За надминување на кризата со ковид-19

Домашната платежна картичка „Купувам домашно“ ќе ја добијат 324.479 граѓани, за нив се наменети 28 милиони евра

Домашната платежна картичка ќе ја користат 324.479 корисници. Денеска е објавена конечната листа на веб-страната kupuvamdomasno.gov.mk, а веќе се печатат и првите картички и наскоро ќе почнат да се издаваат на корисниците. За оваа мерка Владата ќе даде 28 милиони евра за да ги поддржи граѓаните, но и домашното производство и услуги во надминување на ковид-19 кризата, бидејќи со овие картички ќе можат да се купуваат само домашни производи, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција, на која беше и заменик министерката за финансии, Ширет Елези.

Ангеловска информираше дека банките ќе почнат да ги доделуваат картичките од крајот на оваа недела, а сите картички ќе треба да бидат издадени најдоцна до 18 јули и искористени најдоцна до 15 август.

„Заведени се вкупно 324.479 корисници на листата за Домашна платежна картичка и согласно тоа мерката ќе чини 28 милиони евра. Со овие средства ќе се поддржат таргетираните категории граѓани, ќе се поттикне потрошувачката на домашни производи и услуги и преку вбризгување на 28 милиони евра ќе се поттикне економската активност. Ова ќе придонесе за ревитализирање на македонската економија во услови на ковид-19“, рече Ангеловска.

Корисниците, како што кажа таа, ќе ја добијат едноставно и без постапки за аплицирање. Тие ќе добијат Домашна платежна картичка препознатлива со слоган „Купувам домашно“ која ќе ја издаваат банките, на која ќе се наоѓаат средствата и која ќе можат да ја користат. Листата на граѓани на кои им следи финансиска поддршка e објавена на страната kupuvamdomasno.gov.mk. Со внесување на својот ЕМБГ секој граѓанин ќе може да го провери износот кој му следи и да добие информација за банката издавач која ќе му ја издаде картичката. Банките ќе ја доставуваат картичката до адресата на корисникот на финансиска поддршка, или лицето ќе може да ја подигне во банка. Банките оваа информација ќе ја објават на својата веб-страна и ќе исконтактираат во јавност.

Издавачи на Домашната платежна картичка се НЛБ Тутунска Банка, Стопанска Банка-Скопје, Комерцијална Банка, Халк Банка, Шпаркасе Банка, Охридска Банка, УНИ Банка, Централна Кооперативна Банка и Силк Роуд Банка.

Корисници на Домашната платежна картичка се граѓани со низок доход, односно 115.927 лица - приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во АВРСМ до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 180.000 ден во 2019 и нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април 2020 согласно евиденцијата на УЈП. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка.

Корисници се и вработени со низок доход кои се 117.144 лица и тие ќе добијат 3.000 денари еднократно. Ова се лица кои се во работен однос и кои за периодот јануари- април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. Тие ќе добијат и ваучер за домашен туризам од 6.000 денари преку мерката за јакнење на домашниот туризам на Министерство за економија.

Домашна картичка добиваат млади лица чиј број изнесува 87.014 кои ќе добијат еднократно 3.000 денари. Станува збор за лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.

Домашна картичка ќе добијат и 4.394 здравствени работници ангажирани во справување со ковид-19, кои ќе добијат 40 отсто од последната основна нето-плата. Станува збор за вработени во ЈЗУ, Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, Центри за јавно здравје, Итна помош, инфективните одделенија и  вработени во други одделенија ангажирани за тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од ковид-19.

Граѓаните кои имаат една трансакциска сметка кај банка издавач на картичката ја добиваат од таа банка. Граѓаните кои имаат две трансакциски сметки, картичката ја добиваат од банката преку која добиваат плата или социјална помош. Оние граѓани пак, кои имаат трансакциска во банка која не е дел од проектот и граѓаните кои немаат трансакциска сметка се распределени кај една од банките според принцип на фер распределба.

Банките на своите интернет страни ќе ја објават постапката за комуникација со клиентите и начинот на нивната достава на картичките, односно доколку лицето е постоечки клиент на банката ќе добие смс порака кога ќе биде готова картичката и како ќе се подигне, а доколку лицето е корисник на финансиска поддршка и нема сметка во банката во која е распределен, банката ќе го контактира и ќе го извести за начинот на издавање и достава на картичката. На интернет страните ќе бидат објавени договори за издавање на картичките и отворање на сметка, кои граѓаните ќе можат да ги потврдат електронски. Картичката, банката ќе ја достави до адреса на граѓанинот или ќе може да се подигне во банка.

Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги  во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало, продавници за храна и пијалаци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување.

Продавниците ќе треба да обезбедат обележани гондоли-рафтови со ознака „Купувам домашно”. Со картичката може да се плаќаат македонски производи и услуги на физички и онлајн локации на деловни субјекти кои вршат одредените дејности, но не може да се вади готовина од банкомат, да се плаќа надвор од земјата, да се префрлаат средства кон други сметки.

Картичката ќе биде поврзана со наменска сметка, а за истата граѓаните нема да имаат никакви трошоци, односно нема да плаќаат надоместоци за издавање, водење, управување до крајот на 2020 година, членарина првата година и нема да плаќаат за затворање на сметката и картичката на барање на лицето корисник.

Ангеловска порача дека без разлика дали поседува домашна платежна картичка, кога одат да пазарат за секојдневни потреби да пазарат според начелото „Купувам домашно“.

„Без разлика дали поседувате домашна платежна картичка, кога одите да пазарите за секојдневните потреби, пазарете според начелото ‘Купувам домашно‘. Кога купувате домашен производ или услуга придонесувате да се зачува работното место на вработените во производствените погони, на угостителите, занаетчиите, блиски познаници, луѓе кои не ги знаете, но во овој момент потребна им е поддршката да ги надминат последиците од ковид-19 кризата. Пораката која ја носи овој проект е - Купувајте домашно и плаќајте безготовински. Готовината е преносител на ковид-19. Картичката е само ваша. Безготовинско плаќање придонесува за намалување на ризиците и за намалување на неформалната економија која е штетна за сите нас и нашата економија“, вели Ангеловска.

Домашната платежна картичка е дел од третиот сет економски мерки кои имаат за цел да ја заживеат економијата во фазата на нејзино постепено реотварање и креирање на нова развојна македонска економија. 

 

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе