Во периодот јануари-септември 2020

„Алкалоид“ со 175 нови вработувања и со двојно зголемени инвестиции од над 1,1 милијарди денари

Бизнис-планот за годинава предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на лани и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2019 година.

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-септември 2020 година, продажбите достигнуваат 6.900.199.436 денари, што е за 9% повеќе во споредба со истиот период лани. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 8.929.099.884 денари, што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 9%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 7%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 8%, а на другите пазари се остварени 3% од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во Чешка, раст од 43%, Албанија бележи раст од 36%, Романија раст од 30%, Грузија раст од 15%, Ерменија раст од 15%, САД раст од 14%, Словенија раст од 12%, Србија раст од 12% итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 85%. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 22%, кардиолошките препарати со 15%, невролошките препарати со 14%,  антибиотиците заземаат 13%  од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 15% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3%, козметиката со 8%, а билкарството учествува со 4%.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.474.095.030 денари, бележи зголемување од околу 13%, додека единечната нето-добивка изнесува 846.140.649 денари и е зголемена за 11%.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 1.547.989.921 денари и бележи раст од 16%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 847.483.426 денари е зголемена за 15%.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-септември 2020 година, изнесуваат 1.178.726.785 денари, што е за 96% повеќе во однос на истиот период од 2019 година.

Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното. Комплетирањето на овие инвестиции е предвидено во текот на 2020 година.

Вработени

Во периодот јануари-септември 2020 година во „Алкалоид“ се реализирани 175 нови вработувања во Македонија. На крајот на септември 2020 година во „Алкалоид“ во земјата работат 1.822 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 536 вработени или вкупно 2.358 вработени во групацијата.

Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.

Податоци за акциите

Акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-септември 2020 година се движеше од 8.354 денари до 13.400 денари или просечно 12.070,36 денари за една акција, што претставува раст од 35% во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 30.9.2020 изнесуваше 17,9 милијарди денари.

Бизнис-план за 2020 година

Бизнис-планот за 2020 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“, на седницата одржана на 27.12.2019 година, предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2019 година.

Очекувања за претстојниот период

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од пандемијата на ковид-19. Ние во „Алкалоид“ презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во текот на вториот и третиот квартал дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходи од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност. Како резултат на преземените мерки очекуваме резултатите од работењето на друштвото до крајот на годинава да се движат во рамките на веќе зацртаните плански цели за 2020 година, соопшти компанијата.

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе

Ако имаме предвид дека секој збор има свое значење, тогаш оваа „железна завеса" кон Бугарија, за која зборува премиерот дека била подигната од Југославија, се доведува во корелација со Берлинскиот ѕид. А, железната завеса помеѓу двете германии доведе до нивно обединување.

повеќе