па од страна на потрошувачите се случува маслото ЕЛ-1 да се користи како погонско гориво, наместо како гориво за греење“, се вели во образложението на предлогот од Стопанската комора.

Ваквите злоупотреби државата може да ги реши со изедначување на акцизата на овие две горива, што потоа ќе ја врати на оние корисници што ќе докажат дека го користеле екстра лесното гориво за законски утврдените цели.

Статистиката покажува дека годишно во нашата држава се трошат 50 милиони литри ЕЛ-1, додека за да се задоволат годишните потреби на домаќинствата потребни се не повеќе од пет милиони литри. 

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе