Градежна комора: Не може еден случај да ги суспендира ДУП-овите во Центар, ќе растат цените на становите

Сѐ што бараме е почитување на законите, правото на сопственост, почитување на слободата на пазарот и сите останати права кои законски следуваат, а не се спроведуваат, велат од Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Суспензија на дел од деталните урбанистички планови во Општина Центар би предизвикала тежок економски удар врз градежниот сектор, преку механизми кои се целосно правно неиздржани и директно ќе му наштетат на градежниот сектор и граѓаните, реагира Градежната комора.

Ваквото постапување, според Комората, ја ограничува слободата на пазарот и претприемаштвото и директно ги загрозува уставно загарантираните права на граѓаните и претпријатијата.

„Доколку постои спорен случај институциите да понесат одговорност за грешките и да најдат начин како истиот спор да го разрешат, без да ги оштетуваат сите останати на кои им се загарантирани правата на сопственост и обезбедување подобри услови во живеалиште во оваа општина. Во изминатите три години, градежниот сектор беше жртва на два мораториума кои беа поништени од Уставниот суд, а кои предизвикаа огромна штета врз граѓаните, градежништвото и економијата воопшто. Со вакви постапки на работење директно се попречува работењето на претпријатијата и се ограничува правото на сопственост и стекнати права на имот. Преку механизми кои се бараат а се спротивни на позитивните прописи, се нарушуваат правата на граѓаните и претпријатијата, а со тоа се создаваат ненадоместливи штети по однос на имотот и економијата“, се наведува во реакцијата од Комората.

Оттаму предупредуваат за последиците од евентуални нови суспензии на ДУП-ови или блокирање на целосно легалните процеси и уставно загарантирани права.

„Градежните претпријатија кои во моментов имаат стекнати права на имот и целосно легални процедури за добивање дозволи за градба, ќе бидат приморани да поведат правни постапки против институции и лица кои ќе иницираат вакви дејствија, а се целосно спротивни на законот. Предупредуваме дека судските исходи од ваквите постапки ќе значат милионски казни и штети врз буџетот на централните и локалните институции. Градежниот сектор во изминатиот период делуваше конструктивно, со многу разбирање за политиките, кои поради погрешна имплементација де факто направија огромна штета врз градежниот сектор. Постапките на незаконско носење на мораториуми и слични дејствија не може повеќе да се толерира, а градежништвото тој товар ни финансиски не може да го издржи. Градежниот сектор е двигател на економијата и со себе движи дополнително уште 26 стопански гранки, меѓутоа во изминативе години е доведен во состојба да се бори со ликвидност. Дури 80% од претпријатијата се соочуваат со потешкотии во организација на работата и намалена деловна активност. Апсолутно е недозволиво преку противправни процедури да се попречува работењето на градежништвото, а со тоа и да се воведува економијата во стагнација“, се нагласува во реакцијата од Комората.

Оттаму апелираат до сите надлежни институции да се придржуваат до правните процедури и своите одлуки да ги носат во согласност со законите и Уставот.

Сѐ што бараме е почитување на законите, правото на сопственост, почитување на слободата на пазарот и сите останати права кои законски следуваат, а не се спроведуваат. Веруваме во спроведување на законски и уставно загарантирани права со кои ќе се надмине настанатата тешка ситуација во која градежништвото се наоѓа“, додаваат од Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Градежните компании бараат за нив државата да искреира посебен пакет мерки со кој ќе се ублажат негативните ефекти од ковид пандемијата во секторот. Бараат и недела да им биде работен ден поради спецификите на дејноста, односно неможноста да се одложуваат планираните проекти и договорените рокови.

Според прогнозите на градежниците, цените на становите се очекува да растат, но сѐ уште не може да се каже со колкаво темпо.

„Наша констатација и очекување во моментов е дека со покачување на минималната плата и најавените уште поголеми поскапувања на репроматеријалите, цените на становите ќе растат. Дополнително, граѓаните увидоа дека во време на пандемија е најдобро да вложуваат во недвижнини. Сепак, не би можел да кажам за колку ќе се покачуваат цените со оглед дека сме во најтешкиот момент за градежништвото и не знаеме колку тоа ќе трае“, рече Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото при Стопанската комора.

Во однос на состојбата во градежништвото и најновите барања, претседателот на Здружението посочи дека бројките во јануари 2021 година се поразителни. Секторот остварил реален годишен пад од 16,6 отсто што е резултат на намалувањето на извршените градежни работи кај високоградбата од 18,2 процента и кај нискоградбата од 14,9 отсто.

Градежништвто лани, напомена Серафимовски, не отпушти вработени, успеа со свои сили да ги издржи сите притисоци. Но, плановите и очекувањата на компаниите не се исполнија. Веќе постои несигурност и страв дека секторот може да се соочи со згаснување на одредени капацитети во некои потсектори.

„Досега не се преземени конкретни мерки за економска поддршка на градежните компании кои имаа можност да ги користат само општите мерки за поддршка на стопанството. Дополнително, одредени јавни политики и случувањата во индустријата на градежни материјали влеваат неизвесност и страв дека градежништвото не само што нема да биде двигател на растот, туку може да се соочи и со згаснување на градежните капацитети“, рече Серафимовски.

Анализите на Здружението покажуваат дека поскапувањата се движат до 80 отсто за челикот (бетонско железо и арматура до 30 проценти), до 25 отсто за дрвото, до 20 отсто за производи од битумен и масла, до 30 отсто за производи од сувата градба, до 50 отсто за синтетички цевки, плочи, фолии, геомрежи и геотекстил ПВЦ, ПЕ, ПП (стиропорот до 38 проценти) и до 30 проценти за заштитни премази, течна хидроизолација, епоксидни и полиуретански смоли. Кај последните две групи производи се најавени и задоцнувања на испораките, а има и откажувања на нарачките.

„Апелираме до Министерството за транспорт и врски да ги поддржи нашите барања и заложби. Веруваме дека ќе имаме поткрепа во оваа наша борба со што би се заштитиле над 55.000 вработени, над 5.000 компании би се одржале во форма и нема да има пречка во реализација на капиталните инвестиции“, рече Серафимовски.

Бројот на активни градежни деловни субјекти лани изнесувал 5.263 или 7,2 отсто од вкупниот број активни деловни субјекти во државата што е речиси исто ниво како во 2019 година. Најголем дел од нив, 4.395 или 83,5 проценти се компании со 1 – 9 вработени. Само 8 компании или 0,15 отсто имаат повеќе од 250 вработени. Бројот на вработени изнесува 55.165 лица или 6,9 проценти од вкупниот број вработени на ниво на државата што е пад од 1,6 оттсо во споредба со 2019 година.

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе