Американската компанија „Дура“ влезе во ТИРЗ Скопје со почетна инвестиција од 18 милиони евра

Осумнаесет милиони евра е почетната инвестиција на американската  компанија „Дура аутомотив системс“ во фабриката во Технолошко-индустриската развојна зона кај Скопје, чија изградба почна денеска.

Во новиот капацитет што треба да стартува со работа во средината на наредната година за 10 години се планираат вложувања од 38 милиони евра и 500 работни места.

Во фабриката, на површина од 16.000 квадратни метри, ќе се произведуваат екстериерни алуминиумски лајсни и кровни носачи за европските производители на автомобили.

Мајк Бекет, потпретседател на „Дура“, истакна дека во изборот за Македонија да биде локација за нивниот нов производен капацитет одлучувачки биле способноста на работната сила, поддршката, ангажманот на македонската Влада, како и добрата инфраструктура.

„Во споредба со останатите избори, Скопје има севкупна супериорна оценка и е најдобро по однос на способност на работната сила, ангажман од страна на Владата и веројатно за успешен процес на работа“, рече Бекет.  

Претставувајќи го работењето на „Дура“, Бекет потенцира дека од неколку технолошки центри во Јужна и Северна Америка и Европа „Дура“ развива целосни системи и модели за водечки производители во автомобилската индустрија како „Ауди“, „Фолксваген“...

Според премиерот Зоран Заев, почетокот на изградбата на фабриката на „Дуру“ е показател дека Македонија сериозно се позиционира како стабилна и долгорочна дестинација за инвеститорите.

„Неодамнешната покана за членство во НАТО, почетокот на преговори со ЕУ ќе резултираат со уште поголема доверба и нови инвеститори“, рече Заев, додавајќи дека членството во НАТО ќе обезбеди сигурност за инвестициите и нивно зголемување во Македонија по примерот на останатите држави како Бугарија и Естонија каде вкупното учество на инвестициите од околу седум проценти во БДП по членството во Алијансата се зголемило на 19,8 проценти, односно 13,5 проценти.

Како што нагласи вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, капацитетот на „Дура“ е деветта американска инвестиција во државава кои овозможуваат 9.500 вработувања.

„Во Република Македонија сме горди што 40 проценти од капиталот во зоните е од САД, рече Анѓушев“, оценувајќи дека изборот на „Дура“ за влез на македонскиот пазар е доказ дека Владата има транспарентна и конкурентна политика за инвеститорите.

Првата средба со претставниците на американската компанија се одржала во февруари, а пет месеци подоцна и почнува реализацијата на нивната инвестиција, забележа Анѓушев, најавувајќи завршување на изградбата на фабриката на крајот на годинава, а средината на следната почнува со работа.

Фабриката во Македонија е 37. инвестиција на „Дура“ во светот и 16-та во Европа. Компанијата „Дура“, со седиште во Мичиген, е основана во 1914 година и вработува повеќе од 9.400 лица во 14 земји во светот.

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе

Прашањето е претенциозно, интенционално и суштински погрешно формулирано, не го задоволува т.н. троен тест на единство и е итро, манипулативно и сугестивно.

повеќе