Пред конференцијата на Стопанската комора

„Интелигентното земјоделство“ - технологијата е добра, но за некое друго време

Од 180 куќи колку што има во штипското село Радање, само двајца знаат да работат на компјутер, но тие не се занимаваат со земјоделство. Ова е само еден од примерите што по којзнае кој пат ја наметнува дилемата дали и колку македонскиот аграр е подготвен за сериозна трансформација. Ќе успееме ли некогаш да фатиме чекор со современите текови, да се соочиме со сопствените кочници и да одговориме на предизвиците.

Тоа не е за нас, ние сме многу далеку од тоа. Технологијата е одлична опција, но за некое друго време или можеби за во друга држава“, е најчестиот одговор на земјоделците кога ќе им се постави прашањето дали користат какви било софтвери во процесот на планирање и реализација на производството.

„Интелигентно земјоделство“ и „паметни села“ – ова веќе не се само поими, туку вистински концепти кои развиените земји ги форсираат во пракса најмалку десет години.

Софтвери не поскапи од 150 евра годишно, прилагодени и за мобилни телефони, не само за компјутери, масовно се користат за планирање на производството. Им кажуваат на земјоделците кога и колку да посеат согласно површините, колку и кога да прскаат, ги предвидуваат временските прилики и даваат препораки. Со притиснување на само едно копче „паметните“ или (жаргонски) „смарт“ решенија ги сведуваат трошоците и загубите на минимум и овозможуваат подобар квалитет на производството,  зголемувајќи ја конкурентноста.

Не знам да работам на компјутер, ниту сум заинтересиран, иако знам дека тоа би ми го олеснило процесот на планирање на производството, па и самото производство. Имам 55 години и веќе ниту добро гледам, ниту слушам. Да се осовремениме сакаме и тука нема дилеми, но тоа треба да биде континуиран процес што еднаш ќе се воспостави и ќе трае. Негови носители, сепак, треба да бидат помладите фармери“, вели Митре Ташков, земјоделец од село Радање, Општина Карбинци.

Најпрво, смета Ташков, треба да се надминат елементарните недостатоци како немањето инфраструктура, патишта до руралните средини, посебно до оние во планинските региони, а потоа или, пак, паралелно да се воведува и концептот на интелигентно земјоделство.

На отприлика сличен став е и претседателот на Синдикатот на земјоделците во струмичкиот регион, Ристо Велков. Според него, професионалните земјоделци немаат време да седнат и да „се расправаат“ со компјутер.

Околу 99,99 отсто од земјоделците не знаат да работат на компјутер. Ние сме многу далеку од тоа. Ако некој користи компјутер, тогаш не е прав, професионален земјоделец зашто професионалните земјоделци немаат слободно време. За да научат како со компјутер, треба време, а немаат. Технологијата е добра, но за некое друго време во кое оваа држава би била на поинаво ниво или за некоја друга држава. Кај нас засега место за компјутеризација се уште нема пред се поради начинот и пристапот кон производството, но и поради се уште невоспоставената корелација меѓу институциите, науката и производителите“, вели Велков.

Современи совтверски решенија, смета, е логично да се употребуваат за големи производни површини и претходно обезбеден сигурен пласман што кај нас, генерално, не е случај.

 

Тоа се прави кога имаш сигурен клиент кој бара да произведеш одреден приозвод во количина од 20-30 тони, а не на 2.000 – 3.000 декари“, посочува Велков.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, е согласен дека модернизирање на земјоделството во правец на користење современи ИТ решенија мора да има, но и според него, најпрво мора да се решат основните проблеми.

Ако во Радање од 180 куќи само двајца знаат да работат со компјутер, во повисоките села погоре во Плачковица е уште полошо. До таму нема ниту патишта. Тоа мора да се земе предвид. Не смее да се игнорира. Ние знаеме кои се бенефитите од употребата на новите технологии, но во оваа насока не е доволно само да промовирате некакви концепти, да одржите една-две трибини по селата, туку треба реално да ги спроведете, а потоа и да ги одржувате и развивате“, истакнува Шаклев и додава дека стожери во користењето модерни ИТ решенија би можеле да бидат овоштарството, лозарството и градинарството.

Според познавачите, менталниот склоп е клучниот проблем поради кој кај нас се уште речиси воопшто не може да стане збор за дигитализација на земјоделството. Парите не се причина зашто софтверите се релативно евтини, па оттука и достапни за секој индивидуален производител. Но, како да не сакаме да прифаќаме промени и тоа е посебно изразено кај постарите земјоделци. Младите фармери ги следат новините, покажуваат интерес и сакаат да внесат новини во работењето.

Употребата на софтверски решенија кои се прилагодени за управување со фарми од секаква големина и дејност, станува неминовност зашто единствено на тој начин земјоделците можат прецизно да го предвидат своето производство, да преземат корективни мерки и да донесат квалитетни одлуки. Без навремени податоци и информации кои гарантираат следливост и потврдуваат потекло и квалитет, иднината на земјоделските компании и неизвесна. Посебно треба да се напомене дека располагањето со податоци за претходните години драстично може да ги подобри резултатите во работењето, бидејќи со правилно планирање значително се намалуваат трошоците“, вели Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Ристовски смета дека земјоделците секако треба да направат промени кај себе, во начинот на размислување ама неопходна е и поддршка од државата, не само во делот на „интелигентото земјоделство“, туку и во однос на т.н. паметни села.

„Досегашните искуства покажуваат дека земјоделците кои користат напредни алатки ги зголемиле насадите, обезбедиле повисок квалитет и успеале на пазарот да пласираат поконкурентни производи. Од друга страна, за развој на руралните средини, за задржување на локалното население и за развој на т.н. паметни села, покрај елементарните услови, мора да бидат достапни и сите јавни услуги, да се воспостави е-здравство, е-образование, да не мора луѓето за се нешто да одат во град, објаснува Ристовски.

Во т.н. паметни села традиционалните и новите мрежи и услуги би се засилиле преку дигитални, телекомуникациски технологии, иновации и подобра употреба на знаењето во корист на жителите и бизнисите. Идејата за овој релативно нов концепт не може да се спроведе изолирано, туку треба да биде вградена во пошироките стратегии за регионален развој. Зајакнувањето на врските меѓу руралните и урбаните области е клучно за постигнување на ваквата цел.

Прашањата за „интелигентно земјоделство“ и „паметни села“ ќе ги отвори Стопанската комора на претстојната конференција „Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“ што треба да се одржи на 16 мај. На конференцијата ќе се дебатира и околу други актуелни теми како земјишната политика, подобрувањето на пазарните механизми, традиционалните прозиводи, ознаките за потекло, органското земјоделство…

МИА

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе

Минатата недела, Сирија повторно беше на врвот на меѓународните вести. Земјата, која долги години е вклучена во борбата против екстремистичките групи, повторно се соочи со нов бран на агресија и воена акција. Во средата, на 9 октомври, турската армија, заедно со сириските антивладини бунтовници, го започна маршот кон североисточните делови на оваа земја што предизвика жестоки борби.

повеќе