ИНТЕРВЈУ СО ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЗА ЕКОНОМСКИ ПРАШАЊА

Анѓушев: Син ми од Виена ми рече - ако не смените ништо, не се враќам во Македонија

Новиот вицепремиер за економски прашања вели дека е задоволен од тоа како се одвиваат работите по првите 45 дена од неговото прво искуство како бизнисмен во политиката. Во тимот на премиерот Заев, Кочо Анѓушев е најбогатиот министер - во анкетниот лист тој запишал имот вреден 28 милиони евра. Што го натерало овој бизнисмен да влезе во политиката?

Со ваков анкетен лист неблагодарно е да земам пари од државата и парите ќе ги донирам во хуманитарни цели и за стипендирање ученици, вели Анѓушев.

Тој во својот анкетен лист напиша дека поседува 6 стана, две куќи, од кои една на Халкидики, и неколку деловни простории, автомобили „масерати“, „порше“ и „мини кантримен“, уметнички слики од македонски автори, златен накит, часовници ролекс. Најголема вредност во неговиот имот има уделот во групата „Фероинвест“, каде што тој е содружник со 80 отсто од акциите, или 21 милион евра. Удел има и во фабриката „Брако“, а веќе го продал уделот во компанијата за трговија со електрична енергија ЕДС.

„Веќе 45 дена сум на ова ново работно место и може да се види каква е климата за работа. Она што можам да го забележам е дека кај сите министри, особено кај оние со кои соработувам, од економскиот сектор, има голем ентузијазам, имаме одлична соработка. Во почетокот се соочивме со потребата од итно решавање на две групи прашања. Првата е онаа од дневнооперативна природа, многу работи од техничката влада не биле решавани, немало можност или немало желба да се решат, и се обидуваме прво да ги исчистиме тие прашања, а паралелно на тоа да поставиме база за стратегиските економски прашања, тоа што го ветивме, да го оствариме. Јас гледам тоа да биде одработено како што треба.

Значи на иста линија сте со Вашите колеги? (Од таа група само Вие сте бизнисмен, а другите се политичари или професори)...

- Да, засега имаме одлична соработка. На пример, од дневнооперативните работи, тоа беа штрајковите на стечајците, проблемите со откупот на земјоделските производи... Проблемот со платите и немањето работа на „Еурокомпозит“ од Прилеп го решивме многу брзо, најдовме купувач за нивните производи, суровина имаат, производството е воспоставено, првата плата е земена... Тоа е кога во решавањето на ваквите проблеми влегувате со бизнис-логика. Проблемите во бизнисот се решаваат со бизнис-логика. Бизнисот не може да се реши со политичка логика. И затоа ќе имаме резултати.

Препознавте ли политичка игра во проблемот со откупот на земјоделските производи, праските, лубеницата, пченицата...?

- Да, имаше неколку некоректни потези. На пример во март, од државните резерви, пред жетвата, на млинарите им се продала пченица по ниска цена од 6 денари по килограм. Државата ги продала резервите и сега мелничарите немаат интерес да откупуваат од земјоделците. Ова беше една антиекономска мерка, би рекол со политичка заднина. Тоа беше навистина еден некоректен, несовесен потег. Но ние и со таа ситуација ќе се справиме. Така беше и со праските, лубениците... мислам дека најдовме коректно решение.

Велите сакате да ја примените бизнис-логиката. Како сметате дека овој апарат, оваа закржлавена, неинвентивна и бавна бирократија ќе ја прифати таа бизнис-логика, која е многу подинамична и секогаш инвентивна?

- Се разбира дека тука сме многу бавни. Но ваше е да се обидувате и да наметнувате едно поинакво темпо за кое цените дека е потребно за да се решат работите. Еве една илустрација за која сметам дека добро го отсликува токму ова што ме прашавте.

Членовите на мојата владина комисија се навикнале да доцнат на состаноците по половина час и повеќе. Јас првите два состаноци ги почнав навреме, со оние што дојдоа навреме, и веќе на третиот состанок дојдоа сите и состанокот го завршивме за 25 минути.

Ако наметнете такво темпо, така и ќе течат работите. Како држава навистина многу време изгубивме и за многу работи едноставно немаме време, мора да наметнеме поинакво темпо, работите не можеме бавно да ги решаваме. Мораме брзо да ги менуваме бројките.

Што точно Ве натера од таа комотна позиција што ја достигнавте како бизнисмен, со толку бизниси што добро си течат, да влезете во политика? Што прави човек со таков капитал на тоа место?

- Има повеќе причини. Некои работи навистина треба да се променат. Ние како стопанственици постојано се обидуваме да наметнеме некои решенија и често пати немавме соговорник за тие работи што ги баравме. И сфатив дека мора да се биде на местото каде што се одлучува за да можат работите да се менуваат. Затоа ја прифатив таа позиција, иако таа за мене, условно речено е губитничка.

И самите велите ја изгубив комоцијата. Се откажав и од платата. Фирмата ЕДС ја продадов. Се откажав од сите менаџерски позиции. Имам добри менаџери во другите компании и тие добро си ја вршат работата. Тука е и тој внатрешен порив дека ние во Македонија имаме знаење и можеме да направиме квалитетен исчекор во економијата. Бројките мора да ги промениме. Ако не успеам во тоа, ќе се повлечам и ќе бидам незадоволен. Само бројките ќе бидат тие што ќе го покажат успехот или неуспехот од тој наш ангажман.

Што прави човек со таков капитал на тоа место? Мојот капитал е во Македонија. Јас немам резервен капитал и резервна држава. Мојот капитал ќе може да се развива само во развиена и нормална држава. Ете и тоа е дел од мојата мотивација за да ја прифатам оваа функција. Јас во анкетниот лист објавив сѐ што имам. И во Централниот регистар сето тоа е запишано под името Кочо Анѓушев. Јас немам резервна држава. Тоа е таа и прагматична причина.

Мојот капитал само во таа нормална држава може да има вредност. Ама не само мојот капитал. На сите нас. И имам една лична причина за прифаќањето на овој предизвик. Можеби и решавачка. Пред да ја прифатам понудата за вицепремиер за економски прашања, разговарав и со моето семејство. Син ми има 20 години и студира во Виена. Тој ми рече: ако не успеете ништо да смените во оваа држава, мојата одлука да не се вратам таму веќе е донесена. Замислете, еден млад човек, чиј татко му ја обезбедил иднината во татковината, веќе донел одлука да замине и покрај комоцијата што ја има обезбедено од неговиот родител.

Затоа, оваа моја функција ја сфаќам како служење војска. Ова е привремена позиција и ете, ако можам во сето тоа градење на економијата да додадам еден камен... Јас ќе бидам среќен ако бројките што ги затекнав како потпретседател на владата, кога ќе излезам бидат малку подобри од тие што ги затекнав. А би сакал да видам и повеќе киловати произведена електрична енергија во Македонија, повеќе инсталации во енергетиката, повеќе километри автопатишта и пруги, повеќе извоз, помала разлика помеѓу увозот и извозот и она што е најважно, повеќе млади луѓе што ќе сакаат искрено да останат во државата, а не затоа што немаат друг избор.

Вие останувате спона со стопанството. Ја одржувате таа комуникација со стопанствениците, со стопанските комори...?

- Да, да... секојдневно. Денеска имав средба со бизнисмените од сувомесната индустрија. Во сите овие комуникации, не е целта да се решаваат поединечните проблеми. Целта е да се дефинираат политиките и стратегиите за генерално да му се помогне на стопанството, за развој на економијата. Тоа веќе го подготвуваме како подлога и најдоцна до крајот на септември ќе излеземе со програма за целокупна економска поддршка на стопанството, да ја дефинираме новата рамка за странските инвестиции, да ги изедначиме условите за помош и за странските и за домашните инвеститори...

Ние треба да направиме стимулативна атмосфера за фирмите да работат. Мораме да ги стимулираме извозно ориентираните фирми и за тоа има повеќе механизми кои ќе ги презентираме до крајот на септември. Нашата работа како влада не е да се мешаме во бизнисот, туку да креираме стимулативна атмосфера за добрите фирми. Ова ќе биде цел пакет на мерки со кои мислам дека ќе бидат задоволни сите стопанственици.

Како ќе ја избегнете таа вечна желба на политиката да се меша во бизнисот, а и на дел од бизнисмените да бидат блиски до политичарите?

- Мојот став е јасен. Државата секогаш е најлошиот бизнисмен. Пазарната логика треба да е репер за бизнисот, а не нечија блискост до политиката. Фирмите треба да се остават да работат. На фирмите им треба само оперативна помош, дефинирани услови и генерални политики за целокупниот амбиент, без парцијални решенија.

Задоволен се вративте од самитот во Трст. Можете ли уште нешто да додадете во однос на помошта од ЕУ?

- Бројките најдобро го кажуваат успехот што го постигнавме во Трст. Добивме 40 % од вкупно доделените грантови. Досега, како држава, неколку пати сме партиципирале за овој проект, но не добивме ништо. И едно евро подарок е значајна поддршка. Седумдесет милиони евра неповратна помош за железничко поврзување со Бугарија за нас се голема обврска. За да покажеме дека сме подготвени, сега мора да се промени легислативата, нови мерки да воведеме, да се приспособиме кон правилата на тоа друштво во кое сакаме да членуваме.

Имате ли анализа за исплатливоста на таа пруга? Имаше и такви дилеми во однос на влегувањето во овој проект.

- Ако нема помош, таа пруга е неисплатлива. Токму ваквата помош ја прави пругата исплатлива. Трите делници за пругата до Бугарија чинат околу 700 милиони евра. Кога се гледа за ваков проект е доделен и грант, тогаш и меѓународните финансиски институции полесно се решаваат за влез во таков проект.

Ова значи дека сепак железничкото поврзување со Бугарија ќе потрае. Зборуваме за финансирање само на една делница, како со другите две, до 700 милиони евра?

- Нема да чекаме. По првата фаза, одиме и на третата делница. Мислам дека за 4-5 години сето тоа да се заврши, а потоа одиме во западниот дел, на поврзувањето со Албанија и на воспоставување на коридорот меѓу Јадранско и Црно Море.

Останува ли ориентацијата и на оваа влада во однос на енергетските прашања, поврзувањето на гас на Македонија од повеќе извори, поврзувањето со гасот од Азербејџан...

- Секогаш е добро да имате два извора. Сега имаме само руски гас. Но добро е да се приклучиме и на гасот од Азербејџан. Ова е една економско-политичка активност да станеме дел од тој проект. Овој проект ја заобиколува Македонија, минува од Бугарија и Грција. И ние сакаме да станеме дел од таа приказна иако сме назад во тоа, но има добри сигнали за можност за приклучување и на таа мрежа.

Во моментов гасот што се користи во Македонија е најскапиот гас во цела Европа. Што се однесува до враќањето во игра на проектите Јужен тек и Турски тек, од она што досега го гледам на цртежите, Македонија не е таму. Бевме абортирани од сите тие процеси. Зошто тоа се случувало, можам само да претпоставувам, но оставам јавноста да процени. Бевме критикувани од опозицијата дека не работиме, дека имаме само состаноци со меѓународната заедница.

Но тоа не е така. Целта беше да ја подобриме сликата за Македонија и да објасниме што сакаме да направиме. И еве првиот резултат дојде. Овие 70 милиони евра грант се резултат на тоа. Ако некој мисли дека е ова малку, можеби тие се навикнати на повеќе пари, но ние тие пари не ги видовме. Секое подарено евро е многу, е добредојдено и ние сме благодарни за тоа. Изјавите во правец на омаловажување на добиената помош од страна на опозицијата се навреда за секој даночен обврзник на Европа.

Како да ја зголемиме енергетската независност на Македонија, прашање што е сериозно поврзано со суверенитетот и безбедноста на секоја држава?

- Преку ноќ не можеме да станеме независни. Мора да ги користиме своите капацитети. Ние имаме една ситуација во која долго време некој нѐ убедуваше дека за нас е поисплатливо енергијата да се купува, отколку да се произведува, бидејќи таа што би се произведувала би била поскапа од купечката. Тоа е елементарно непознавање на производството и на бизнисот.

Да, тоа е така сега, сѐ до моментот додека не ги отпуштите сите работници во капацитетите од овој сектор и ги намалите фиксните трошоци. Ако вие и понатаму давате пари за плати, а луѓето не работат, давате пари за ремонти, а не произведувате, ако и понатаму плаќате за кредити и амортизација без да произведувате, вие имате едно големо количество фиксни трошоци, кои од старт ја поскапуваат струјата.

Тоа се случува во ЕЛЕМ. Само 16 милиони евра годишно чини одржувањето на ТЕЦ Осломеј без никакво производство. ЕЛЕМ мора да почне да произведува повеќе струја. ЕЛЕМ произведува 5 милиони мегаватчасови годишно, а тоа значи дека само Осломеј цената на струјата ја оптоварува со по три евра по мегаватчас. А ние зборуваме дека било скапо. Цената на ЕЛЕМ е 41 евро, три евра во 41 се 7% - ете толку ја качува цената на струјата само Осломеј, само платите на вработените и одржувањето на објектот без да се произведува ништо.

Се купува социјален мир или за ТЕЦ Осломеј навистина нема веќе решение?

- Не знам дали се купувало социјален мир. Ако мене ме прашате, не се знаело да се работи. Не можете Осломеј да го направите профитабилен, но ако успеете трошоците од 16 да ги намалите на 8 милиони, тогаш веќе имаме чекор напред.

Што е решението?

- Купете јаглен и нека почне да работи.

Што со ТЕЦ Неготино?

- Тука е друг проблемот. ТЕЦ Неготино е на мазут и веќе не е исплатливо да се работи. Тука нема толкави фиксни трошоци, но проблемот мора да се решава. По изборот на новите раководства јас тука веднаш ќе влезам во решавање на работите.

За прв човек на ЕЛЕМ се споменува името на Србинот Александар Обрадовиќ, од неодамна со одлука на Владата и македонски државјанин. Тоа е Ваш предлог?

- Јас човекот не го познавам. Никогаш во животот не сум го видел. Ако мене ме прашате, јас сметам дека ние имаме доволно квалитетни луѓе што можат да ја раководат таа компанија. Колку што знам, за таа функција сѐ уште нема официјален предлог од Владата.

Дали е вистина дека пред последните локални избори имавте понуда од ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничката функција на Велес?

- Во животот сум имал многу понуди за политички ангажман, од разни страни. Но сите, според мене, биле несоодветни. Понудата да се вклучи претставник од бизнис-секторот од тогаш мандатарот Зоран Заев беше коректна. За мене тоа претставува чест, но и голема обврска и навистина сѐ ќе сторам, ќе се заложам да го оствариме тоа што го ветивме и тоа за што се договараме.

Имавте ли средби со странските инвеститори? Дојдоа ли да Ве прашаат како понатаму? Дали изразија страв од идните владини решенија во однос на бенефициите што ги добиваат?

-Странските инвеститори и натаму ќе бидат поддржувани и добредојдени во Македонија. Но начинот на помагањето ќе биде транспарентен и еднаков за сите. Подеднакво ќе ги помагаме сите стопански субјекти. И странските и домашните. Сите поволности ќе важат и за домашните стопанственици. Нема да правиме разлика.

Ако мене ме прашате, јас дури би им дал предност на домашните инвеститори затоа што тие даноците ги плаќаат тука, имаат обврска тука да платат данок на дивиденди, а парите ќе ги трошат во Македонија. Јас за сѐ што сум створил, што сум купил, плаќам тука, и акцизи и даноци... тука, во Македонија, а не во странство. Странците се добредојдени и ќе ги помагаме на сличен начин како и досега. Но ќе ги изедначиме субвенциите и за македонските компании. Кон крајот на септември ќе ја објавиме таа структура на поддршка и секој ќе може во таа табела да се најде и да види што му следува врз основа на тоа што сака да го направи.

Откако го добив тој безбедносен сертификат, имам увид што сѐ правело со тие договори и тука очигледна е разликата во помошта што некои компании ја добивале. Преговарачите имале дискрециски права да одлучуваат за помошта, одлуки што потоа биле верификувани и од Владата.

Да, имав средби со претставниците на речиси сите странски инвестиции во земјава. Тоа се бизнисмени. Тие брзо и лесно ја сфатија логиката на овој нов приод што сакаме да го промовираме. Она што им го порачав е дека ништо нема да се менува во однос на тоа што досега е потпишано и преземено како обврска. Но но на подолг рок, ги замолив да видат што е можно повеќе да се отворат и кон македонската економија. Значи само ги замолив, без никаков притисок, да ги разгледаат сите можности за соработка и со македонски компании, со македонското стопанство. Тие тоа го разбираат и ветија дека ќе се трудат. Некои од нив, кои се во фаза на одлучување, велат дека и тие така би направиле во однос на растот на македонската економија. Само раздавањето на народните пари за да правите „пи-ар“ е вистинска глупост.

Но некои од тие странски фирми ја прифатија таа игра.

- Зошто не би прифатиле кога некој ви дава подарок? И ние го прифативме грантот од ЕУ. А за тоа какво било тоа подарување, дали има нешто во заднината, тоа не е моја работа. За тоа има други органи.

Планирате да воспоставите некаков лимит за странските компании за минимумот во однос на соработката со македонската економија?

- Да. Според новите правила ќе има и таква обврска и од тоа ќе зависи и помошта. Некој можеби воопшто нема да сака да соработува со македонските компании, но тогаш помошта ќе биде поинаква. Мора да креираме посериозен импакт во македонската економија. Такви и ќе бидат пакетите за субвенции. Истото ќе важи и за висината на платите - субвенциите ќе бидат поинакви за повисоките плати и за ангажманот на висококвалификуван кадар. Колку повисоко ниво на пенетрација правите во македонското општество, толку и субвенцијата ќе биде помотивирачка. Но ако вие сакате да се однесувате само како една црна кутија во која нешто само ќе влегува и ќе излегува од Македонија, тогаш кој е интересот на државата и каде е интеракцијата?

Имате ли некаква процена за дадените пари за субвенции на странските инвеститори?

- До септември ќе излеземе со сите податоци. Ќе ги објавиме сите бројки и јавноста нека заклучува.

А.Д.

Референдумот во Дојран во недела е поделикатен од оние во Гевгелија, Богданци и Валандово, зашто отворањето рудник во Казандол може да го кутне во уште потешка агонија eзерото кое е прогласено за споменик на природата. 

повеќе

Во Франција, пред, по и за време на Втората светска војна, пушењето, особено француски марки цигари, било чин на патриотизам. 

повеќе

Не постојат „повисоки интереси" од типот на членството во Европската Унија или НАТО алијансата за кои вреди да се прават потценувачки компромиси.

повеќе