Анѓушев посочи дека секаде во светот тоа се луѓе од амбасадите и од МНР. Економските аташеи ќе мора добро да го познаваат македонското стопанство и за таа цел ќе поминат двомесечна обука. Конкурсот ќе излезе во наредните денови.
„Тие економски аташеи треба да го научат македонското стопанство и ќе поминат обука од два месеца во Македонија. Треба да го поминат целокупното македонско стопанство за кога ќе одат во светот да знаат што можат да продадат од Македонија. Тие треба да бидат комерцијалисти на македонската економија во светот и да привлечат странски инвестиции во Македонија, но такви кои ќе можат да соработуваат со македонската економија“, изјави Анѓушев.
Во Република Македонија, како што кажа, има 19 активни странски инвеститори, иако во јавноста се создаде впечаток дека ги има многу зашто по пет пати се сечеше лента. „Сите тие од македонската економија купуваат помалку од еден процент - вода, храна, обезбедување, струја. Дали ние треба на тоа да се сведеме“, рече Анѓушев.
Тој уште информираше дека буџетот на Агенцијата за странски инвестиции е намален само во делот на непродуктивните трошења, односно на родшоуа и реклами. Повеќе нема реклами на Си-Ен-Ен и на Би-Би-Си, но, рече, има и други начини на рекламирање кои со многу помалку средства се поуспешни и го постигнуваат истиот ефект.