Интервју управителката на Го вест солушн

Боронбаева: Во Гевгелија работиме на селекција и балирање пластика, целосно еколошки процес

Mакедонија постојано се соочува со несоодветно управување со отпадот кој се депонира на диви депонии или пак е расфрлан по речните корита, ги затрупува каналите или се користи за горење. Неправилното управување со отпадот, а особено пластичниот отпад има директни последици по нашето здравје.

Една од неколкуте компании во Македонија кои нудат суштинско решение за проблемот со отпадната пластика во земјата е Го вест солушн (G&O Waste Solution) која работи со постројка за третман на отпадна пластика во Гевгелија. Компанијата се занимава со набавка, селекција и балирање пластика која потоа им се доставува на компаниите кои рециклираат пластика. За процесот на работа на компанијата, но и колку е важен процесот на рециклирање пластика за нас и животната средина разговаравме со Перизат Боронбаева, управителка на компанијата.

Која е компанијата G&O Waste Solution и каков е процесот на работа во вашата фабрика?

-Се работи за македонска компанија која со седиште во Скопје и своја подружница во Гевгелија, активно работи од крајот на 2020 година. Дејноста на нашата фабрика е третман на пластичен отпад. Ние го примаме пластичниот отпад, а потоа истиот го селектираме според различниот вид пластика кои ги има, полипропилен, полиетилен, пластичен филм и слично. Вака селектираната пластика се балира и потоа ја продаваме на наши клиенти со кои соработуваме. Со тоа на пластиката ѝ даваме нов живот преку процесот на рециклирање. Компанијата G&O Waste Solution исклучиво работи на селекција и балирање пластика, што е целосно еколошки процес, доста применлив во сите европски земји, па и во многу градови од нашето соседство и воопшто не ја загадува средината или пак предизвикува негативни ефекти по здравјето на населението.

Зошто се крена толку врева за работата на вашата фабрика во Гевгелија?

-Да бидам искрена, сè уште не можам да сфатам која е вистинската причина за настанатиот проблем со кој се соочуваме ние како компанија и зошто толку врева околу отворањето и работењето. Добивме дозвола според Законот за управување со отпад, ја исполнивме целата обврска што беше пропишана за да имаме можност за работа, изработивме елаборат и после неколку контроли ја добивме потребната дозвола. Нашата фабрика се наоѓа во индустриска зона во Гевгелија, а во нашето опкружување активно работат многу други поголеми индустриски компании кои се наоѓаат во истата индустриска зона, а некои од нив работат и со пластика. Во таа насока и се нелогични обвинувањата дека нашето делување е незаконско и со опасност за загадување на животната средина. Напротив, ние се грижиме за животната средина, и во таа насока процесот на рециклирање е најдобар и пријателски модел.

Зошто рециклирањето пластика е важно за нас и животната средина?

-Проблемот со пластиката е горлива тема и најголемиот проблем со пластичен отпад се јавува кога истиот завршува во депонии каде пластиката се гори или завршува во реките, морињата, океаните, што го уништува еко-системот. Секој ден количината пластичен отпад расте и немаме време повеќе да размислуваме, туку треба активно да делуваме. Како што знаеме, постои хиерархија на отпадот што значи: спречување, минимизирање, повторна употреба, рециклирање, обновување на енергија и депонирање. Јасно е дека спречувањето на производството на пластика и пластичен отпад не е возможно, но сигурно можеме повторно да ја искористиме и рециклираме. Ова е она што G&O Waste Solution го прави.

Колку граѓаните во Македонија се запознаени со процесот на селекција на отпад и рециклирање?

-Бидејќи имаме непречен пристап до извори на интернет и социјалните медиуми, многу луѓе се свесни за проблемот со отпадот, но не и за системот за правилно селектирање и рециклирање на отпадот или можеби луѓето не се толку мотивирани. Овој процес треба да се систематизира и развива. Потребна е едукација на населението со што дополнително ќе им укажеме на придобивките кои ние како граѓани ги имаме од рециклирањето на пластичниот отпад. Најдобриот систем за селекција на отпад што го видов во Македонија е градот Прилеп, бев изненадена и среќна, бидејќи тоа е одличен позитивен пример за рециклирање на отпадот и како тоа се прави. Сметам дека останатите општини треба да го следат нивниот пример. Од наша страна планираме да започнеме и со промовирање на рециклирање пластика.

Што е најбитно граѓаните да знаат за обработувањето на отпадот, вклучително и пластиката? Од каде започнува решавањето на проблемот, кон што треба да се движиме, колку е потребно?

-Најважното нешто што треба да се знае е дека рециклирањето отпад може да го подобри животот на граѓаните, може да помогне да се спаси животната средина од загадување на воздухот, почвата, загадувањето на водата, да се намали количината на депониран отпад. Морам да напоменам и дека правилното менаџирање на отпадот и процесот на рециклирање дава можност за нови работни места во општините. Замислете дека пластичниот отпад може да остане на земјата 400 години и уште повеќе. Што ние ќе им оставиме на идните генерации - планета полна со отпад?! Треба да започнеме да се едуцираме пред сè за да бидеме добар пример за нашите деца. Важно е властите да го сторат тоа на национално ниво и помошта на НВО да го развие и подобри овој процес. Тоа е ланец каде сите инволвирани страни се важни.

Колкава количина пластичен отпад се создава во Македонија годишно?

-Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната количина на генериран комунален отпад во Република Северна Македонија во 2019 година изнесува 915.943 тони и приближно 15% од ова е мешавина од пластичен отпад. Годишната количина на генериран комунален отпад по лице во 2019 година изнесува 456 килограми по лице. Ова е навистина голема количина отпад, особено ако поголем дел од отпадот завршува на депониите, или расфрлан низ населени места, покрај речните корита или планини.

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе

Страшно е да се помисли дека постојат луѓе што со години се распрашуваат, го истражуваат, и го следат животот на граѓаните преку социјалните мрежи и интернетот.

повеќе

Во Македонија моментално има стотици активни стечајни постапки, некои од нив се водат повеќе од 10, па дури 20 години.

повеќе