Реакција

Градежна комора: Да не се суспендираат урбанистичките планови заради случајот „Холидеј ин“

Градежната комора предупредува да не се суспендираат деталните урбанистички планови во општината Центар поради, како што се наведува, еден изолиран случај, затоа што ќе им се нанесе штета и на градежната индустрија и на граѓаните и ќе ја ограничи слободата на пазарот и претприемаштвото, спротивно на уставно загарантираните права на граѓаните и претпријатијата. Комората предупредува дека евентуалните судски исходи поради ваквите постапки ќе значат милионски казни и штети врз буџетот на централните и локалните институции.

„Апсолутно е недозволиво преку противправни процедури да се попречува работењето на градежништвото. Апелираме до сите надлежни институции да се придржуваат до правните процедури и своите одлуки да ги носат во согласност со законите и Уставот. Сѐ што бараме е почитување на законите, правото на сопственост, почитување на слободата на пазарот и сите останати права кои законски следуваат, а не се спроведуваат. Веруваме во спроведување на законски и уставно загарантирани права со кои ќе се надмине настанатата тешка ситуација во која градежништвото се наоѓа“, наведува градежната Комората.

Доколку постои спорен случај, институциите треба да си понесат одговорност за грешките и да најдат начин како спорот да го разрешат, без да ги оштетат сите останати на кои им се загарантирани правата на сопственост и обезбедување подобри услови во живеалиште во оваа општина, велат од Комората.

„Во изминатите три години, градежниот сектор беше жртва на два мораториуми кои беа поништени од Уставниот суд, а кои предизвикаа огромна штета врз граѓаните, градежништвото и економијата воопшто. Со вакви постапки на работење директно се попречува работењето на претпријатијата и се ограничува правото на сопственост и стекнати права на имот. Преку механизми кои се бараат, а се спротивни на позитивните прописи, се нарушуваат правата на граѓаните и претпријатијата, а со тоа се создаваат ненадоместливи штети по однос на имотот и економијата“, пишува Комората.

Во реакцијата, Градежната комора предупредува и на последиците од евентуални нови суспензии на ДУП-ови или блокирање на, како што вели, целосно легалните процеси и уставно загарантирани права.

„Градежните претпријатија кои во моментов имаат стекнати права на имот и целосно легални процедури за добивање дозволи за градба, ќе бидат принудени да поведат правни постапки против институции и лица кои ќе иницираат вакви дејствија, а се целосно спротивни на законот. Предупредуваме дека судските исходи од ваквите постапки ќе значат милионски казни и штети врз буџетот на централните и локалните институции. Градежниот сектор во изминатиот период делуваше конструктивно, со многу разбирање за политиките, кои поради погрешна имплементација де факто направија огромна штета врз градежниот сектор. Постапките на незаконско носење мораториуми и слични дејства не може повеќе да се толерираат, а градежништвото тој товар ни финансиски не може да го издржи“, подвлекува Комората.

Во реакцијата се додава и дека градежниот сектор поврзува 26 стопански гранки, но изминатите години е доведен во состојба да се бори со ликвидност.

„Дури 80 отсто од претпријатијата се соочуваат со потешкотии во организација на работата и намалена деловна активност“, нагласува Комората.

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе