Преку развој на финтек секторот

Идната година треба да се намалат провизиите за електронски плаќања

Пониски провизии за електронските плаќања на трговците кон давателите на платежните услуги се очекуваат со развојот на финтек секторот, а што се овозможи со донесување на новиот Закон за платежни услуги и платни системи и влезот на финтек-компании. Очекувањата се тоа да се случи во 2022 година, а она што се применува во Европа да се достигне во 2025 година. Висината на заменските надоместоци треба да се ограничи на 1 отсто од вредноста на платежната трансакција во средината на 2022 година, а во 2025 година да се сведе на 0,2 отсто и 0,3 отсто.

Поширока понуда на полесно достапни, побрзи финансиски услуги со можност за инстант плаќања 24 часа во неделата, ќе бидат на располагање на граѓаните со развој на финтек секторот. Од Народната банка велат дека се предвидува можност за граѓаните за отворање платежна сметка со основни функции преку која ќе може да извршуваат платежни трансакции за намирување на нивните вообичаени обврски, односно сметки за вода, електрична енергија, греење, интернет и сл. или пак трансфер на парични средства на друго лице, без користење дозволено пречекорување.

„За извршувањето на овие трансакции, граѓаните ќе плаќаат разумна висина на надоместоци која не смее да биде повисока од 0,1 отсто од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци, додека граѓаните кои се корисници на одредени законски права ќе може да ги добиваат овие услуги без надоместок. Минималниот број трансакции коишто треба да ги обезбедат банките по оваа цена за граѓаните изнесува најмалку пет трансакции месечно, при што во овој број ќе се вклучуваат само плаќањата насочени кон други правни и физички лица коишто се клиенти на истата банка", информира Народната банка.

Последните расположливи податоци за 2020 година, што ги објавува Народната банка, укажуваат на тоа дека просечниот надоместок кој давателите на платежни услуги го наплатиле од трговците за плаќањата извршени со парични картички изнесува 1,21 отсто, при што тој варира во зависност од дејноста и големината на трговецот и се движи во распон од просечни 0,77 отсто за информатичка технологија и бела техника до 2,71 отсто за електронска трговија. Трговците, посочуваат од Народната банка, понатаму овие трошоци им ги пренесуваат на потрошувачите преку повисоки цени на производите и услугите.

„Заради намалување на овие трошоци, предвидено е висината на заменските надоместоци да се ограничи на 1 отсто од вредноста на платежната трансакција во средината на 2022 година и постепено да се намалува и на почетокот на 2025 година да се сведе на 0,2 отсто и 0,3 отсто од вредноста на платежните трансакции извршени со дебитни, односно кредитни картички, како што се тековно поставени во земјите од Европската Унија", наведуваат од Народната банка.

Со ова се очекува натамошна промена на навиките за плаќање во насока на поинтензивно користење на дигиталните канали за извршување и следење на плаќањата. Поширока понуда на полесно достапни, побрзи финансики услуги со можност за инстант плаќања 24 часа во неделата кои ќе им бидат на располагање на граѓаните преку развојот на овој сектор во земјата.

„Се очекува финтек-компаниите да понудат едноставни кориснички апликативни решенија за побрзо и поефикасно извршување на платежните трансакции во реално време и тоа 24 часа во неделата, преку воведувањето инстант плаќања кои овозможуваат извршување на трансферот на средства во кое било време кога физичките или интернет-продавниците се отворени или кога некое лице има потреба да добие пари, при што примачот на средствата ги добива неколку секунди по иницирањето на плаќањето", велат од Народната банка.

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе