„Избрано и именувано лице, одговорно лице во јавно претпријатие или друго правно лице со доминантен државен капитал не може да врши функција на член на управен одбор или на друг вид надзорен одбор. Ние сакаме да потврдиме дали таа е или не е, избрано или именувано лице. Од друг апсект таа не може да врши надзор, ако сакате да ја поврзете со таткото Џафери, на функција врз блиско лице. Сега дали се тие блиски лица, дали живеат во исто домаќинство и тоа е под знак на прашање и дали надзорниот одбор ќе врши надзор над Собранието. Тоа сигурно нема да врши, останува првиот дел да се провери“, изјави Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.
Пред неколку години и вработувањето на Бесијана Џафери Беќири во ЕСМ предизвика реакции во јавноста. Нејзината нова функција е дополителна работна обврска, велат од ЕСМ.
„Бесијана Џафери Беќири е вработена како правник во секторот за развој и инвестиции и е член на надзорот на едно од ДООЕЛ-ите. Во текот на изминатата грејна сезона вклучена беше во работни задачи при процесот на менаџирање на БЕГ од страна на АД ЕСМ, кои задачи ги изврши на највисоко професионално ниво, како впрочем и сите други споменати вработени“, стои во соопштението на ЕСМ.
Електрани на Северна Македонија формираше три фирми кои ќе може да се јават на јавниот повик за фирма која ќе го снабдува главниот град со топлинска енергија.
Од ЕСМ велат дека вршителите на должност управители и надзорот на новите друштва за топлина се вработени во АД ЕСМ и дека биле вклучени во енергетската криза претходната грејна сезона.
Пред неколку месеци државата ѝ ги одзеде сите лиценци на фирмата БЕГ која го снабдуваше Скопје со топлинска енергија.
Од 1 август цената на парното поскапе за 14 проценти.
Со „ЕСМ снабдување со топлина“ ќе раководи шефот на изборниот штаб на ДУИ, Месуд Јакупи.
„ЕСМ дистрибуција на топлина“ ќе ја превземе топловодната мрежа, каде за директорка е назначена Менка Јовановска.
Директор на „ЕСМ производство на топлина“, компанијата која ќе треба да набави на природен гас за затоплување на околу 60.000 скопски домаќинства, е Златко Пиперкоски, електроинженер кој лани беше разрешен од позицијата директор на РЕК Осломеј.