ЕСМ од утре го презема управувањето со БЕГ

ЕСМ денеска попладне на владина седница треба да го достави Предлог-договорот за соработка со БЕГ и веќе од утре да го преземе управувањето со топлинската енергија. Министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека греењето ќе биде продолжено до еден часот по полноќ и оти ќе нема намалување на температурата на греење.

„Денеска попладне на владина седница ЕСМ е обврзан да го достави Предлог-договорот за техничка соработка со БЕГ. Согласно одлуката за прогласување на кризна состојба во делот на топлинската енергија, дополнително ќе вбризгуваме средства во ЕСМ. Од утре, ЕСМ ќе управува со БЕГ снабдување, БЕГ дистрибуција и БЕГ производство со цел граѓаните на град Скопје во континуитет и сигурно да бидат снабдувани со топлинска енергија до крајот на грејната сезона“, изјави денеска Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања.

Договорот меѓу ЕСМ и БЕГ, како што најави, ќе биде јавно достапен.

На 14 јануари Владата одлучи БЕГ да го стави под еден вид на „принудна управа“ до крајот на грејната сезона, и преку ЕСМ да го стабилизира пазарот на топлинска енергија.

„Ние не субвенционираме приватни фирми и затоа е донесена одлука од страна на ЕСМ, која е фирма во 100 процентна сопственост на државата, да се преземе управувањето со БЕГ. Преку државната ЕСМ ќе се покрива разликата од реалната и постојната цена за корисниците“, изјави пред неколку дена Бектеши.

Долговите што ги прават БЕГ и АД Скопје Север кон АД Те-то и Макпетрол за снабдување со гас во изминатите неколку дена заклучно со 21 јануари ќе треба да ги решат приватните компании со меѓусебни договори за одложено плаќање или на некој друг начин.

Бектеши најави и постапки во Обвинителството за издавањето на лиценците за БЕГ во 2012 година и за обврските што ги има согласно дадената лиценца.

„Во Буџетот се предвидени ставки да им излеземе во пресрет и во случај ако има дополнителна здравствена криза истовремено и економска енергетска криза. За тоа се предвидени речиси 100 милиони евра и дополнително 30 милиони евра во друга ставка од каде можат да се користат овие средства“, вели Бектеши.

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе