Meѓународна арбитражна конференција

Арбитражниот суд при Стопанската комора како алтернатива на судството

Во последниот извештај на Европската комисија за нашата држава во делот за правосудството и фундаменталните права, посебно за квалитетот на правдата, експлицитно се констатира дека се потребни напори за понатамошно подобрување на употребата на алтернативно решавање на спорови, вклучително и преку соодветните комори. Ова, недвосмислено ја потврдува потребата за афирмација на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, како независна арбитражна институција, која години наназад овозможува алтернатива на судството, како метод за решавање на споровите меѓу деловните субјекти, но за жал, малку се користи – беше истакнато на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Северна Македонија.

Во рамки на своите заложби за развој на арбитражата и доближување на европските искуства кон македонската арбитражна практика, Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија со поддршка на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) следната недела ќе организира меѓународна конференција на тема „Бизнисот и арбитражата во ерата на глобализација: предизвици и перспективи“.

Поради состојбите поврзани со пандемијата на ковид – 19, конференцијата ќе се одржи онлајн, а учеството е без надоместок.

Оваа конференција, Арбитражата традиционално ја организира по петти пат, додека со поддршка на партнерот ЦЕИ по трет пат. Активностите на Арбитражата веќе се препознаени во меѓународни рамки, а доказ за тоа е што во текот на изминатите години, на конференциите кои ги имаме организирано, учество како говорници земaa повеќе од 70 стручни лица и реномирани експерти на домашната и меѓународната арбитражна сцена, и над 400 слушатели -  лица од бизнис заедницата, правосудната и професорската фела и пошироката јавност.

Говорници на конференцијата оваа година ќе бидат истакнати теоретичари и практичари од земјата и од странство, вклучувајќи адвокати од водечките светски адвокатски друштва, арбитри со долгогодишно искуство и универзитетски професори од 14 држави од регионот и Европа, но и пошироко (Франција, Англија, Романија, Украина, Србија, Полска, Швајцарија, Русија и други). Програмата на Конференцијата ќе биде посветена на актуелни теми од областа на арбитражата, со посебен осврт на влијанието на глобализацијата и пандемијата на КОВИД - 19 врз арбитражното решавање на споровите, практичните прашања поврзани со ефикасноста на арбитражните постапки, примената на арбитражата во клучните сектори, признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки во земји од Централна и Источна Европа, како и легитиметот на меѓународната арбитража.

Арбитражата досега се докажа како ефикасна алатка и механизам за решавање на споровите кој ѝ е потребен на бизнис заедницата. Затоа деловните субјекти се најчестите „корисници“ на арбитражата, а настаните од ваков карактер се неопходни за компаниите да се запознаат со модерните трендови од областа на арбитражното право, како и можностите за унапредување на арбитражното решавање на споровите.

Целта е уште еднаш да ги нагласиме многубројните предности на арбитражата:

  • Непристрасност и стручност во одлучувањето
  • Едностепеност и брзина на постапката
  • Доверливост
  • Правосилност и извршност на арбитражната одлука

Арбитражната практика континуирано се развива и унапредува во последните години. Статистичките податоци од работењето на Арбитражата покажуваат дека во периодот 2015 – 2020 година, од вкупниот број на поведени арбитражни постапки, 60 % биле по спорови без меѓународен елемент, додека 40% биле по спорови со меѓународен елемент. Притоа, најголем број од поведените арбитражни постапки или 42,5 % се со вредност на предметот на спорот од 10 – 50.000 евра, додека најмал број или 12,5 % се со вредност на предметот на спорот од 50 – 100.000 евра.

Како странки во арбитражните постапки во анализираниот период се јавуваат трговски субјекти од РС Македонија, Турција, Бугарија, Косово, Романија, Русија, Хрватска, Саудиска Арабија, Србија, Кина и други.

Во последните три години постапките поведени пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија биле за побарувања кои произлегуваат од договори за продажба, договори за деловна соработка, договори за јавни набавки, договори за градење, договори за вршење услуги на обезбедување и други.

Најголемиот дел од тужбените барања во постапките се по основ долг (75%), надомест на штета (15%) и друго (10%).

„Реално постои потенцијал за подобрување на состојбите, што ќе се постигне не само со подобрување на транспарентноста и ефикасноста на судовите, туку и преку јакнење на свеста за користење на арбитражата, поради поедноставната и флексибилна постапка, брзината на одлучувањето, помали вкупни трошоци, едностепеност, поголема автономија на волјата на странките (во делот на именување на арбитрите, јазикот и местото на арбитражата и слично), олеснет режим на признавање и извршување на донесените арбитражни одлуки во странство (Конвенцијата за признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки потпишана на 10 јуни 1958 година во Њујорк ја имаат ратификувано повеќе од 160 држави во светот) и слично.

Сакаме да овозможиме промена на начинот на размислување и став кон прашањето за решавање на споровите на деловните субјекти;

Сакаме да придонесеме да се развие арбитражна култура меѓу деловните субјекти.

И ние како арбитражна институција, подготвени сме да направиме се што е потребно во насока на унапредување и развој на арбитражата во нашата земја. Ако прва од тие активности е организацијата на арбитражната конференција, следната активност, која веќе ја спроведовме во практиката минатиот месец, а зависеше од нас, е модернизацијата на правилата за работа на арбитражата, односно донесувањето на новите арбитражни правила на Постојаната арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија (Скопски арбитражни правила). Доколку арбитражата се препознае како можност и перспектива од деловниот свет, искрено верувам дека таа може да стане дел од филозофијата на размислување за водење бизнис, а со тоа и дел од успешната приказна на деловните субјекти во управувањето со правните ризици и решавањето на можните деловни конфликти“, велат од Стопанската комора.

 

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе