Деспотовски: Ја поттикнуваме соработката со компании од Западен Балкан

Македонската економија има реална потреба од поддршка од државата, но има и доверба во процедурите што ги реализира Фондот за иновации и технолошки развој. Не сметам дека некој ќе вложи време во подготовка на сериозна инвестиција ако знае дека средствата се доделуваат по партиска, семејна или коруптивна основа. Тоа не е случај со ФИТР и оттаму интересот и довербата од компаниите, за кои зборуваме, истакна во интервјуто за МИА директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

Во моментов имате активен повик за грантови за технолошки развој за надминување на последиците од Ковид-19, дали има заинтересираност, колку апликации се поднесени?

- Интересот за јавниот повик за брзо прилагодување е огромен. Во моментот имаме над 1.500 подигнати апликациски пакети. Потсетувам, повикот уште не е затворен и трае до 29 јуни. Очекувам бројка од 2.000 подигнати и сигурно барем 500-600 пристигнати инвестициски планови од домашните компании. Ова говори дека македонската економија има реална потреба од поддршка од државата, но има и доверба во процедурите што ги реализира ФИТР. Не сметам дека некој ќе вложи време во подготовка на сериозна инвестиција ако знае дека средствата се доделуваат по партиска, семејна или коруптивна основа. Тоа не е случај со ФИТР и оттаму интересот и довербата од компаниите, за кои зборуваме.

Имено, имате отворен јавен повик за справување со климатските промени. Тоа е многу актуелна тема периодов. Како што забележав со повикот се отвора можност за воспоставување на партнерства од регионот на Западен Балкан. Колкава е заинтересираноста, дали веќе се поднесе проекти?

- Македонија е прва земја во регионот што реализира повик за климатски промени со ваков модел. Можностите што овие програми ги нудат на глобално ниво се буквално неограничени. Неодамна Обединетите нации промовираа глобален фонд што тежи милијарди долари, а е наменет за климатските промени. Ние како држава покажуваме дека не сме исклучок од овие глобални текови. На крајот на денот, средината во која живееме, воздухот што го дишеме, условите во кои работиме, се рекреираме, се забавуваме целосно зависат токму од нашето однесување. Оттаму, сакавме низ многу практична програма да покажеме дека иновациите носат многу практични, секојдневни резултати буквално за сите.

Да, со јавниот повик, Македонија стана прва држава што со сопствени средства поттикнува соработка на домашни со компании и организации од регионот на Западен Балкан. Доста чекавме некој друг да поведе иницијатива за нешто што е повеќе од потребно и очигледно. Креирањето на регионален пазар не е само дел од Берлинскиот процес, туку и реална шанса за економијата да расте многу побрзо отколку сега. Со оваа иницијатива, Македонија практично покажа дека може да биде предводник во овие процеси, и покрај тоа што не сме најголема земја во регионот. Благодарам за Развојната програма на ОН, државата Израел и организацијата Македонија 2025 за партнерството во овој повик.

 

Поддржавте повеќе проекти преку повикот „Креатон“? Како се одвива имплементирањето на проектите?

- Проектите од јавниот повик Креатон ја постигнуваат целта. УВ лампата за стерилизација на заштитна опрема во медицината веќе се применува во десетина здравствени установи. Платформата за дигитални алатки и поддршка за мали и средни претпријатија функционира веќе повеќе од еден месец, со постојано зголемување на број на корисници. Алатката за препознавање, а со тоа и борба со лажните вести неодамна почна со практична примена. Пред некој ден го видовме и прототипот на првата македонска респираторна машина. И, ова се само дел од работите за кои Фондот обезбедува поддршка, а имаат многу практична примена за нашите сограѓани. Овие проекти се најдоа и во извештаите на Европската Комисија за начинот на кој земјите од ЕУ и кандидатите се справуваат со последниците од ковид- 19.

Креатон беше првата наша реакција на здравствената криза. Никогаш не сме сметале дека можеме сами да се справуваме со предизвиците. Секогаш работиме заедно со граѓаните, невладините, со компаниите. Наша задача е да се избориме, во рамки на Владата, на буџетите да има доволно поддршка за реалните проекти на луѓето. Да се избориме повеќе пари да се вратат назад во економијата, бидејќи луѓето, компаниите знааат подобро да управуваат со нив, отколку државата. Да, институциите, во рамки на политиките треба да утврдат приоритети, да создадат услови и да следат и да превенираат отстапувања, но тоа мора да се прави во целосна соработка со коморите, со компаниите, со реалноста. Креатон беше токму тоа. Од луѓето за луѓето. Фондот односно државата тука имаа улога на охрабрување, создавање услови и насочување на идеите кон приоритетните потреби. Другото го сработија нашите сограѓани, организации, компании и за тоа им благодарам.

Кон крајот на февруари започна со работа акцелераторот за конкурентност и иновации на Западен Балкан? Дали е започната некаква соработка? Каква е заинтересираноста на нашите компании за проширување на глобалниот пазар?

- Акцелераторот е иницијатива на Светскиот економски форум и Регионалниот совет за соработка, а го финансира ЕУ. Повторно зборуваме за Берлинскиот процес, во кој регионот на Западен Балкан се гледа во некое догледно време како еден пазар. Во рамки на еден ваков процес, студијата за поставување на акцелераторот издвои една македонска институција – ФИТР како пример на успешно функционирање, што треба да го следат сите останати земји од регионот. И, ова беше презентирано во февруари 2020 во Тирана пред премиери, министри и претставници на бизнис заедниците од Западниот Балкан. И, ние не застанавме тука. Го искористивме моментот да започнеме еден процес на создавање на регионален иновациски фонд, на темелите и резултатите на ФИТР. Во рамки на овој процес досега комуницираме со неколку директорати на Европската Комисија, повеќе билатерални агенции за поддршка, со неколку приватни инвестициски фондови. Ако досега, за само три години, успеавме да достигнеме ниво на инвестиции во домашниот приватен сектор од над 70 милиони евра на пазар од два милиони луѓе, можете да замислите кој е потенцијалот за пазар од 25 милиони луѓе.

Дадовте предлог седиштето на регионалниот Фонд да биде во Скопје? Дали се планира нешто?

- Да. Нашата намера е седиштето да биде во Скопје, а со тоа С.Македонија да стане регионален центар за иновации и технолошки развој. Вистински мотор на брзиот развој на економијата во регионот. Подготовките веќе се започнати со една претходна наша иницијатива за трансформација на Фондот во современ систем за управување со средства, каде свој интерес покрај државата ќе најдат и приватните инвеститори. Наш предлог е да им понудиме учество во управувањето на сите држави од регионот што ќе се приклучат кон иницијативата. Свое место ќе имаат и претставници на меѓународните институции – финансиери, како и големи приватни инвеститори. На ова ја надоврзуваме и иницијативата за отворање на старт-ап село, со кое би дале заокружена понуда во привлекување на млади претприемачи од регионот, но и пошироко да започнат свој бизнис од С.Македонија. Ни претстои многу работа во следните 2-3 години, но мислам дека одиме кон еден модел на функционирање што ќе донесе важни резултати во следните 2-3 декади.

Колку компании веќе користат средства за иновации и технолошки развој и дали сметата дека во земјава доволно се одвојуваат средства за тоа поле?

- Со резултатите од јавниот повик Стартапувај 2, моментната бројка на микро, мали и средни компании што користат средства преку Фондот е над 450, со вкупно ниво на инвестиции во реализација од над 70 милиони евра. Од овие средства, самите компании обезбедуваат околу 32 милиони евра свои средства, додека остатокот се државни и средства на Светската Банка. И, ако ме прашувате дали е ова доволно, ќе кажам не. Не, бидејќи резултатите што веќе ги гледаме покажуваат дека македонската економија има потенцијал за многу повеќе. На пример, само во 2019 година, компаниите што ги финансираме уплатиле назад во државниот буџет околу три милиони евра повеќе отколку целата програма на ФИТР за таа година. Значи, три милиони евра повеќе за училишта, за болници, за пензии и нови програми за младите… И, кога некој ќе ме праша дали вреди напорот, нервозата, потрошеното време, одговорот е да, вреди, бидејќи ги гледаме резултатите. А, со резултатите доаѓа и нов предизвик. Зошто да не се обидеме, со поголема поддршка од наша страна да стигнеме до 5, 10, 20, па и 50 милиони евра повеќе уплатени средства назад во Буџетот, со кои оваа држава и општество ќе може да направи многу за сите наши сограѓани.

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе