Економски форум во Скопје, дебати и договори за поврзан Балкан

„Поврзан Балкан“ е главниот панел на Регионалниот економски  форум што ќе се одржи денеска во Скопје, а на којшто ќе учествуваат премиерите на Македонија и на Албанија,  Зоран Заев и Еди Рама, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и претставници на повеќе од 300 компании од регионот и од меѓународни институции.

На настанот, според најавите, ќе биде објавено новото име на регионалната иницијатива што досега беше неформално нарекувана „Мал Шенген" и ќе бидат потпишани трилатерални договори што ќе го подобрат животот на граѓаните и на бизнис заедницата од Западен Балкан.

Програмата на форумот почнува со воведни обраќања на Заев, Вучиќ и Рама, кои потоа ќе учествуваат на економскиот панел на кој ќе говорат и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија и Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија.

По економската дебата следи церемонија на потпишување на два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор. Предвидено е да бидат потпишани Договор за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан и Меморандум за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан, кои произлегуваат од иницијативата за напредна регионална економска соработка меѓу Македонија, Србија и Албанија. Тие претставуваат операционализирање на иницијативата за подобрување на условите во однос на размената на стоки и услуги, како и на иницијативата за соработка меѓу државите во однос на заштита и спасување од катастрофи.

Меморандумот за разбирање за олеснување на увоз, извоз и движење на стоки во Западен Балкан, како што појаснуваат од Владата, се темели на подготвеноста на политичките водства на трите држави за зајакнување на меѓусебните односи и разбирање, особено во областите на увозот, извозот и движењето на стоки, со цел отстранување на пречките во меѓусебната прекугранична трговија, придонес за напредок на економската соработка и за зголемување на обемот на меѓусебна трговска размена.

Меморандумот содржи одредби за поедноставување на формалностите поврзани со увоз, извоз и движење/транзит на стоки, соработката на царинските и другите надлежни органи, како и посебни одредби за безбедноста на храната, ветеринарни и фитосанитарни прашања и слободното движење на индустриски непрехрамбени производи.

Со Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан, пак,  договорните страни ја регулираат рамката на условите за доброволно давање на помош во случај на катастрофи: планирање и спроведување на мерки за заштита од природни непогоди и несреќи од поплави, земјотреси, пожари, загадување на животната средина, несреќи на пловни објекти, радиолошки опасности, пандемии, како и индустриски и други катастрофи, взаемно известување за заканите, настанувањето и последиците од катастрофи, едукација и обука на персоналот на службите, единиците за заштита и спасување и другите членови на спасувачките тимови, размена на научни и технички податоци и други документи релевантни за заштита од катастрофи и соработка во развој и производство на опрема за спасување и обезбедување помош.

Договорот, исто така, предвидува и обврска за известување за закани, процедури за поминување на границата за целите на спасување и давање помош, заштита и поддршка на работата на спасувачките тимови и индивидуални експерти, начин на надомест на штети, начин на обезбедување грижа и помош на евакуирани лица и користење на средства за комуникација.

Третиот меморандум, како што појаснуваат од Владата, е особено значаен за движењето на пазарот на трудот во регионот и со него договорните страни ја изразуваат својата волја да го олеснат движењето на луѓето со цел да обезбедат полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со цел отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките во врска со дозволата за привремен престој. Овој меморандум е во насока на потврда на заложбата за спроведување на правото на ЕУ во областа на слободно движење на работниците и подготвување за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ.

Форумот е во организација на Кабинетот на премиерот Заев, во координација со кабинетите на Вучиќ и Рама, а во соработка со стопанските комори од регионот. 

 

 

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе