Министерство за економија

Бектеши: Секоја година по 3% ќе ја намалуваме невработеноста

Главниот фокус на Министерството за економија и на Владата во наредниот период ќе биде обезбедување на можности за развој, создавање на нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните и подобри услови за работа на бизнисот, воведување на иновации кои ќе донесат раст и развој на економијата. Главна цел е да го подигнеме животниот стандард на нашите граѓани на ниво на европските развени земји, истакна министерот за економија Крешник Бектеши во презентацијата на мандатното писмо.

„Најприоритетно е во наредните четири години преку мерките и програмите во рамки на Министерството за економија да работиме на отворање на нови работни места што ќе значи намалување на невработеноста. Целта е таа да се намалува по три проценти годишно, како што правевме и во изминатите три години“, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

Како Министерство, посочи, ќе продолжиме со засилено темпо да ги поддржуваме домашните компании, и странски инвестиции, да работиме на поттикнување на инвестиции во енергетиката, во туризмот, во занаетчиството.

„Во наредните четири години ќе продолжам да водам економска политика чија цел ќе биде развој на иновативноста и инвестиции во технолошкиот развој како шанса за посакуваната трансформација во економијата. Таквата економија создава поголема додадена вредност, ги развива човечките ресурси и обезбедува поголема продуктивност и повисоки плати“, нагласи Бектеши.

Во овој мандат, додаде, својот личен фокус особено ќе го ставам на економијата, владеењето на правото и реформата на институциите.

„Кризата од пандемијата во годинава што изминува ги забави дел од проектите што се реализираа. Во изминатите скоро седум месеци ги променивме приоритетите, односно фокусот беше свртен кон најпогодените граѓани и најпогодените сектори од пандемијата. Ќе продолжиме во таа насока и во наредниот период се додека не се врати целиот свет во нормала. Јас и мојот тим веќе активно работиме на мерки и политики коишто ќе овозможат поддршка на обновувањето одржлив и инклузивен раст, во чиишто придобивки ќе уживаат што повеќе граѓани и компании“, вети министерот за економија.

Министерствата за економија и за финансии во наредниот период ќе работат на олеснување на условите за водење бизнис, поттикнување на странските инвестиции и на намалување на лимитот за основање на фирма, најави денеска министерто за економија Крешник Бектеши.

„Веќе сме во завршна фаза во процесот на анализа и препораки за натамошно зајакнување на Фондот за иновации и технолошки развој, негова трансформација за да има резултати на долг рок. Со тоа ќе овозможиме влез на странски инвестициски фондови како стратешки партнери на Фондот во поддршка на економскиот раст, базиран на иновации и воведување нови технологии“, рече Бектеши.

Тој потсети дека веќе е започната постапката за законски измени со кои се овозможува основање на фирма со минимален износ на основна главнина од едно евро.

„Со оваа мерка граѓаните ќе имаат можност да основаат фирми со минимални трошоци и да ги реализираат своите идеи и бизнис-планови преку новоотворени фирми. Исто така, работиме на создавање на регистар на парафискални давачки со кој ќе целиме преку реформи во институциите да ги намалиме парафискалните давачки до 75 отсто и нивно нивелирање во согласност со големината на стопанските субјекти, преку дијалог со стопанските комори“, потернцира Бектеши.

Во наредните четири години со уште позасилено темпо ќе продолжи трансформацијата на енергетскиот сектор со цел да го спроведеме амбициозниот план до 2024 година над 50 отсто од вкупната инсталирана електрична моќност во нашата држава да биде од обновливи извори на енергија со што ќе ја зацврстиме нашата енергетска независност и стабилност со нови производни капацитети за електрична енергија и нови енергетски интерконекции со нашите соседи, посочи денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

„Ќе продолжам да работам со засилено темпо на државна енергетска трансформација која што ја започнав во изминатиот период со која секој наш граѓанин ќе добие можност да биде енергетски производител и, секако, корисник на еколошки чиста и поевтина енергија. Наш приоритет ќе биде модернизација и трансформација на ТЕЦ Неготино, во постројка која ќе користи природен гас и ќе обезбеди можности за зголемено земјоделско производство“, рече Бектеши.

Во претходниот мандат, потсети, започнавме со реализација на инвестиции во фотоволтаични електрани.

„Нашата цел е во наредните четири години да продолжиме во оваа насока со зголемување на капцитетот за дополнителни 400 мегавати фотоволтаични електрани во домашниот електроенергетски систем, со што ќе се произведе чиста електрична енергија на ниво од околу 560 гигават часови или околу 10 отсто од вкупното домашно производство. Ќе инсталираме и ветерни електрани со моќност од дополнителни 160 мегавати“, истакна Бектеши.

Министерот најави дека пролетва ќе биде објавен нов оглас за изградба на фотоволтаични електрани на приватно земјиште.

Бектеши посочи дека во изминатиот мандат беа направени клучни реформи во енергетскиот сектор, беше донесен нов Закон за енергетика со кој се направи трансформација на енергетскиот сектор согласно европските регулативи, акако и Закон за енергетска ефикасност со кој се поттикнува заштедата на електрична енергија и користење на обновливите извори на енергија. Воедно беше донесена и Старегијата за енергетика до 2040 година.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе