Со писма до Џафери, Заев, Битиќи, Бектеши, Нуредини

Алијанса „Разбистри сѐ“ бара повлекување на предлог - законските измени за минерални суровини и јавна расправа

Граѓански организации, високообразовни институции и експерти се противат на измените на Законот за минерални суровини кои Владата предлага да бидат усвоени на собраниската седница закажана за наредниот понеделник по скратена постапка, велат, нетранспарентнo, без претходна јавна расправа и вклучување на јавноста. Во заедничкото соопштение се вели дека тие реагираат затоа што предложените законски измени содржат големи пропусти во поглед на заштитата и одржливото користење на минералните суровини како најзначајни природни ресурси на државата.

Триесет и три (33) невладини организации, здруженија на граѓани и високообразовни институции од граѓанската Алијанса за застапување и лобирање "Разбистри сé" денеска испратија дописи до претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, да го повлечат предлог-законот и да го вратат во редовна процедура. Тие бараат експертската јавност и сите заинтересирани граѓани да бидат вклучени во процесот на усвојување на законот и да им се овозможи да дадат предлози за подобрувања на законскиот текст преку јавно објавување на законските измени на владиниот ЕНЕР систем, две читања во Собранието на РСМ и одржување собраниска јавна расправа и расправа за консултација со јавноста.

Во дописот се предупредува дека измените навлегуваат длабоко во процедурите на добивање и одземање концесии за експлоатација на минерални суровини, се бришат постоечки обврски за барателите на дозволи со кои процедурата станува нетранспарентна и финансиски сомнителна и се овозможува и понатаму евтина распродажба на националните природни богатства. Исто така, се проширува обемот на минерални суровини кои ќе бидат давани под концесија и се олеснуваат концесиите за ископување на песок и чакал, наместо да се ограничат поради досегашните злоупотреби со кои се уништени многу речни корита и плодни земјишта.

Иако во воведот на предлог-законот стои дека тој само се усогласува со Законот за прекршоци, Законот за услуги и со терминологијата за инспекторите, сепак во дописот се аргументира дека според Деловникот на Собранието на РСМ предлог-законот не може да се донесе во скратена постапка зашто е обемен и сложен со дури 75 членови. Дополнително, дека предлог-законот не може да се донесе пред да бидат донесени измените на Законот за прекршоци, со кој се зголемуваат глобите од областа на заштита на природните богатства и животната средина, а кој исто така е во собраниска процедура, поради што во иднина повторно ќе мора да претрпи измени во членовите кои се однесуваат на глобите.

Алијансата за застапување и лобирање "Разбистри сé" предупредува дека прекумерната и неконтролираната експлоатација на минералните суровини предизвикува хемиско загадување на водите и почвите, нарушување на пределите и хидролошкиот режим, трајна девастација на обработливото земјоделско земјиште, загуба на биолошката разновидност и може сериозно да влијае врз здравјето на населението што живее во околината.

Од Алијансата "Разбистри сé", чија цел е заштита на природните ресурси преку нивно одржливо користење, сметаат дека Законот за минерални суровини регулира прашање од стратешки интерес за државата и дека е потребна широка експертска и јавна дискусија за изнаоѓање решенија кои водат сметка за животната средина. Оттука, бараат државните институции да се придржуваат до Архуската конвенција која налага одржување на јавна расправа за општата јавност како клучен механизам за гарантирање транспарентност на процесите и работење во служба на јавниот интерес.

Поднесувачи на барањето - членки на Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сé" и други организации:

1. Институт за комуникациски студии

2. Зелен институт

3. О2 Иницијатива

4. ЕЗ Здрава котлина – Струмица

5. Факултет за шумарски науки, пејсажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем"
6. Институт за биологија при Природно-математички факултет

7. Еко свест

8. Фронт 21/42 – Еколошко здружение на граѓани

9. Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ

10. Институт за демократија „Социетас Цивилис"

11. Институт за европска политика

12. Центар за економски анализи

13. Македонско здружение на млади правници

14. Флорозон - Центар за еколошка демократија

15. Еколошко друштво Планетум – Струмица

16. Асоцијација за демократкса иницијатива – Гостивар

17. Water4changes-Вода за промени, Global Shapers Skopje Hub

18. Здружение на граѓани Еко логик

19. Младински образовен форум

20. Центар за правни истражувања и анализи

21. НВО Green.оrg

22. Центар за истражување и креирање политики

23. Shoqata ekologjike GVEKO / Еколошко здружение ГВЕКО / Ekoloji dernegi GVEKO

24. ЗЗУЖС Еко живот – Кавадарци

25. Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

26. Здружение за социјални иновации и одржлив развој РАДАР

27. Новинари за човекови права

28. Движење на екологисти на Македонија

29. Здружение на граѓани ЕКОВИТА

30. НВО Гоу Грин

31. Младински културен центар – Битола

32. НВО Еко ѕвон

33. Национален Ромски Центар

 

Богатите држави мораат веднаш да донираат вакцини против ковид-19 на загрозените држави. 

повеќе

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе