Во Охрид

Азески и Пецаков разговараа за туризмот и привлекувањето странски инвестиции

Прашања поврзани со децентрализацијата, со потенцијалите за заеднички проектни активности во рамките на програмите на ЕУ, како и со Коморскиот инвестициски форум и со другите меѓународни организации беа тема на разговор на денешната средба на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, и на градоначалникот на градот Охрид, Кирил Пецаков.

Како што соопштија од Стопанската комора, Охрид, како најголем туристички центар, има одлична соработка со Здружението на угостителството и туризмот при СКСМ и затоа ќе се вложат дополнителни напори за продлабочување на соработката во оваа област. Туризмот, во заложбите на Комората, има приоритетно место за добивање статус на извозно-ориентирана дејност, со што конкретно ќе се смени и односот на државата кон гранката која има потенцијал да направи раст.

Во тој контекст, посебно се разговарало за здравствениот, алтернативниот и за спортскиот туризам, кои не можат да достигнат повисоко ниво доколку не дојде до брза реализација на инфраструктурните проекти, како што е завршувањето на изградбата на автопатското решение Кичево – Охрид и на меѓународниот магистрален пат Охрид – албанска граница.

„Здравствениот туризам, како гранка со која Охрид можеше да биде горд во седумдесеттите години на минатиот век, со неколку специјализирани болници, сконцентрирани на едно место, е нешто на кое треба да се работи во наредниот период, затоа што тоа, реално, може да придонесе за повеќекратни ефекти, и од здравствен и од економски аспект“, заклучија Азески и Пецаков.

Во рамките на постојаните залагања за афирмирање на занаетите и за унапредување на практичните знаења и активности во рамките на средното стручно образование кај нас, Азески потсети на иницијативата за афирмирање на Длабокорезбарската школа во Охрид, која за градот може да донесе дополнителна економска придобивка, а истовремено да биде и значајна туристичка атракција.

На средбата се разговарало и за можностите за привлекување нови странски инвестиции во регионот, како и за одржување на постојните, во насока на поголема економска активност и на поголем број нови вработувања, што е дел и од активностите на Советот на странски инвеститори, кој функционира во рамките на Комората.

По завршувањето на средбата, Азески, во својство на копретседател на КИФ, отпатува во Тирана, каде што ќе учествува на Меѓународниот саем во Тирана, како најважен саемски настан во Албанија и како еден од најважните настани од својот вид во Западен Балкан, кој нуди излагачи од повеќе земји, со просечна посетеност од 20.000 гости од издание. Токму со поддршка од Коморскиот инвестициски форум, на овој саем за првпат се обезбеди заеднички штанд за компании од сиот регион, со делегација која брои 31 компанија од прехранбената индустрија и 6 водечки дистрибутери/синџири на супермаркети од шесте држави на Западен Балкан.  

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе