Интервју

Бишев: По високото образование, Стопанската комора на менаџерите ќе им ги пренесува најдобрите бизнис практики

Нашиот пристап не е кои се проблемите, туку, кои се успешните приказни, кои се факторите и кои се најдобрите практики за успех, за меѓународно конкурентна и профитабилна компанија, која е општествено одговорна и дава придонес во општеството. Преку изнесување на позитивни домашни и странски успешни примери, ние сакаме да го зголемиме ентузијазмот и мотивираноста и да створиме менаџери/претприемачи кои се подготвени да се справат со секаков предизвик, вели во интервјуто за МКД.мк Глигор Бишев, генерален извршен директор на „Шпаркасе банка“ АД Скопје.

Бишев волонтерски ја извршува и улогата на претседател на Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Македонија.

Тој како ментор на Програмата за менаџери претприемништво и лидерство вели дека на овие предавања ќе се зборува за перспективите за иновации, знаења и развој на нови услуги и институции кои се од директна корист за компаниите. Обуката почнува на 9 декември, а ќе трае до почетокот на јуни 2022 година. Предавачи се 30-тина реномирани претставници од бизнис секторот, академската и научната фела кои ќе пренесат практични искуства.

Осумте модули од оваа Програма треба да го поткрепат слушателот со една општа менаџерска култура која треба да ја има современиот менаџер. Слушателите ќе се стекнат со знаење и вештини потребни за секојдневното тековно работење на компанијата.

Кој е проблемот со македонското образование па вие како Стопанска комора преземате вакви активности за среден менаџмент од големи и средно-големи компании?

-Во современиот свет знаењето се повеќе станува апликативно. Уште повеќе, во програмите за високо образование како составен дел на образованието се повеќе се вклучува практичната работа. Гледано од тој аспект она што го прави Стопанската комора на Северна Македонија е во согласност со трендовите во високото образование и светските практики. Акцентот на овие програми е вработените кои се стекнале со искуство во работењето во компаниите и стигнале до одредено ниво во развојот на кариерата да се стекнат со знаење на практичните аспекти во водењето на компаниите, бизнисите, носењето на одлуки, лидерските вештини, работењето под стрес, водењето на преговори и сл.. Тоа се исклучително важни аспекти за водење на успешен бизнис, за зголемена конкурентност на македонските компании. Комората користејќи ги ресурсите на голем број успешни бизнисмени и компании, исто така и на академски експерти, сака да го пренесе искуството, вештините за водење на бизнис и на тој начин даде придонес во стварањето на идните лидери што ќе го водат бизнисот во Македонија и ќе се натпреваруваат на светската бизнис сцена.

Зборуваме за унапредување на вештините на високообразовните кадри во согласност со потребите на бизнисот. Ова го детектиравте како проблем во високото образование?

-Како што претходно истакнав, цел на овие обуки се пренесувањето на најдобрите практики во водењето на бизнисите и стварање на нови лидери што ќе ја водат македонската економија во идниот период. Пренесување на меките лидерски вешти. Гледано од тој аспект, стекнатото знаење на универзитетите и практичното искуство е предуслов за учество на овие обуки. Високото образование и стекнувањето лидерски вештини се комплементарни процеси, кои се надополнуваат. Работејќи заедно, високо-образовните институции и Комората, преку пренесувањето на најдобрите бизнис практики, ќе дадеме најдобар придонес за развојот на претприемничкиот дух кај младите генерации, генерации што се подготвени да преземат прифатлив ризик, развијат нови конкурентни бизниси и ја динамизираат македонската економија. На тој план очекувам врската помеѓу високо-образовните институции, Комората и приватниот сектор се повеќе да јакне и да се проширува.

Кои се проблемите со кои се соочуваат македонските менаџери во секојдневното работење во Македонија?

-Ние се определивме да ги земеме успешните примери, да одиме со позитивен пристап. Нашиот пристап не е кои се проблемите, туку, кои се успешните приказни, кои се факторите и кои се најдобрите практики за успех, за меѓународно конкурентна и профитабилна компанија, која е општествено одговорна и дава придонес во општеството. Преку изнесување на позитивни домашни и странски успешни примери, ние сакаме да го зголемиме ентузијазмот и мотивираноста и да створиме менаџери/претприемачи кои се подготвени да се справат со секаков предизвик. Впрочем една од дефинициите за менаџер е вработен што ја дефинира стратегијата, истата ја реализира и ги решава проблемите.

Каде се најчестите проблеми – во нивните вештини или во условите во кои работат и со секојдневието со кое се соочуваат? Вие имате искуство во работењето и во домашни и во странски компании. Која е разликата во однос на поставеноста на работите и организацијата на работа?

-Организацијата и корпоративната култура се клучни за успех на компанијата. Притоа, тоа не се работи што треба да се добро дефинирани и ставени на хартија. Тие мора да живеат, да бидат прифатени и применувани од секој вработен. Од тој аспект компаниите не се делат на домашни и странски, туку на успешни и неуспешни. Работа на менаџментот е секој вработен да ја знае својата улога, да знае дека е дел од тим што има јасно определени цели, задачи и само работејќи тимски можат да се остварат резултати. Сите овие прашања ќе бидат дискутирани во текот на обуките. Притоа, нема да постојат класични предавачи и слушатели. Сите треба активно да партиципираат во дискусијата, да ги презентираат практиките во својата компанија и да дадат предлози што може да се направи подобро, поефикасно. Сакаме овие обуки да ги направиме тимски, а и да изградиме пријателства и поврзаност помеѓу учесниците и компаниите.

Што ќе им порачате на вашите слушатели од банкарскиот сектор во однос на поставеноста и улогата во развојот на банкарскиот систем во Македонија?

-Од аспект на целните функции, нема разлика помеѓу банките и компаниите. Единствена разлика е во тоа што кај банките финансиското работење, давањето кредити и прибирањето на депозити е главно работење. Кај компаниите, главна активност е производството, услугите и трговијата а финансиското работење е во функција на основната дејност. Заедничко за сите нив е што успешното работење бара посветени лидери, тимска работа и соодветна корпоративна култура. Градењето на исти вредност кај компаниите и банките ќе ја зголеми довербата и соработката помеѓу нив, ќе го олесни пристапот до кредити. Притоа познато е правилото дека не може да има успешни банки без успешни компании и обратно, да имаме неуспешни банки, а успешни компании. На тој план здравоста и профитабилноста на македонскиот банкарски сектор е предност за севкупната економија и предуслов за одржлив економски развој.

А.Д.

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе