Интервју

Игор Давков: Ист гејт мол – поинакво потрошувачко искуство за сите во регионот

Во втората половина од октомври планирано е отворањето на трговскиот центар Ист гејт мол во Скопје, најголем во регионот. Повеќе од 260 продавници, светските и домашните брендови, осумте киносали и многуте други забавни содржини за сите, од 7 до 77 години, би требало да го направат овој трговски центар посакувана дестинација не само за граѓаните на Македонија, туку и за нашите соседи и за туристите што се на пропатување. Така ветува Игор Давков, извршниот директор на Скопје Ист гејт.

Давков во интервју за МКД.мк вели дека подготовките за отворањето на трговскиот центар се во завршна градежна фаза.

„Завршени се машинските, вентилациските и електричните инсталации на поголем дел од објектот. Паралелно се работи на фасадата и сите други завршни работи во ентериерот. До почетокот на јуни ќе бидеме готови за да ги примиме закупците, кои треба да почнат да ги уредуваат своите простори. Таа фаза трае четири месеци. Ние сме должни да го предадеме просторот во облик на карабина. Во меѓувреме се довршуваат деталите од договорите со закупците.“

Веќе е објавено дека многу светски познати брендови ќе отворат продавници тука. Што е она што го понудивте за да дојдат толку голем број од нив?

За еден бренд да донесе одлука за влез на еден пазар потребни се сериозни анализи на пазарот, на регионот, на куповната моќ на популацијата, на капацитетот на трговскиот центар да привлече посетители. Се работи за навистина детални анализи пред да се донесе одлуката. Тоа е едната страна од медалот.

Другата страна е она што се нуди за изнајмување. Тоа зависи од големината на трговскиот центар, од тоа колку е способен да привлече купувачи, од миксот на закупци што тој центар ги привлекува, од тие т.н. закупци 'сидраши'. Такви 'сидраши' се сите седум бренда на Индитекс или ЛПП со сите свои пет бренда, како и супермаркетот и кината. Тие се главни креатори на посетеноста на трговскиот центар и затоа првенствено се фокусиравме токму на нив. Со нив се подобрува преговарачката позиција и со останатите закупци. Инаку, поради големината на пазарот, дел од брендовите тука доаѓаат како франшизери, што е вообичаено за ваков тип центри во релативно мали пазари. Франшизерите имаат договори со трговските марки и врз основа на тоа отвораат продавници. Дополнително, големи закупци се супермаркетот, продавницата за бела техника, за мебел и покуќнина, голема игротека, киносали. Сѐ на сѐ, трговскиот центар Ист гејт мол ќе има 260 единици со различни брендови. Ова е бројот на закупците со кој до овој момент оперираме.

Трговскиот центар носи странски марки и стимулира увоз. На кој начин може уште еден трговски центар да помогне да се развие локалната економија?

Ние живееме во едно глобално општество. И Македонија како мала отворена економија се наоѓа во таа глобализација, и треба да ја најде својата конкурентска предност на меѓународниот пазар. Во услови на глобализам, кога може да се пазари и преку интернет, се губат оние условно кажано физички граници. Со самото тоа што во околината, на пример во Софија има 9 трговски центри, на Косово 2, во Белград 8, Солун 8, на потрошувачот му се дава голем избор. Дали ќе оди во странство или ќе купува локално - нема разлика.

Не дека стимулираме увоз, туку сме дел од еден глобален пазар и глобална економија. Со Ист геј мол правиме обид тој промет да остане дома, со што средствата на купувачите ќе се потрошат дома, ќе се покрие данок на додадена вредност во земјата и тоа има придобивка на развој на локалната економија. И она што е најважно е дека со отворањето на трговскиот центар се отвораат 2.500 нови работни места и 500 дополнителни вработувања поврзани со функционирањето на самиот трговски центар, кој бара една сериозна логистика. Значи само компанијата за одржување на центарот ќе вработува 140 лица, што дополнително, индиректно се доаѓа до таа бројка од околу 3.000 вработувања, што значи 3.000 плати со платени придонеси кон државата.

Дали Ист гејт мол ќе претстави домашни имиња и во кој процент во вкупниот микс на закупци? Дали има поатрактивни услови за домашните текстилни производства и брендови, кои се борат да бидат видливи на македонскиот пазар?

Зависно од големината и пазарната позиција, присутни се и голем број на македонските компании со свои брендови или франшизери. Повеќе од 20 проценти од бруто-издадената површина на центарот ќе бидат локални брендови, кафетерии, ресторани.

Што ви покажаа анализите, вашите истражувања на пазарот... кои ќе бидат муштериите?

Ако ме прашувате во однос на возраста – од 7 до 77. А од аспект на граѓани, ние сме регионален трговски центар, нашите процени покажуваат дека ќе успееме да обезбедиме потрошувачка публика во радиус од 200 километри – Косово, јужна Србија до Ниш и цела Македонија. Пред коронакризата, нашите проекции беа на 12 милиони посетители годишно. Сега таа проекција е некаде околу 10,5 до 11,5 милиони посетители годишно.

И коригираната бројка е голема.

На пример, трговскиот центар Сити мол, кој е со 40 отсто помала површина, во 2019 имаше осум милиони посетители, што за таа големина на трговски центар не е мала бројка.

До каде сте со реализацијата на станбениот и деловниот дел од целиот овој проект?

Станбениот дел ќе почнеме да го градиме во април, првиот дел од четирите станбени згради. Проектната документација е завршена, дадена е пресметката до Град Скопје, поднесено е барањето за издавање дозвола и до крајот на месецов таа дозвола за градба би требало да ја добиеме. Првата фаза ќе биде завршена до 2022.

Што се однесува до бизнис-центрите, нема да одиме според моделот прво да градиме, па да бараме закупци. Донесена е одлука да не влегуваме во инвестиција за непознати закупци, туку ќе одиме со стратегија да градиме згради само за познат закупец. Веќе разговараме со неколку компании за овој модел на вложување. Значи врз основа на техничка спецификација на одредена компанија, ние ќе ја изградиме зградата и потоа компанијата ќе има можност да ја закупи или да ја купи како деловна зграда. Не е исклучена можноста, доколку се најдат инвеститори чија примарна дејност е изнајмување на деловен простор, тие да ја откупат, па потоа да издаваат.

По што ќе се разликува овој трговски центар од другите?

-Понудата нема да биде стандардна. Секој трговски центар си има свои специфики. Делот за забава во Ист гејт мол ќе биде позастапен, 20% од целиот простор. Во САД на пример тој процент веќе оди и до 40%, но таму трендовите се поинакви поради растот на интернет-трговијата. Таму имаме бран на затворање на големите трговски центри и тие сѐ повеќе се преориентираат на забавниот дел.

Но во Скопје се изградија многу трговски центри. Што ќе биде поинакво тука?

-Големината и понудата. Не би правел паралела на пример на Капитол мол, трговски центар од 12.500 квадрати, со Ист гејт мол од 57.000 квадрати. Има материјална разлика и од големината и во понудата. Најголемиот трговски центар во Скопје на пример има 37.000 квадратни метри. Самата големина дава можност за поголема разновидност на понудата и поинакво потрошувачко искуство.

Вашата порака е дека ова ќе биде „центар-дестинација“. Што значи тоа?

-Ова значи дека овој трговски центар ќе даде понуда што на потрошувачот ќе му овозможи да ги најде сите услуги на едно место. Овој трговски центар по својата физиономија е способен да привлече и стандардни туристи. На пример, ние сакаме да ги привлечеме и сите оние транзит-туристи што секое лето патуваат низ Македонија на летување во Грција. Со соодветна понуда и со атрактивноста на закупците можеме еден дел од тие туристи во летните месеци да ги донесеме тука. Од Солун до Белград нема таква попатна станица. Тоа ни е планот, тие туристи од Полска, Чешка, Романија, Србија да ги привлечеме тука, да застанат, па и да преноќат. Кога се планира летен одмор, се планира и шопинг.

Сметате дека има пазар за уште еден, уште поголем трговски центар?

-Пред да влеземе во една ваква инвестиција направени се три физибилити-студии, една наша и две од независни консултантски компании. Сите студии покажаа и го потврдија она што беше и наша процена за капацитетот и просторот. Вториот момент е тоа што целиот проект помина низ ригорозна процена и кај банките, кои го помогнаа овој проект од 72 милиони евра. Пет банки застанаа зад овој проект. Имаме повеќестепена потврда на физибилноста на проектот. Како групација, како дел од групацијата Балфин имаме искуство во овој бизнис. Оваа групација до 2016 го поседуваше Скопје сити мол, има два трговски центри во Тирана, па оттука состојбата на пазарот ни е добро позната. Презентиравме бизнис план потврден од повеќе независни страни и немаше зошто да не се влезе. Се разбира постојат и ризици. Никој не можеше да ја предвиди пандемијата, но ќе помине и таа криза и ќе продолжиме со нормалниот живот.

Што Ве предизвика да ја прифатите оваа позиција? Имате богата биографија во банкарството, во НБРМ, во една комерцијална банка...

-13 години работев во Народната банка на РСМ, потоа три години како главен оперативен директор во Алфа банка, потоа во Нептун ја дизајнирав целата гама за развој на продажбата односно „Лојалити програмата” и „Хепи” картичката на Нептун, која сѐ уште функционира.

И во овој проект, Скопје ист гејт, бев вклучен од самиот почеток, јас ги правев почетните анализи. Сѐ почна со пет бројки на еден лист хартија. Проектот почна со идеја за просторот што банките го имаа како обезбедување по еден нефункционален кредит. Имајќи предвид дека бев инволвиран во целиот процес од самиот почеток, како и претходното работно искуство, акционерите одлучија да ми ја доверат должноста да го менаџирам проектот за што сум многу благодарен. Ова е навистина уникатен проект за еден ваков мал пазар, и голем предизвик за мене.

И така го оставивте Скопје без саем...

-Не ние, туку Скопски саем, компанијата што го менаџираше саемот, го остави Скопје без саем.

За жал, таа компанија била доведена во таква ситуација и банките како кредитори со својот проблем на изложеност кон нив мораа да барат решение. Банките не се социјални институции. Имаат свои стандарди на работење, тие се дел од меѓународни банкарски групи, имаат обврски кон акционерите, тоа беше деловна одлука на банките и ние, условно кажано, им помогнавме на банките со тоа што најдоа купувачи на овој пазар. Банките најдоа сериозен партнер во инвеститорите Балфин и семејството Папранику, кои имаат инвестициски фокус на во овој регион. Така беше донесена одлуката да се инвестира. До денес во проектот се вложени над 50 милиони евра капитал на акционерите. Сметаме дека инвестицијата од овој размер има големо значење за развојот на економијата на нашата земја, особено во услови на намален обем на инвестиции во екот на ковид-19 пандемијата.

А.Д.

Објавено

Сабота, Март 20, 2021 - 14:20

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе