Претставени новите владини мерки

Aнѓушев: Аплицирајте, средства во Буџетот има и ќе бидат до денар префрлени до 25 декември

Ги поздравуваме владините мерки за поддршка на инвестициите и за зголемување на платите, но прво мора да се решат проблемите кои го попречуваат нашето работење, а ги има многу и се главно од административен карактер, му порачаа компаниите на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Во Стопанската комора на Македонија каде Анѓушев ги презентираше најновите мерки на Владата за поттикнување на конкурентноста, бизнис секторот укажа дека по четири и повеќе месеци се чека за увоз на потребни репроматеријали, доцни донесувањето на законски решенија од кои зависат многу бизнис планови, по една недела траат царинските постапки, се бараат различни сертификати и документи за исти производи,…

„Во производството не смее да има чекање и доцнење повеќе од седум дена. Во ред е ова што го прави Владата за да ни помогне, но има многу проблеми кои не се решени. И да земеме поддршка од државата, како ќе ја искористиме кога се соочуваме со вакви потешкотии“, рече Мирослав Ѓоргиовски од „Геопром“.

Вицепремиерот Анѓушев се согласи дека администрацијата е бавна и дека, како што рече, прави проблеми. Во овој контекст најави наскоро отворање посебна канцеларија во која компаниите он-лајн ќе може да пријавуваат проблеми од тековното работење, а целта е брзо реагирање.

Тој претходно апелира, сите фирми до крајот на овој месец да аплицираат за поддршка на инвестициите. Средствата се обезбедени, и како лани, ќе бидат во целост исплатени до 25 декември.

„До моментов, 4.000 компании се квалификувани да аплицираат за мерката. Аплицирајте, средства во Буџетот има и ќе бидат до денар префрлени до 25 декември, како минатата година“, потенцира Анѓушев, додавајќи дека мерката опфаќа и нематеријално производство (на софтвери), а се однесува и на земјоделскиот сектор“, во делот преработка.

За иновативните решенија, подвлече, субвенцијата е 30, а не 20 проценти, иако за нив е најдобро да се конкурира во Фондот за иновации кој покрива до 70 отсто од инвестицијата.

Во однос на законот за субвенционирање придонеси и раст на плати, информира дека е веќе ставен на ЕНЕР каде може да се разгледа и потоа да се достават предлози за негово подобрување. Идната година, напомена вицепремиерот, за оваа мерка ќе бидат обезбедени 40 милиони евра. Мерката ќе трае три години и е флексибилна. Важи и за сукцесивно зголемување на платите, како и за нововработените лица. Не предвидува пенали, ниту враќање средства од страна на фирмите ако вработениот, чија плата е зголемена, реши да си замине.

„Компаниите ќе плаќаат само нето плата и персонален данок или 10 отсто. Останатите 37 проценти, за здравствено и пензиско осигурување, плус додатоци за социјално, ќе ги покрие државата. Нема да има потреба од никакво администрирање, постапките се максимално поедноставени. Треба само да се пополни колку е платата зголемена“, објасни вицепремиерот.

И во оваа прилика Анѓушев потенцира дека целта на мерката е вложување во човечки капитал. Повтори дека растот на економијата е лимитиран ако нема соодветен кадар, а земјава во моментов со тоа се соочува. Битна е, додаде, и продуктивноста за што, пак, рече, се неопходни современа технологија, луѓе обучени кои ќе знаат со неа да работат и добар менаџерски тим. За првите две работи, истакна, државата веќе помага. Се осврна и на дуалното образование, како клучен фактор во продуцирањето соодветен кадар, согласно потребите на пазарот на труд.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во своето обраќање пред присутните истакна дека ова е дел од сетот на активности кои Комората ќе ги преземе до крајот на годината насочени кон поттикнување на растот и конкурентноста на компаниите. Во рамките на овие активности, на 13.9.2019 година ќе се одржи и Балканскиот претприемачки самит, кој има за цел на едно место да ги обедини бизнисмените од регионот и да отвори нови можности за соработка, а следуваат и низа активности поврзани Буџетот за 2020 година и економските политики, Самитот 2025 и дуалното образование во Mакедонија.

 

 

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе