Анѓушев на бизнис форум во Чешка, вистинско време за инвестиции во Македонија

Во нашата држава може да најдете сигурна работна сила за работа, на инженерско ниво, но и на ниво на техничари и работници. Моментно не бараме компании што ќе вработуваат многу луѓе, туку компании што бараат повисоко ниво на технолошки вештини и би вработиле од 300 до 500 лица, но со највисоко ниво на технолошка подготвеност, рекол вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска на бизнис форум во рамки на инженерскиот саем во Брно.

Сега, посочил Анѓушев, е вистинско време за инвестиции во Македонија,  која нуди многу производи за чешкиот пазар, но и подизведувачи за чешката индустрија.

Како што соопшти кабинетот на вицепремиерот, на бизнис форумот се претставени условите за инвестирање во нашата земја и се упатени покани до чешките бизнисмени да го искористат позитивниот моментум во кој се наоѓа државава.

„Пред да зборуваме за субвенции за стопанството, потребни ни се два предуслови: владеење на правото и стабилност во земјата. Со извесното полноправно членство во НАТО, на почетокот на следната година и добивањето на датумот за почеток на преговори со Европската унија кој го очекуваме наскоро, се задоволуваат тие два предуслови. Сега кога стабилноста на земјата е обезбедена, важно е да се каже дека имаме и план за финансиската поддршка за компаниите кои работат во нашата држава. Тоа е „Планот за економски раст“, кој претставува збир на мерки кои им помагаат на компаниите да го зголемат бизнисот во Северна Македонија. Се надевам дека овие мерки би ги задоволиле вашите потреби и затоа ве охрабрувам да ја посетите нашата држава и со тоа, се надевам, да ја препознаете можноста за соработка со Северна Македонија“, рекол Анѓушев.

Пред чешките бизнисмени истакнал дека сега е вистинското време да дојдат и да се развиваат деловни односи.

„Има многу производи со добар квалитет и разумни цени за вашиот пазар од нашата земја; почнувајќи од земјоделски производи, производи од текстилната, метало-преработувачката индустрија, ИТ секторот – навистина имаме многу компании кои брзо се развиваат и ги нудат своите производи и услуги и се надевам дека таму може да најдете сигурни партнери. Ние сме мала земја, но имаме интересен пазар, зашто нашите производи може да бидат препознаени како мошне корисни. Исто така, знам каква е ситуацијата со индустријата во Република Чешка и мислам дека во Северна Македонија може да најдете подизведувачи за вашите бизниси“, нагласил Анѓушев.

Како што рекол, резултатите од работата на Владата во изминатите две и пол години се рефлектираат преку позитивните стапки на раст на бруто домашниот производ, индустриското производство, странските инвестиции, бројот на вработени, растот на платите и др.

„Започнавме со негативна стапка на раст на БДП од -1.8 проценти, односно со рецесија во 2017 година, а со имплементација на Планот за економски раст и други комплементарни програми, дојдовме до раст на БДП до 4,1 процент во првиот квартал и 3,1 процент за вториот квартал од 2019 година. Очекуваме годинава да ја завршиме меѓу 3,5 и 4 проценти раст на БДП“, навел Анѓушев.

Претставувјќи ги владините економски политики за поддршка на нови инвестиции , министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска истакнала дека Владата обезбедува значителна финансиска поддршка за реализација на инвестициски проекти преку законски, транспарентни и предвидливи процедури, без простор за каков било тип на политички волунтаризам.

„Развивме и имплементиравме низа комплементарни економски програми насочени кон подобрување на деловната клима во земјата и поттикнување нови инвестиции, стимулирање на претприемништво, подобрување на технолошките процеси и воведување иновации во производните процеси на компаниите“, рекла министерката Апостолска.

Директорот на дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Александар Младеновски ги претставил условите кои им се овозможуваат на компаниите кои се одлучуваат да инвестираат во некоја од зоните во земјата. Тој потенцирал дека компаниите имаат можност да добијат долготраен закуп на земјиште во зоните, за многу поволни цени, при целосно изградена инфраструктура од страна на државата, како и други видови даночни и царински олеснувања. Во изминатите две и пол години дваесетина нови проекти на странски компании од развиените земји, започнаа со реализација во зоните, а ефектите од нивната работа се очекуваат во периодот кој следи, соопшти кабинетот на вицепремиерот за економски прашања.

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе