Анализа на бизнисмен

Анѓушев: Имаме финансиска, а не енергетска криза, цената на струјата ќе остане висока

Актуелната состојба именувана како енергетска криза, јас ја именувам како финансиска криза, а не енергетска, бидејќи енергија има во Европа, вели поранешниот вицепремиер за економски прашања, бизнисменот Кочо Анѓушев, кој меѓу другото, е и трговец со струја. „Како што гледаме никој не се жали дека нема електрична енергија, што значи дека кризата не е дека нема енергија, туку кризата е дека енергијата е скапа", вели тој. Aнѓуев проценува дека цените на долг рок ќе се стабилизираат меѓу 80 и 120 евра по мегават час.

„Најголем фактор е цената на природниот гас. Во суштина, кризава е европска, а не светска. Главните количини на гас во Европа доаѓаат од Русија, еден мал дел од Норвешка, од Северното Море Гасот. може да се купи на два начина. Едниот начин е да се купи по формула врзана со цената на нафтата, а вториот е да се купи на спот маркет. Европа реши да купува гас на спот маркет, но за жал, европската економија малку поспоро се движеше и закрепнуваше, а притоа паралелно на тоа се случи Кина и азиските земји драстично да го зголемат конзумот на гас од две причини. Прво, заради тоа што и Кина реши да ги затвора термоелектраните на јаглен и да преминува на производство на електрична енергија од гас, а и нивната економија побргу се опорави во времето на ковид-кризата и ги зголеми количините на гас што ги троши директно во индустријата. На тој начин се случи еден добар дел од рускиот гас да отиде на тие пазари и кога побарувачката расте, а гасот е сепак со лимитирани количини на производство, се разбира цената расте. Тука има и геополитички проблеми околу Северниот тек 2, меѓутоа, кратко речено, големата потрошувачка на гас во Кина направи големи количини на гас да отидат кон таа голема земја и тоа ја зголеми цената на гасот во Европа до рекордни нивоа. И ако земете дека добар дел од електричната енергија се произведува на гас, во тој случај тоа ја зголемува цената“, вели Анѓушев во интервју за МИА.

Според него, причина се и зелените сертификати коишто пораснаа драстично и од некои 20 евра тие отидоа до 60 - 70 евра, што со други зборови, тоа е цената на екологијата што ја плаќаме.

„Трета компонента се намалените издашности на обновливите извори на енергија. Европа во голем дел се потпре на обновливи извори, еден најголем дел можеби на ветерните електрани во северните мориња, меѓутоа се погоди период да нема премногу ветер. Обновливите извори по сите карактеристики се еколошки добри, меѓутоа, од друга страна, пак, тие даваат електрична енергија само кога природата тоа го дава – фотоволтаиците кога има сонце, ветерните електрани кога има ветер, хидроелектраните кога има вода, а се погоди период сите тие извори да бидат намалени во споредба со некакви просеци од минатите години“, вели бизнисменот Анѓушев.

Како четврта компонента тој ја наведува реалната инфлација.

„Во светот се испечатија многу пари. Тие пари направија зголемување на основните цени на ресурсите, бидејќи тоа е еден затворен круг. Да речеме, пораснаа металите 100 отсто. Сите резервни делови во хидро, термо електрани или какви било постројки се прават од метал, што значи дека и деловите поскапеа, нивната инвестиција поскапе, нивното одржување поскапе. Понатаму, инфлацијата направи да има покачување на платите. Тоа направи поскапување на работната рака и сето тоа направи една генерација на инфлација која што ние не можеме да кажеме дека не постои. Таа постои. Таа постои секаде во светот, а изворот на таа инфлација е точно кризата која што веќе ја живееме две години, а не знаеме ни до кога ќе заврши. Значи, инфлацијата е компонента која што влијае на цената на струјата, веројатно најмалку во моментот, но и таа влијае. И кога ќе земете збир од сите овие четири компоненти тоа е практично вкупното зголемување на цената на електричната енергија“, анализира Анѓушев.

Тој нагласува дека со кризата од овој тип најдобро се справуваат земјите кои имаат доволно сопствено производство, а сите држави, меѓу кои и Македонија, коишто се доминантно увозно зависни, мора да ја плаќаат пазарната цена на електричната енергија.

„Што може Владата да направи? Всушност тоа што го прави. Јас прво мислам дека треба проблемот или прашањето на енергетика да се извади од дневно-политичкото прашање или дневно-политичкото препукување, бидејќи во енергетика ништо не се прави за една, две, три години, туку со план за десет, дваесет години. Ние имаме, но за жал, малку се чита тој план. Тоа се вика Енергетска стратегија, донесена е во 2018 година. Таму е се ова убаво напишано и треба тоа само да се чита и да се почитува. Мислам дека во таа насока треба да се оди. Но, кратко речено, значи што може Владата да направи? Може да извади пари од Буџет и да субвенционира. Впрочем тоа и го прави, така и тоа главно го прави во домаќинствата, а не во делот на стопанството. Веројатно во делот на стопанството и тешко може да го направи иако има мерки коишто може да се преземат, но домаќинствата максимално ги штити. Покачувањето на цената на електричната енергија од околу 10 проценти, во споредба со тоа какви се пазарните цени на електричната енергија е мало покачување, што значи дека Владата ќе издвои сериозни средства да ги субвенционира. Но, тоа не е решение на долг рок, туку само надеж дека оваа криза ќе помине. Е точно тука јас не сум убеден дека оваа криза ќе помине и дека цените брзо ќе се вратат на старото ниво. Ако земеме предвид дека минатата година цените овој период од годината беа 50-60 евра по мегават час,  јас мислам дека такви цени уште долг период нема да видиме. Зошто? Заради тоа што дури и да се реши проблемот со гасот и да се намали цената на гасот, останатите три компоненти коишто влијаат врз цената на електричната енергија и понатаму ќе останат“, вели Анѓушев.

Тој нагласува декс според неговото искуство, цените на долг рок ќе се стабилизираат меѓу 80 и 120 евра по мегават час. 

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе

Наместо да ги повлечат тужбите против воените инвалиди и членовите на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили, МВР отиде дотаму што поднесе тужби дури и против членовите на семејствата на загинатите полицајци со законска камата да ја вратат земената оштета.

повеќе

Платформата е формирана на 9 мај 2018 година во рамките на проектот на УСАИД, во која се вклучени 4 комори за да се зајакне јавно-приватниот дијалог во процесот на подготовка на донесување закони и други прописи поврзани со работењето на бизнисот.

повеќе