Анкета на Стопанската комора

Фирмите во април очекуваат зголемен пад на производството, извозот и прометот

Целосно запирање на производството во април очекуваат 23 проценти од компаниите, а сите останати предвидуваат намалување на производството до 50 отсто. Пад на извозот над 50 отсто очекуваат 15 проценти од фирмите, додека целосен престанок на извозните активности прогнозираат 22 отсто од претпријатијата, покажува втората анкета на Стопанската комора на Македонија.

Зоран Јовановски

Анкетата е спроведена од 7 до 14 април 2020 година, а вклучува одговори на компании што минатата година заедно имале вкупни приходи од 94,4 милијарди денари или 1,53 милијарди евра. Според бројот на вработени, од анкетираните фирми, 21 процент се микро, 25 отсто се мали, 29 проценти се средни и 25 отсто се големи фирми. Во однос на дејноста, повеќе од половината анкетирани или 53 отсто се од преработувачката индустрија и градежништвото (преработувачката индустрија 36 отсто, градежништво 17 отсто).

Дел од компаниите укажуваат на проблеми со достава на суровини, а некои веќе воопшто немаат залихи.

„Во однос на суровините, 54 отсто од анкетираните фирми немаат недостаток или прекин на достава на суровини. Преостанатите имаат проблем: 26 проценти имаат прекин за достава од ЕУ, 11 отсто имаат прекин за достава од земји вон ЕУ и девет отсто се соочуваат со прекин за достава од земјата. Вкупно 18 проценти од анкетираните фирми немаат никакви залихи, а 58 отсто ќе ги исцрпат постојните залихи во првите два месеца од кризата. Ваквото ниво на залихи, комбинирано со недостатокот или прекинот на достава на суровини, укажуваат на потенцијално зголемени проблеми за претпријатијата по истекот на првите два месеца од кризата“, вели советникот за економски прашања во Управниот одбор на Комората, Зоран Јовановски.

Според него, кај обемот на производство, во март 2020 година, 16 отсто од анкетираните фирми пријавиле дека производството се одвивало нормално, но за април такво нешто очекуваат само седум проценти. Пад на производството поголем од 50 отсто за март пријавиле 17 проценти од анкетираните, но за април таков пад очекуваат 23 отсто од фирмите. Целосен престанок на производството во март пријавиле 13 отсто, а такво нешто во април очекуваат 23 проценти од анкетираните фирми. Сите други фирми очекуваат, со релативно рамномерен распоред на големината на падот, намалување на производството до 50 отсто.

„Состојбите се слични и кај извозот. За март, 40 отсто од анкетираните претпријатија пријавиле дека извозот се одвива нормално, а такво нешто за април очекуваат 34 проценти. Пад на извозот над 50 отсто за март пријавиле 13 проценти од фирмите, а очекувања за ваков пад во април имаат 15 отсто од фирмите. Целосен престанок на извозните активности во март пријавиле 16 проценти, а во април 2020 година тоа го очекуваат 22 отсто од анкетираните фирми. Сличен е трендот и кај увозот. Нормално одвивање на увозните активности за март пријавиле 32 оттсо, додека за април тоа го очекуваат 29 отсто од анкетираните фирми. Пад на увозот за повеќе од 50 проценти во март регистрирале 10 отсто од фирмите, а такво нешто за април очекуваат 13 отсто од фирмите. Целосен прекин на увозната активност за март пријавиле 15 проценти од анкетираните фирми, но веќе 21 отсто од нив тоа го очекуваат за април 2020 година“, истакнува Јовановски.

Во однос на движењето на прометот, за март 2020 година вообичаено ниво на промет пријавиле 16 отсто од анкетираните фирми, 13 проценти од нив пријавиле пад од 41 отсто до 50 проценти, а 25 отсто од фирмите пријавиле пад на прометот поголем од 50 отсто. Анкетата укажува на песимистички очекувања за прометот во април 2020 година. Само четири отсто од анкетираните фирми очекуваат нормален обем на промет, 10 отсто од фирмите очекуваат пад од 41% до 50 отсто, а дури 48 проценти од фирмите очекуваат пад на прометот поголем од 50 отсто.

Според Јовановски, влошените очекувања за април, искажани од страна на фирмите, добија генерална потврда од јавно искажаните наоди на Управата за јавни приходи во однос на падот во наплатата на данокот на додадена вредност во првите две недели на април.

Во анкетата на Стопанската комора, релативно значајно учество имаат и претпријатијата со објекти за сместување и сервисни дејности со храна, како и трговските претпријатија. Најголем дел од анкетираните, 17 проценти се од Општина Центар, 10 отсто се од Прилеп, седум отсто од Гази Баба, по 6 проценти од Илинден, Битола и Куманово, 4 отсто од Тетово. Дури 79 проценти од анкетираните претпријатија работат повеќе од 10 години.

Првата анкета за влијанието на коронавирусот врз бизнис секторот, Стопанската комора ја објави на 20 март.

 

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе