По вчерашната владина одлука

Државата конечно стави крај на злоупотребите со екстра лесното гориво во транспорт

Со изедначување на акцизата за екстра лесното и дизелот се става крај на злоупотребите. Со тоа се спречува понатамошно оштетување на буџетот и на животната средина, бидејќи поради злоупотребите на екстра лесното гориво во транспортот државата досега губеше по 12 денари на литар, а животната средина 100 пати повеќе – поради поголемата содржина на сулфур.

Државата донесе конкретни мерки за сузбивање на криминалот со ова гориво, откако анализата на Царинската управа го констатира тоа што со години се знае, дека големата разлика во цената меѓу дизелот и екстра лесното гориво мотивира одделни субјекти да го продаваат спротивно на законите, а одредени корисници да го користат спротивно на намената, како погонско гориво во моторните возила, механизациските машини, уреди и постројки што е забрането.

Со носењето на мерката добиваат буџетот на државата, животната средина и граѓаните, бидејќи повеќе го нема економскиот мотив за правење малверзации и користење на екстра лесното во транспортот.

Изедначувањето на акцизата на црвената нафта и дизелот, освен поголеми приходи во буџетот ќе резултира и со намалување на емисијата на сулфур во воздухот за 100 пати од 50 илјади килограми, на 500 килограми на годишно ниво.

Дизелот што се продава на бензиските станици во нашата држава мора да ги исполнува минимум Еуро 5 нормите за издувни гасови кои се пропишани со македонскиот стандард МКС ЕН 590, односно не смее да содржат повеќе од 10 милиграми сулфур на килограм, додека екстра лесното – 1 гориво, што е наменето за домаќинства и индустрија и има црвена боја не смее да содржи над 0,1 % м/м сулфур што е еквивалент на 1.000 милиграми на килограм.

Екстра лесното гориво, според анализата на Царинската управа, има удел од 5,6 проценти во вкупните годишни количини на нафтени деривати пуштени во потрошувачката, што е занемарливо споредено со над 72 проценти удел на дизелот. Но, е значително повисок во однос на еуросупер БС 98 горивото кое имало пазарен удел од 2,2  проценти во 2019 година. 

Статистиката покажува дека годишно во нашата држава се трошат 50 милиони литри ЕЛ-1, додека за да се задоволат годишните потреби на домаќинствата потребни се не повеќе од 5 милиони литри, што значи дека околу 45 милиони литри од ова гориво завршувале во транспорт, што е спротивно на законот.

За злоупотребите со екстра лесното гориво во нашата држава се зборува подолого време.

Стопанската комора уште во април годинава отворено излезе со иницијатива за конечно ставање крај на злоупотребите со ова гориво, а идејата беше поддржана и од дистрибутерите на нафта и нафтени деривати во државата.

По неколкумесечни анализи тоа и официјално беше констатирано во анализата на Министерството за финансии, по што државата излезе со конкретни мерки за спречување на понатамошни злоупотреби со црвената нафта.

А.Д.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе