Битиќи: Рестораните за свадби нема да работат додека е во тек здравствената криза

Додека здравствената криза е во тек не може да се дозволи да работат рестораните за свадби. Лани веќе ги поддржавме, но имаме еден проблем со нив, а тоа е дека не можат да се одвојат од останатите, бидејќи мал број од нив се категоризирани според категоризацијата на Министерството за економија, посочи денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

„Не може да направиме отстапки за да им се дозволи да работата додека е здравствената криза во тек. Ќе направиме сѐ што треба за да влезат во системот, да бидат категоризирани и соодветно да се постапи со нив во редовните програми на Министерството за економија и ако е потребно и со дополнителни мерки. Тие се една од категориите, заедно со уште неколку, кои се најпогодени на светско ниво, за кои размислуваме како да ги третираме на соодветен начин. Сега фокусот е на тие кои со одлука на Влада им забранивме да работат во овие две недели“, рече Битиќи на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека за сите угостителски објекти кои се затворени овој период со одлука на Владата ќе следи економска поддршка и додаде дека Владата во неколку наврати спроведе сеопфатни мерки, во кои, како што кажа, рестораните за свадби беа една од целните групи.

„Тие беа едни од целните групи кога го дадовме бескаматниот кредит КОВИД 1 кој беше наменет само за угостителскиот сектор. КОВИД 4 што го најавивме во петтиот пакет на мерки е исто така за угостителскиот сектор каде може да аплицираат и рестораните за свадби и каде наведовме дека освен кредит со 0 проценти камата ќе има дел неповратни средства ако работат позитивно до крај на годината. Дополнително минатата година со субвенционирањето на патите, како и оваа година, тие затоа што имаат најголем пад на приходи се најмногу поддржани, по принципот на скалеста поддршка за минималната плата. Но, сепак сфаќаме, најтешко ќе се вратат во стопанството и размислуваме како за нив, така и за другите што се погодени да ги поддржиме со развојни програми и тоа ќе го направиме“, додаде Битиќи.

 

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе