Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски рече дека со изградбата на експресниот пат до Кочани го подигнуваме животниот стандард на преку 170 илјади жители од Источниот регион, создаваме поволни услови за развој и регионално поврзување.
„Изградбата на патиштата е стратешки приоритет на кој остануваме целосно посветени заради забрзан економски развој на целата држава, во услови кога светот е во огромна економска криза. Но и во такви услови успеавме силно да ги движиме капиталните проекти и да обезбедиме континуитет", рече Бочварски.
Директорот на ЈПДП, Рустеми рече дека експресниот пат е со висок квалитет на градба.
„Ширина на патот е 11,4 метри, ќе има четири ленти, и тоа по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри, како и две рабни ленти од по 0,20 метри. Максималната брзина на движење на експресниот пат меѓу Штип и Кочани ќе биде 110 километри на час. Изведувач на градежните работи е „Синохидро" од Република Кина, а надзор е „Патинвест инженеринг" АД Софија Република Бугарија. Во моментот се поставува сигнализација, осветлување на клучките, еластична одбојна ограда и се асфалтираат последните 700 метри", рече Рустеми.