Азески: Oдлуката на Косово за забрана на увоз на мед и компири e популистичка и без основ

Во врска со Одлуката на министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала, за воведување забрана за увоз на мед и компири од Северна Македонија, сакам да истакнам дека во целост се согласувам со ставот на мојот пријател Сафет Ѓергалиу, економски аналитичар и поранешен претседател на Стопанската комора на Косово, истакнува претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

„Впрочем вака јавно изнесен став треба да биде пример како бизнисот треба да реагира во услови кога се преземаат политички чекори за носење популистички одлуки“ вели Азески.

Азески смета дека Одлуката на министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шала, за воведување забрана за увоз на мед и компири од земјава е популистичка одлука донесена како резултат на инатење и попречување на добрите економски односи без основ. Тој додава дека забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг, бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар.

„Мерката е воведена согласно прописите на ЕУ за увоз на овие производи и е согласно и со Спогодбата за санитарни и фитосанитарни мерки на СТО каде Република Северна Македонија е членка од 2003 година. Оттука воведување реципрочна мерка од косовската страна за забрана за увоз на одредени производи (компири и мед), во услови кога Македонија упатува на почитување европски правила и прописи, упатува дека станува збор за популистичка одлука донесена како резултат на инатење и попречување на добрите економски односи без основ“ истакнува Азески.

 Азески додава дека согласно правилата на ЦЕФТА, Министерството за економија уште во јуни на редовните состаноци на ЦЕФТА одговори на косовската страна по ова прашање, а исто така и Агенцијата за храна и ветеринарство ја извести косовската страна дека новите законски прописи се донесени согласно европската регулатива.

„Во изминатиот период Агенцијата за храна и ветеринарство направи интензивни напори за надминување на проблемот со цел добивање соодветни информации за животинскиот и рибниот здравствен статус, но вакви податоци не се добиени, иако се побарани повеќе пати од ресорната институција во Република Косово. Како што информираше и министерството за економија на нашата земја, надлежните органи на Косово истакнаа дека системот за надзор на рибни болести во Република Косово не се следи“ додава Азески.

 

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе