МАСИТ

Голем раст на аутсорсинг-индустријата, државата треба да го препознае потенцијалот

Аутсорсинг-индустријата во земјава до 2022 година се очекува да надмине 15.000 вработени, што е три пати повеќе од 2018 година, кога вработувала 5.713 лица. Платите во оваа дејност изнесуваат 717 евра и се 82 отсто повисоки од државниот просек. Растот им е 14,9 отсто на годишно ниво или тројно повеќе од растот на просекот.

Според Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), аутсорсингот се зголемува значително побрзо од домашната економија и до 2022 година неговите приходи ќе се приближат до 288 милиони евра, а со оглед дека најмногу бара правници, економисти и јазичари, може да апсорбира голем дел од невработените во овие струки.

Но, и покрај ваквите перформанси, аутсорсинг-индустријата кај нас сè уште не е препознаена и за неа нема законска регулатива.

„Аутсорсинг-индустријата е една од најбрзо растечките во земјава, со двоцифрен раст на вработувањата во секоја од последните пет години и се развива како една од најветувачките индустрии во националната економија. Бројот на вработени кои работат во 187 компании изнесува 5.713, што е 0,6 отсто од вкупниот број вработени во економијата. Тоа е за 1.174 луѓе повеќе од 2017 година, а се очекува бројката да достигне 15.000 вработени во 2022 година. Технологијата напредува брзо, а со самиот развој на технологијата, расте и потребата од соодветна економска промена, развој на видовите услуги и потребата услужната индустрија да биде препознаена од државата, односно да биде вметната во постојната регулатива. Сепак, кога зборуваме за процесот на извоз на услуги, зборуваме за доходовна индустрија, која има голема иднина, не само кај нас, туку генерално гледано, на ниво на регионот на ЈИЕ, а и Европа“, вели извршната директорка на МАСИТ, Анита Никова.

Просечната бруто-плата по вработен во аутсорсинг-индустријата била 13.196 евра годишно во 2018-та, вкупниот износ на платени даноци за 2018 година изнесувал 6,7 милиони евра, а профитната маргина за 2018 година е 8,8 отсто.

„Аутсорсингот учествува со 2,9 отсто од вкупните трошоци за вработени во економијата за 2018 година што е голем удел, земајќи предвид дека се остварува со само 0,6 отсто од вкупниот број вработени во економијата. Аутсорсинг-компаниите врз основа на плати, персонален данок на доход и трошоци за социјален придонес, во 2018 година учествуваа со плаќања кои достигнале 75,4 милиони евра во однос на 28,7 милиони евра само пет години порано. Ако зборуваме за трошоците за вработените, тие се зголемуваат секоја година и достигнаа 75,4 милиони евра или 50 отсто од оперативните приходи на индустријата во 2018 година, за разлика од 36,6 проценти во 2014-та, кога биле само 28,7 милинои евра. Се очекува трошоците за вработените да се зголемат на 200 милиони во 2022 година“, истакнува Никова.

Најбрзо растечки сегмент во аутсорсинг-индустријата моментно се компаниите кои вршат аутсорсинг на ИТ-услуги (ITO), компаниите за услуги поврзани со човечките ресурси и т.н. кол-центри (VBPO). Сепак, како што нагласува Никова, има уште многу потенцијал за ширење во областите на правен и економски аутсорсинг, LBPO (Legal) и FBPO (Financial).

„Даночната клима кај нас е поволна и е една од најконкурентните во регионот. Со враќањето на рамниот данок од 10 отсто, повторно влегуваме во неколкуте држави кои нудат најдобри услови за бизнис. Локацијата и воопшто поврзаноста се одлични, близината со сите европски градови е голема придобивка што нè прави една од најдобрите „nearshore” дестинации. Културните разлики се незначителни, фактор кој е одлучувачки како за иницијална така и за континуирана соработка. Токму заради овие поволности и природниот развој, на аутсорсинг-индустријата треба да ѝ се посвети должно внимание, во насока на нејзино препознавање и поддршка за уште поголем развој. Во првиот Извештај за аутсорсингот направивме проекции за финансискиот развој и потенцијал и сериозно сметаме дека доколку оваа индустрија биде препознаена и поддржана како сегмент во економијата, бројките и проекциите би биле уште поголеми од предвидените“, потенцира извршната директорка.

Осврнувајќи се на Извештајот што беше објавен на 31 октомври, на годишната конференција на МАСИТ, Александра Чавдаревска, правничка во МАСИТ, вели дека високото ниво на јазични вештини кај работната сила во Северна Македонија е една од најважните конкурентни предности во однос на земјите од регионот.

„Учеството на населението на возраст од 25 до 34 години кое зборува најмалку еден странски јазик е 40 отсто што е бројка над просекот на ЕУ-земјите, каде што овој процент изнесува 38,7 заклучно со 2016 година, според податоци на Евростат. Земјата е исто така меѓу најдобрите три земји во ЈИЕ во однос на популација на возраст од 25 до 34 години која зборува два јазика. Мнозинството македонски компании кои работат аутсорсинг, работат за домашни компании како свои клиенти. Сепак ИТО-индустријата доминира во делот на меѓународно ориентирани компании за аутсорсинг, со главни странски пазари како САД и Германија, како и земји со значајна македонска дијаспора – Шведска, Албанија и Австралија и други земји од ЈИЕ, како што се Србија, Турција и Бугарија“, нагласува Чавдаревска.

Интересен е податокот дека дипломирани млади луѓе подобни за работа во аутсорсинг-индустријата лани биле само 3.141 или 5,5 отсто од вкупно запишаните. Од друга страна, повеќе од 5.000 македонски студенти тековно студираат во 36 земји во странство, во Турција, Словенија, Бугарија, Италија, Австрија и САД.

„Ќе треба да се интензивираат напорите за развој на целата економија со цел нивно враќање тука во што поголем број“, укажува Чавдаревска и додава дека е позитивно барем тоа што 14 од 22 универзитета кај нас имаат факултети соодвенти за аутсорсингот.

Аутсорсинг-бизнисот се шири во светски размери, а одлучувачки се повеќе фактори: број на кадри, вид и ниво на образование, локациска и културолошка одреденост. Во BPO-индустријата предничат Индија, Израел, Филипините, Кина, Украина, согласно најновите податоци на Business ranker, додека од регионот најпозитивен пример е Бугарија.

Македонските аутсорсинг-компании оперирират на пазарите во САД, Германија, Обединето Кралство, Канада, во земјите со силна македонска дисјаспора – Шведска и Австралија, како и во земјите од регионот – Бугарија, Србија, Албанија и Турција. Најголемиот потенцијал како извозни дестинации се скандинавските и земјите со англиско говорно подрачје.

Повеќе од 85 отсто од компаниите во индустријата вработуваат помалку од 50 луѓе, а шест имаат повеќе од 150 вработени – Сивус, Мај Пица, Ендава, Нетцетера, Таскфорс БПО и Ассеко. Повеќе од 80 отсто од аутсорсинг-компаниите, пак, се со седиште во Скопје, а остатокот се во Битола, Тетово, Прилеп и Струмица

„Аутсорсинг-индустријата има потреба од соодветно препознавање, соодветна законска регулатива и поддршка за извоз од државата преку соодветна стратегија за мерење и извоз на услугите. Кога зборуваме за аутсорсинг-услуги и нивен извоз, зборуваме за индустрија базирана на знаење со висока додадена вредност пред која е голема иднина, не само кај нас, туку генерално гледано, на ниво на регионот и на цела Југоисточна Европа. Неразвиената инфраструктура е голем проблем, како и сивата економија и емиграцијата на високо образованите луѓе. Бројот на таленти потребни во аутсорсинг индустријата треба што побрзо значително да се зголеми, исто како и бројот на STEM дипломирани студенти. Неопходни се реформи во образовниот систем за надминување на јазот меѓу средите училишта и универзитетите, од една страна, и пазарот на труд од друга. Со еден збор, нужен е фокусиран напор за подигнување на свеста за аутсорсинг-индустријата во Северна Македонија, како клучна извозна гранка“, порачуваат од МАСИТ.

МИА

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе