УЈП и Државниот инспекторат за труд во контрола

Државни пари за плати добиле и фирми кои не ги исполнувале условите

Финансиска помош од државата добиле и фирми кои не го исполнувале условот за добивање финансиска поддршка во однос на намалување на приходите, како и фирми кои го намалиле бројот на вработени повеќе од законски утврденото во месеците откако е доделена помошта, утврдиле Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот инспекторат за труд (ДИТ) во координираната контрола спроведена во декември и јануари.

Двете институции констатирале неправилности кај 26 компании во врска со земената финансиска поддршка, а 41 работодавач направиле неправилности во однос на исплата на плата и на минимална плата.

Податоците од спроведените контроли на прес-конференција денеска ги соопштија директорката на УЈП, Сања Лукаревска и директорката на ДИТ, Јована Тренчевска. Како што соопштија, заедничките контроли се спроведени во текот на декември 2020 и јануари 2021 година, кај фирми кои користеле државна помош за исплата на плата во месеците април, мај и јуни и во октомври, ноември и декември, по спроведена анализа од УПЈ за фирми кои користеле финансиска поддршка од државата, а не исплатиле плата на вработените во април, мај, јуни, октомври и ноември 2020 година и критериуми за контролите биле износот на добиена поддршка, бројот на вработени, неисплатена плата повеќе од еден месец, како и врз основа на добиени пријави од граѓани.

„По овој основ во декември 2020 и јануари 2021 година се извршени контроли кај 60 даночни обврзници од областите подготовка на оброци и служење храна, изградба на згради, копнен транспорт, цевоводен транспорт, трговија на мало, туристички агенции, градежништво и слично. Притоа кај 16 фирми се констатирани неисполнување на условот за добивање финансиска поддршка во однос на намалување на приходите, кај 7 субјекти е констатирано намалување на бројот на вработени повеќе од законски утврденото во месеците откако е доделена помошта, 2 работодавачи не го исполнувале условот и за намалување на приходите и намалување на бројот на вработени, а еден работодавач кај кој е констатирано намалување на бројот на вработени веќе имал извршено враќање на помошта“, информираше Лукаревска.

Според Уредбата за помош за исплата на плата во април, мај и јуни и законското решение за помош за исплата на плата за месеците октомври, ноември и декември, како што рече Лукаревска, доколку работодавачот не ги исполнува условите треба да ја врати добиената финансиска поддршка во целост, заедно со камата согласно Законот за даночна постапка. За работодавачот пак кој дал изјава за исполнување на условите за користење на поддршката, а не ги исполнил, се постапува согласно Кривичниот законик.

Лукаревска кажа и дека се спроведуваат и контроли во 11 фирми од текстилна и кожарска дејност и обврзници кои се занимаваат со продажба на кондиторски производи по основ на Данок на добивка, ДДВ, данок на личен доход, а поради утврдени одредени отстапувања од даночните пријави и завршните сметки. Таа додаде и дека контролите на даноците се спроведуваат за изминатите пет години и дека кај два даночни обврзника се соочуваат со несоработка и од страна на одговорните лица и дека истите контроли ги насочуваат кон финансиската полиција.

Кај овие субјекти се спроведуваат контроли заедно со Државниот инспекторат за труд за неисплатени плати на работниците.

Како што соопшти Тренчевска, извршени се вкупно 74 надзори кај исто толку правни субјекти, а предмет на контрола било да се утврди дали работодавачите им исплатиле плата и придонеси од плата на работниците согласно Законот за работни односи и дали исплатената плата е во износ на утврдената минимална плата утврдена со Закон и утврдената основна плата во договорот за вработување согласно Законот за работни односи и Закон за минимална плата. Притоа се утврдени неправилности кај 41 работодавач.

„Согласно законските надлежности на ДИТ донесени се 41 решение со опомена работодавачите да ги отстранат неправилностите. Утврдените неправилности при инспекциските надзори се однесуваат на неисплатена плата и придонеси од плата на работниците во рокот утврден во Законот за работни односи, најдоцна по истекот на 15 дена, како и доплата на плата до минимална плата кај оние работодавачи кои исплатиле износ понизок од утвдената миниманлна плата“, рече Тренчевска.

Таа додаде дека по донесените решенија извршени се и контролни инспекциски надзори со цел да се види дали работодавачите постапиле по решенија и дали ги отстраниле неправилностите, при што е констатирано дека 10 работодавачи постапиле по донесените решенија, шест не постапиле за што е изречена инспекциска мерка решение со наредба и даден е рок од осум дена за постапување, кај еден работодавач кој не постапил по ова решение изречен е прекршочен платен налог во износ од 200 евра во денарска противвредност за претпријатието, кое е микро претпријатие до 10 вработени и за одговорното лице од 150 евра во денарска поротиввредност. Неправилноста се однесувала на неисплатана плата на еден вработен.

Тренчевска најави дека ќе се продолжи со инспекциски контроли и ќе бидат санкционирани оние кои не ги почитуваат законските одредби, а ќе се продолжи и со кооридинирани акции со УЈП со цел платите да се исплатат редовно.

Лукаревска одговорајќи на новинарско прашање рече дека контролите во текстилните фабрики се вршат пет години наназад и не се прави провидна контрола, за да може да се детектираат работодавачи кои прават злоупотреба при исплата на платата.

 

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе