По загрижувачките најави дека нѝ претстои енергетска криза

Дали ќе има мерки за да се спречи ценовен шок ќе се знае во петок, закажана средба во Владата со СКСМ и РКЕ

Со цел да се спречи енергетска криза со Владата е договорен интервентен увоз на висококвалитетен јаглен, објави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, а поради сериозноста на состојбите на пазарот со енергија, договорена е средба со претставници на Владата и Регулаторната комисија за енергетика. Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски денеска смирува дека струја е обезбедена, како и нејзината цена која е неколкукратно пониска од таа на светските берзи. Аларм е вклучен во соседните земји.

Брзиот неколкукратен раст на цената на струјата на светските берзи, пишувањето на медиумите низ светот дека се заканува голема енергетска криза, предупредувањата од македонската Стопанска комора дека не само струјата, туку дека на домашната економија и на потрошувачите им се заканува ценовен шок на храната и на услугите до Нова година, предизвикаа загриженост. Шпекулациитге одат до таму што се прогнозира дури и мрак, односно дека на Македонија може да ѝ биде прекината испорака на струја преку Бугарија поради високите цени на берзите и потребите на бугарската економија.

Со свое обраќање за драматичната состојба во енергетскиот сектор и денеска се јави претседателот на Стопанската комора Бранко Азески кој ги уверува стопанствениците дека Комората е со нив и со нивните проблеми и дека затоа иницира средба со Владата, а веќе во петок за предизвиците ќе се дискутира со претставници на Владата и на Регулаторната комисија за енергетика.

Според Азески, компаниите се засегнати поради драстичното зголемување на цените на струјата од аспект на редовното и навремено производство и оценува дека работат во услови кога се случува и раскинување на договори на многу некоректен, непрофесионален и нееснафски начин.

„Во таа насока, за да се излезе во пресрет на овие проблеми Владата на Република Северна Македонија и Стопанската комора на Северна Македонија договорија активност за интервентен увоз на 2 милиони тони високо квалитетен јаглен и тој повик ќе биде јавно објавен денеска. Стопанската комора на Северна Македонија има обврска да ги анимира своите членки да се вклучат во оваа активност под условите објавени во огласот со гарантирано плаќање со рок од 30 дена", вели Азески.

Токму тој се чини дека вчера го вклучи алармот со својот текст во кој предвидува дека струјата „ќе нѐ дрма“ во наредниот период укажувајќи дека на пример на берзата во Будимпешта за една година цената на електричната енергија се зголемила за речиси три пати, односно од 57 евра за мегават час во јануари на 138 евра за мегават час пред две недели. Азески набројува повеќе причини, но и дека влијае определбата во ЕУ за зелена енергија и исклучувањето на бројни термоцентрали на јаглен. Тој набројува дел од причините за растот на цената:

„Зелената агенда во Европа и намалувањето на енергијата произведена од јаглен, релативно ниското производство од ветерните централи во Европа, брзиот пораст на пазарите во изминатиот квартал и енормниот пораст на цената на природниот гас на светските берзи".

Сепак, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски денеска смирува и вели дека цената на струјата кај нас е гарантирана најмалку до декември и дека земјата е обезбедена со струја преку ЕСМ.

„Засега не гледам причини за корекции на цената на електричната енергија и нема причина да се прави каква било паника. Граѓаните треба да бидат мирни зашто АД ЕСМ го покрива пазарот во целост и ги обезбедува потребните количини на електрична енергија за Универзалниот снабдеувач по цена од 36 евра за мегават час", вели Бислимовски и додава дека цената на електричната енергија кај нас секогаш се утврдува во јуни и важи најмалку до крајот на декември.

Потоа се распишува нов тендер за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар и дека АД ЕСМ повторно ќе има понуда за снабдување на Универзалниот снабдувач со електрична енергија.

„Промени не мислам дека може да се очекуваат", нагласува Бислимовски.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека е даден налог, отворен тендер, за вклучување на трет блок на РЕК Битола, што значи употреба на 1,8 милион тони јаглен за дополнително производство на електрична енергија. 

Вчера пак, Заев изјави дека не треба да се очекува енергетска криза. Тој нагласи дека државата ја држи стабилна цената за домаќинствата, а со намалувањето на ДДВ од 18 на 5 проценти се амортизираат дел од трошоците кои би биле на товар на граѓаните.

„Државата има обврска да обезбедува околу 60-70 проценти од струјата, а остантите до 100 проценти ги субвенционира", рече Заев.

Според информации од Владата, и пред Стопанската комора да го вклучи алармот, веќе тим во кабинетот на Заев во кој се вклучени и експерти ги анализира состојбите со цел навреме да се преземат мерки за амортизација на енергетски удар врз земјава.

Според експерти, енергетската криза во Европа е предизвикана од зголемената побарувачка на гасот поради што и неговата цена на пазарот расте, но на цената влијае и намалениот извоз на овој енергенс од страна на главниот снабдувач Русија.

Албанскиот премиер Еди Рама веќе алармира дека на земјата ѝ се заканува силен кризен удар кој го споредува со ударот од пандемијата со ковид-19. Рама укажува дека улога на цените има геополитиката, но вели, и разни трговски маневри.

Според претседателот на Србија Александар Вучиќ на светот му се заканува енергетско цунами. Но и ја пофали својата политика велејќи дека Србија е обезбедена и со струја и со гас и тоа по ниски цени.

Според Вучиќ, историски е важно што Србија има договор со Русија за снабдување со гас и тоа по цена од само 270 долари за илјада кубни метри, додека цената на берзата е четири пати повисока, над 1.000 долари. Тој очекува за наредниот период со Русите, односно со помош на претседателот Владимир Путин, да обезбеди многу поволна цена на гасот.

Според тоа што го изјави, произлегува дека Вучиќ смета оти зад скокот на цените влијаат големите западни компании и економии, бидејќи на удар се рускиот гас и кинескиот челик и бакар, а дека поради данокот за струјата од термоелектраните во Европа цените отишле до небо, како што вели.

Но, ако цените на струјата и на нафтата на светскиот пазар продолжат да растат, тоа неминовно ќе доведе до ценовен шок за граѓаните и стопанството на сите полиња.

Вчера прехранбениот сектор при Стопанската комора предупреди дека ако не се преземат брзи и широки мерки поради веќе поскапените цени на суровините за производство до 40 проценти, дека цените на основните прехранбени продукти, од лебот, па се до месото, реално треба да пораснат за 40 до 50 проценти до Нова година. Тука Комората не ги вкалкулирала евентуалните големи поскапувања на цените на струјата, нафтата и другите енергенси.

Затоа, се бара итна средба со Владата бидејќи според Комората, можен е инфлаторен вител. Со евентуална владина интервенција веќе зголемените цени од 10 проценти не би оделе над 15 проценти, велат од Стопанска комора.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека попладнево ќе се сретне со претставници на Здружението на преработувачи при Стопанската комора кои предупредија дека ќе има драстично поскапување на храната. Тој рече дека  Владата ги следи состојбите и оти доколку е потребно, ќе се интервенира, но дека заради предизборниот период не би сакал да изнесува детали за да не биде погрешно протолкувана неговата изјава.

П.Џ.

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе