Дел од лозарите сеуште немаат земено пари за родот од пред неколку години

Лозарите бараат Фонд за исплата на грозје, за винариите да не ги манипулираат како во минатото, бидејќи некои од нив сеуште немаат земено пари за родот од пред неколку години, информираат од Здружението "Напредни лозари". За ова тие писмено се обратиле и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Во член 55 во Уставот на Република Македонија, стои пазарно договарање. Но има проблем во договарањето помеѓу винариите и лозарите. Винариите се многу моќни и секогаш ги наметнуваат нивните интереси, меѓусебно однапред договорени, на штета на  лозарите. Затоа државата треба да го регулира ова“, категорични беа лозарите. 

Тоа, според нив, не значи формирање на нова институција, зашто фондот нема да биде институција. 

Институцијата ја имаме, тоа е Македонската банка  за поддршка  и развој, која би го менаџирала фондот од околу 30 милиони евра. Во Македонија има околу 150 милиони килограми грозје што вреди отприлика толку. Државата да наложи, ако винарската визба сака да откупува грозје, да склучи договор со фондот. Винариите да склучат договор со фондот, а тој им издаде  лиценца за откуп на грозје, но тие да остават гаранција (хипотека).  Кога винарската визба ќе откупи грозје, лозарот добива кантарна белешка која содржи предадени количини грозје, сорта и сума  за исплата. Со неа лозарот да оди во банка и веднаш да ги подигне своите пари. Банката треба да има склучено договор со фондот и во тој случај белешката станува хартија од вредност. Банката ги зема белешките што се исплатени, се јавува во фондот и кажува колку пари да пушти на банката. Така се врши исплата на грозјето истиот ден кога е предадено, појаснија лозарите. 

 Со ова, рекоа, банките ќе имаат обрт на средства и ќе ги привлекуваат клиентите. Лозарите ако ги подигнат средствата ќе ги пуштат  во оптек, а од тоа ќе имаат сите корист. На крајот, фондот би ги наплаќал побарувањата од винариите. Со оваа мерка, според нив, ќе има развој во лозарството и решавање на проблемот со ненавременото плаќање на грозјето. 

„За ова да се оствари треба да се смени статутот на МБПР што не би требало да е проблем. Со решавањето на овие проблеми лозарството ќе има иднина и развој со задоволни лозари“, децидни беа лозарите.

Сево ова, како што образложија, за надминување на долгогодишниот проблем со ненавремената и нередовна исплата на предаденото грозје. Заради ненавремената исплата честопати се во финансиска криза. Не се во можност да набават репроматеријали за наредното производство, а и за издржување на своето семејство. 

„Лозарите ги финансираат богатите винарии предавајќи им грозје во кое вложиле пари и труд, а за тоа не добиваат веднаш пари. Неретко не доаѓа до исплата на предаденото грозје. Притоа лозарите целосно финансиски пропаѓаат и страдаат нивните фамилии, иако напорно работеле и инвестирале во лозовите насади“.

 Прекалемување на сорта, ако не е барана

Управниот  одбор на Регионалното здружение, бара од Министерството да врши достава на податоци што се поврзани со областа на лозарството во Македонија и да ги разгледа барањата и предлозите на лозарите, за подобрување на условите за одгледување на винова лоза. 

Лозарите немаат доволно информации за да можат да планираат во иднина. А сакаат да знаат колку грозје од одредена сорта има во државата и колку се бара од винариите. Ако некоја сорта не се бара на пазарот, да можат да ја прекалемат на зелен ластар, во сорта која се бара на пазарот. Здружението да добива податоци за планирани количини за преработка на винско грозје по сорти во тековната година од винариите и трговците. Здружението да добива информации за откупната цена на винско грозје по сорти најкасно до крај на јуни тековната година. Ако цените се ниски на нашиот пазар, да се бара алтернативен извоз на грозјето. Да се надгради субвенционирањето и додаде субвенционирање за прекалемување на  дефицитарните сорти на винско грозје. 

Лозарите се соочуваат со ниски цени на грозјето што доведува до неекономично работење. Цените на грозјто се ниски од две причини. Првата причина е заради непазарното работење и затвореноста на пазарот во Македонија. Винариите во земјава се договараат за откупната цена на грозјето и цените договорно ги објавуваат во последен момент кога лозарите веќе мораат да го берат грозјето. Грозјето не стои на нивите и пропаѓа и затоа лозарите мораат да го берат и предадат во винариите.  Државата сака грозјето да се преработи дома, зашто од тоа има интерес и субвенционирањето го врзува со предадено грозје во домашните винарии. Извозот на грозје е во неповолна положба во однос на домашните винарии. Домашните винарии  ја злоупотребуваат подршката на државата а сето тоа оди на штета на лозарите, пишуваат лозарите. 

Доказ за ова, нагласија, е тоа што цената на грозјето во соседните држави е двојно повисока и тоа за послаб квалитет. 

Дестилат да се направи од вишокот грозје 

Вториот проблем, додадоа, е кога во некои години се јавува вишок на грозје. Во години кога има поголеми количини на произведено грозје отколку побарувањата на винариите, државата да изврши интервентен откуп на вишокот  грозје и да се произведат количини на дестилат во некои од слободните капацитети во државата. 

Кога има вишок на грозје доаѓа до намалување на цената на грозјето. Тоа доведува до неекономично работење на лозарите и тие работат со загуба. Заради ова нивните долгогодишни насади во кои многу инвестирале се осудени на пропаст и затоа лозарите се револтирани и исплашени за својата егзистенција. За да нема вишок на грозје, треба вишокот на грозје да се преработи во дестилат. Винариите не се заинтересирани за проблемот на вишок грозје, зашто тие од вишокот грозје немаат штета туку корист, поради тоа што паѓа цената на грозјето. Проблемот им тежи на лозарите, но тие се немоќни да го решат. Затоа државата треба да се зафати со овој проблем на вишок грозје. Во Македонија има капацитети што не работат и се во стечај и се на продажба од банките. Не работат винариите Кокино-Куманово и Џумајлија-Велес со капацитет од 32 милиони килограми. Во годините кога има вишок на грозје, државата да го откупи вишокот, но не да им направи конкуренција на винариите во делот на наливно вино, туку тој вишок да го направи дестилат. Државата производството на дестилат нема да ја чини многу, а со продажбата ќе оствари и заработувачка. Дестилатот не е како виното со рок на траење и скапо одржување, има неограничен рок и лесно се чува и продава, појаснија од “Напредни лозари”.

МИА


Апелирам до лидерите на партиите да не им „помагаат" на кандидатите.

повеќе

Во ерата во која сите напредни земји во светот престануваат со употреба на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и за активирање на најголемата глобална закана за морската биолошка разновидност.

повеќе

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе