Во ТИРЗ Скопје 2

„Гересхајмер" ќе отвори нова фабрика за 180 работници и нуди добра плата, објави Владата

Германската фармацевтска компанија „Гересхајмер" отвора нова фабрика во ТИРЗ Скопје 2 во која ќе вложи над 126 милиони евра, што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на Технолошко-индустриските Развојни Зони (ТИРЗ). Во план е вработување на 180 лица со плата двојно повисока од просечната во Македонија. Одлуката за инвестицијата на компанијата ја соопштил потпретседателот на „Гересхајмер", Оливер Бургел на средбата со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Во соопштението на Генералниот секретаријат на Владата е наведено дека премиерот Ковачевски искажал задоволство од одлуката на компанијата „Гересхајмер" да инвестира во Македонија „што е потврда за владините економски политики и позитивната инвестициска клима во земјава“.

Премиерот Ковачевски истакнал дека новите инвестиции и вработувања во услови на светска криза се од голема важност за подобрување на стандардот на граѓаните и економскиот развој. Во оваа насока премиерот посочил дека Владата силно го поддржува дуалното образование за кариерен развој на младите лица, како и соодветни тренинг програми со цел продуцирање на квалификуван кадар за потребите на компаниите.

„Премиерот Ковачевски ја истакна важноста на германските инвеститори во земјата, како и рекордно зголемената трговската размена меѓу Северна Македонија и Германија. Премиерот подвлече дека Владата продолжува да создава деловен амбиент за развој на бизнисите преку регионалните иницијативи, како 'Отворен Балкан', како и со редовна комуникација со стопанските комори за компаниите да имаат предвидлив деловен амбиент и да можат долгорочно да ги планираат инвестициските циклуси“, се вели во соопштението.

Директорот на ТИРЗ, Деспотовски нагласил дека Македонија влегува на мапата земји кои имаат капацитет и услови за сериозно големи висококвалитетни инвестиции од кои има директен бенефит за граѓаните и државата. Тој додал дека ова се должи на новиот концепт на ТИРЗ кој се базира на препознавање на потребите на инвеститорите и флексибилниот пристап. Исто така нагласил дека клучен адут во привлекувањето на странски инвестиции во контекст на глобалните случувања е стабилноста гарантирана со членството во НАТО.

На состанокот потпретседателот на „Гересхајмер", Бургел истакнал дека Македонија има одлична клима за водење бизнис.

Пристапот до квалитетна инфраструктура, соодветна квалификувана работна сила и добрите пракси на работење биле клучни за одлуката за оваа голема инвестиција, нагласиле од менаџментот на компанијата „Гересхајмер".

Во новата фабрика на фармацевтскиот гигант „Гересхајмер" со високо-напредна технологија ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини и слично. Планирано е отворање на над 180 нови работни места со просечна плата двојно над државниот просек. Почетокот на градбата се планира во третиот квартал од 2022 година, додека сериското производство треба да започне во 2024 година.

Во соопштението се наведува дека „Гересхајмер" во ТИРЗ 2 веќе го реализира првиот проект за производство на технолошки продукти за фармацевтската индустрија. Првичната инвестиција од 25 милиони е веќе зголемена на над 60 милиони евра.

Според владиното соопштение, со успешната реализација на двата проекти на „Гересхајмер", Македонија ќе прерасне во една од најатрактивните инвестициски дестинации на компанијата за сите идни планови за проширување на активностите во Европа.

„Гересхајмер" е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика, како шприцеви, канили, шишенца за вакцини и сл. Оваа компанија има погони за производство во над 36 локации во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија со околу 10.000 вработени и остварува приходи од приближно 1,4 милијарди евра.

Римскиот политичар и филозоф, Марк Тулиј Цицерон, во I век пред н.е. укажал дека „кога немате основа за аргумент, злоставувајте го тој што ве обвинува“.

повеќе

Со појавата не енергетската криза многу земји отстапија од зацртаните планови за намалување на емисиите на стакленички гасови.

повеќе

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе