Вашингтон

Анѓушев: Претходната влада потроши повеќе на себепромоција и роуд шоуа отколку за помош на странски и домашни компании

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев за МИА изјави дека Владата ја напушта праксата на нетранспаретност и неотчетност во привлекување на директни странските инвестиции во земјата и дека ќе воведе економски аташеа како составен дел од амбасадите во земјите кои се традиционални партнери на Македонија.

На маргините на Трансатлантскиот форум за економска соработка што вчера се одржа во Вашингтон, каде Анѓушев настапи на панел дискусија насловена „Македонија: Свртување нова страница“, тој рече дека Владата развива атрактивни мерки за привлекување на странски инвестиции во Македонија.

„Многу важно е тие мерки да бидат транспарентни, што значи секој домашен или посебно странски инвеститор точно да знае што може да очекува од Владата согласно одредени критериуми“, порача вицепремиерот.

Посочи дека предуслов е инвестицијата да биде профитабилна и компаниите да растат, а Владата тогаш би ги подржала овие компании со буџетски средства во однос на исплатените нето плати на вработените.

„Прво, доколку една компанија исплаќа месечна плата повисока од 300 евра, Владата ќе ја поддржи со 10 отсто од секоја исплатена плата. Владата презема мерки и за задржување на високо образованите кадри во Македонија со тоа што компаниите кои исплаќаат месечна плата од 700 евра (две просечни плати) повратните средства ќе бидат 20 отсто од исплатената плата“, истакна Анѓушев.

Понатаму, на секоја компанија која инвестира во Македонија и покажува раст, информира Анѓушев, Владата е подготвена да исплати 10 отсто од средствата вложени во првата година. Но, доколку компанијата е извозно ориентирана, ќе добиe 20 отсто од средствата вложени во првата година.

Тој укажа дека Владата има посебни мерки за малите и средни претпријатија, што ќе бидат подржани со имплементација на стандарди, со проект менаџмент, со решавање на нивните ај-ти прашања, со саемска промоција.

„Малите и средни претпријатија ќе бидат поддржани со 30 отсто од инвестицијата вложена во првата година. Доколку пак тие се извозно ориентирани, ќе добијат плус 10 отсто повратни пари“, рече Анѓушев.

Според него, претходната влада потрошила повеќе на себепромоција и роуд шоуа отколку на помош за странски и домашни инвестиции во економијата.

„Направивме симулација и знаеме што добиле странските инвеститори во Македонија изминатите години. Главните пари не се потрошени на успешните компании, туку се трошени на разни роуд-шоуа и медиумска пропаганда и промоција. Според наша проценка, над 40 милиони евра се потрошени за реклами во странски и домашни медиуми за кампањи поврзани со инвестирање во Македонија“, посочи Анѓушев.

Тој изјави дека со направените симулации Владата е убедена дека постоечките успешни компании и инвеститори ќе бидат многу подобро и многу потранспаретно поддржани со тоа што парите ќе бидат поефективно потрошени.

Втора важна работа е сопштување за овие мерки до бизнис заедниците на земјите со кои Македонија има тесни билатерални и трговски врски и номинирање на економски аташеа при македонските амбасади.

„Како светот да разбере за овие мерки. За разлика од претходната влада, ние ќе го вратиме концептот проверен кај целиот дипломатски свет и ќе номинираме економски аташеа при амбасадите. Аташеата ќе бидат составен дел од мисиите, а не промотори (претходно се именуваа економски промотори како трговски патници), кои имаа конфликт на интереси со амбасадите и многупати амбасадорите не знаеа што прави промоторот“, рече Анѓушев.

Тој укажа дека аташеата ќе реферираат пред Министерството за надворешни работи, но и пред кабинетот на вицепремиерот каде се креираат економските политики.

Владата планира да распише конкурс во кој ќе се изберат првите 20 економски аташеа кои ќе бидат пратени во земјите традиционални партнери на Македонија, а тоа се земјите од Европската унија, во Соединетите Држави и во некои земји од Блискиот исток. Вицепремиерот потврди дека и Русија може да биде застапена со еден таков економски аташе. Овие развојни мерки Владата во најскоро време ќе ги предложи на усвојување до Парламентот во форма на резолуција.

„Парламентот треба да ги усвои и изгласа развојните мереки во официјална економска политика на Владата за развој на економијата на Македонија“, додаде Анѓушев во своето обраќање.

Трансатлантскиот форум за економска соработка е организиран од Трговската комора на САД, Центарот за трансатлантски односи и Катедрата за напредни меѓународни студии при универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон. 

„Бејоеремите" веќе многу долги години имале и имаат јазик којшто (Слушни! Слушни добро!) сите, освен нас, го нарекуваат „македонски".

повеќе

Добронамерниот дијалог – поточно способноста да се види светот преку очите на други луѓе, посебно оние со кои не се согласуваме – никогаш не бил поважен од сега.

повеќе

Владата не би смеела самостојно да одлучува за ставање под концесија на минералните суровини како што предвидува постојниот закон.

повеќе