Македонија сѐ помалку произведува струја

Денеска Владата треба да прогласи енергетска криза, најавени се и разрешувања во енергетскиот сектор

Ситуацијата е многу лоша, ја повтори вчера оценката за состојбата со електричната енергија во Македонија Куштрим Рамадани, директорот на МЕПСО. Тој засега е единствениот државен функционер кој не се обидува да ја релативизира енергетската криза пред која се наоѓа Македонија, за разлика од, на пример министерот за економија Крешник Бектеши или директорот на ЕСМ Васко Ковачевски. Владата денеска треба да прогласи енергетска криза, а неофицијално најавени се и можни разрешувања на некои функционери од овој сектор.

Рамадани е дециден и вели дека мора брзо да се реагира и дека во моментов само топлото време е на наша страна.

„По вчерашното исклучување на РЕК Битола повторно преземавме струја од европскиот пазар. Не се знае што ќе правиме со јагленот и дали освен РЕК Битола ќе може да се стави во функција и ТЕЦ Осломеј. Секако ситуацијата со нула домашно производство не е добра и не ни оди во прилог“, изјави вчера Рамадани за Фактор.

Електрани на Северна Македонија пред два дена купи струја за 1,1 милиони евра, потребна само за три дена, до денеска. Цената по која денес се купува струјата за еден мегаватчас е од 199 евра до 259 евра. ЕСМ за потребите на домаќинствата ја продава струјата за 37 евра за еден мегаватчас.

Министерот за економија Крешник Бектеши минатата недела најави дека на денешната седница Владата треба да прогласи вонредна енергетска кризна состојба. Според Министерството за економија, рестрикции на струја нема да има, а до крајот на годината нема да се зголеми ниту цената на електичната енергија за домаќинствата. Кризната состојба во енергетскиот сектор се воведува, како што е наведено, за да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании, пред се МЕПСО и АД ЕСМ.

Според Бектеши, Владата има средства за да интервенира и во зависност од тоа колкави се потребите на енергетските компании, толку средства ќе бидат пренасочени директно од буџетот, но најверојатно се работи за сума од 100 милиони евра, пари кои останаа непотрошени за ковид-кризата.

Васко Ковачевски

За денеска најавени се и разрешувања или оставки на одговорни лица за лошата ситуација во која се најде Македонија на енергетски план. Најчесто споменуватото име е Васко Ковачевски, директорот на АД Електрани на Северна Македонија.

Рано утрово еден блок на РЕК Битола почна со производство на елетрична енергија. Блок 2 сѐ уште се ремонтира. Блок 3 е неизвесно дали зимава и ќе проработи по пожарот на трафостаницата во РЕК.

Сѐ уште е неизвесно кога ТЕЦ Неготино ќе почне со работа. Се чека на мазут. Во ТЕЦ Осломеј чекаат на увезениот јаглен. ЕСМ досега потроши 6,5 милиони евра за увоз на струја.

РЕК Битола има залиха од 40 илјади тони јаглен што според министерот Бектеши е доволно за 8 дена работа на двата болка, а познавачите велат само за 4 дена.

Експертите велат дека лошото менаџирање со ЕСМ е главната причина за ваквиот влез во зимската сезона кога потрошувачката на електрична енергија е најголема. Едноставно, велат тие, досега требаше да се ископаат доволно резерви на јаглет за нормална работа во текот на зимава без разлика на енормното поскапување на цената на струјата на светскиот пазар.

А.Д.

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе