Анѓушев тврди дека не влијаел на замрзнувањето на прогресивниот данок

Како сопственик на компании немав интерес и не влијаев да се замрзне прогресивниот данок до 2023, односно до тогаш да се вратат рамните стапки, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

„Немав никакво влијание на враќањето на рамниот данок. За тоа беше направена анализа дали се оправдани ефектите од прогресивниот данок. Истата ја видов на владината седница на која беше презентирана и беше одлучено да биде прифатена”, рече Анѓушев на денешната прес-конференција наменета за Законот за финансиска помош.

Според него, доказ за тоа е што не бил прифатен неговиот став да не се одложува оданочувањето на каматите од депозитите во банките.

„За депозитите лично бев да не се одложува за да не ги чуваат луѓето во банките туку да ги инвестираат заштедите. Имаме голема ликвидност на банките, тоа можеше да се имплементира. Бев единствено за одложување на данокот за капитални добивки, бидејќи мислам дека берзата е се уште млада”, рече Анѓушев.

Тој не сакаше да ги коментира критиките кои ги упатија до Владата поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски, и неговиот некогашен советник, Бранимир Јовановиќ, кои ја воведоа прогресивната даночна стапка.

Тевдовски испрати порака до СДСМ дека со замрзнување на прогресивниот данок партијата ја губи придавката „социјалдемократски“, а Јовановиќ рече дека аргументите на министерката Нина Ангеловска се неиздржани.

Говорејќи за економските показатели, Анѓушев рече дека годинава како никогаш досега се издвоени средства за поддршка на економијата, вкупно 55 милиони евра или 37 проценти повеќе од лани кога беа проектирани 40,7 милиони, а резултатите се конкретни и видливи. Бројките, според него, покажуваат 3,6 отсто раст на БДП во првата половина од 2019-та, 5,5 отсто раст на индустриското производство, 14 проценти раст на извозот и 17,5 отсто раст на вработувањата.

Образложувајќи ги ефектите од Законот за финансиска поддршка на компаниите донесен минатата година, Анѓушев напомена дека домашната економија е на прав пат. Растот е поддржан од реални, не од виртуелни проекти и без какво било задолжување на државата. Јавниот долг и натаму, истакна, е во рамки на 48 и 50 отсто, како што беше во 2017 година.

Законот, потсети тој, годинава претрпи измени за да ги опфати и компаниите од ИТ, земјоделскиот и градежниот сектор, како и сите што решиле да воспостават производство, а еднакво ги третира домашните и странските инвеститори. На заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши во Владата, соопшти дека досега договори за државна помош потпишале 171 компанија или 120 нови, ако се земе предвид фактот дека лани оваа бројка била 97.

„Овие компании прават петгодишни планови и имаат најавено 230 милиони евра инвестиции од кои 110 милиони се веќе реализирани. Имаат најавено и 4.577 нови вработувања од кои досега се отворени 2.117. Многу е важно што домашните компани почнаа да веруваат во овој Закон и да аплицираат. Законот е за поддршка на индустријата и индустријализацијата на државата”, изјави Анѓушев и додаде дека до 2017 година инвестициите беа во трудоинтензивни дејности, а сега се во капитални. Тоа подразбира вработување високоедуцирани кадри и високи плати чија почетна сума го надминува македонскиот просек.

Помошта е дисперзирана, ја добиваат компании низ целата држава, има рамномерен регионален пристап што придонесува за генерален развој.

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе

Социјалниот маркетинг веднаш би можел ефективно да придонесе во напорите против нееколошкото однесување во нашата земја.

повеќе

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе