„Состојбите налагаат контактите да бидат секојдневни бидејќи ситуацијата се менува од ден на ден. Основните приоритети опстојуваат и натаму и ќе бидат во фокусот на интересирањата“, велат од Комората.
Притоа ја наведуваат потребата за дефинирање модел за поддршка за потрошената електрична енергија бидејќи безусловно најголем проблем за сите компании е скапата струја, поради што сметките им се зголемени и до трипати, а поскапувањето и на нафтата ја подигнува цената на транспортот, што придонесува за драстичен пораст и на крајната цена на производот.
На компаниите им е неопходно и олеснување и намалување на времетраењето на административните постапки за градежни дозволи за поставување фотоволтаици за сопствено производство, за да се обезбеди за краток период поевтина струја. Ќе се разговара и за континуираниот раст на цените на суровините на светските берзи кој ги поскапува крајните производи и негативно се одразува врз конкурентноста на македонските производи на странските пазари. Исто така и за моделот на јавните набавки, кој, посочува комората, поради фиксните цени, ги прави проектите неодржливи и кој води до колапс наа компаниите од градежниот сектор, а во другите дејности (прехранбената, металната и електроиндустријата и сл.) се најавува откажување на тендерите или носење одлуки да не се учествува на јавните набавки.
Комората бара и стабилна даночна политика до крајот на годината заради, како што посочува, обезбедување каква-таква сигурност за бизнисот во услови на голема неизвесност и непредвидливост.
„Паралелно со актуелните интервентни приоритети за бизнисот во услови на глобална мултикриза, на средбата ќе стане збор и за регионалните капитални проекти, кои мора да бидат приоритетно дефинирани затоа што се во интерес на развојот на целата држава“, најавува Стопанската комора.