Анализа на Здружението на градежништвото

Ако државата се заложи за градежништвото економијата ќе закрепне

Вкупната економска криза особено удри врз градежниот сектор во земјава, а државата има механизам да ги ублажи проблемите, како што веќе  мерки се преземени во некои од државите од регионот, велат од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите и потсетуваат дека и минатата година иницирале мерки за кои, за жал, како што нагласуваат, до денес нема одговор од надлежните институции. Доколку државата се заложи за оваа стопанска гранка, градежните компании може да помогнат за полесно закрепнување на домашната економија, велат од Здружението.

Минатата недела Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија одржа состанок на кој била разгледана состојбата во македонското стопанство во контекстот на економската криза која уште повеќе се разгоре со војната во Украина и драстично ги продлабочи последиците веќе предизвикани од долготрајната пандемиска криза. Нагласено беше дека повеќе од 160 компании се соочени со сериозни проблеми, но и дека особено е погодена индустријата за градежништво, градежни материјали и неметали, каде е доведен во прашање опстанокот на некои компании, а дека опаѓа бројот на вработени во овој сектор. Комората ја алармира јавноста и испрати порака до јавниот сектор дека приватниот сектор има побрзи и покомплетни информации за размерите на кризата и дека дополнителните последици ќе бидат многу големи доколку навремено не се преземат мерки.

За размерите на последиците кои веќе се чувствуваат во македонското градежништво за МКД.мк од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите велат дека последиците се влечат од здравствено – економската криза предизвикана од пандемијата која имаше негативни ефекти врз речиси сите стопански гранки, вклучувајќи ја и градежната индустрија.

Драстичниот раст на цените на градежните материјали и енергенсите, ниската реализација и бавното администрирање на капиталните проекти, неизвесноста во деловното опкружување и правната несигурност предизвикана од честото менување на прописите кои го засегаат стопанството го отежнаа работењето на компаниите кои во отсуство на конкретни државни мерки прилагодени на потребите на градежната индустрија сами го понесоа товарот за справување со негативните ефекти од кризата врз нивните проекти, бизниси и вработени, велат од Здружението.

„Учеството на градежништвото во вкупната вредност на БДП за 2021 година е 4,96%, што пак претставува намалување од 0,5 процентни поени во споредба со 2020 година. Бројот на вработени во градежништвото во 2021 година е 54.378 лица, што претставува пад од 1,4% споредено со 2020 година, односно 2,6% споредено со 2019 година. Изразено во бројка тоа значи намалување на бројот на вработени за над 2.000 лица во последните две години. Кризата ги погоди речиси сите компании од оваа гранка, а има и компании чиј опстанок е доведен во прашање. Доказ за тоа се компаниите кои до 2020 година работеа со добивка, а минатата година имаат загуби кои се мерат и во милиони евра", велат од Здружението.

На прашањето за колкав обем е намалена работата на градежните компании и дали пред сѐ станува збор за проблем со крупните и капитални инвестиции, од Здружението нагласуваат дека проблеми има во сите сегменти на градежништвото како резултат на порастот на цените на градежните материјали и енергенсите, односно и во доменот на приватните вложувања и во делот на јавните инвестиции.

„Во наши услови речиси секогаш се јавува расчекор меѓу планираните износи за капитални инвестиции во дадена буџетска година и реализираните износи. На пример, капиталните расходи за 2021 година со ребалансот на Буџетот се планирани на 29.804 милиони денари, од кои реализирани се 23.408 милиони денари или 78,36 проценти во однос на планираните. Меѓутоа, дополнителен проблем претставува и бавното администрирање на тековните проекти, како и ригидната законска регулатива која во услови на ваква мулти криза не дозволува можности за пофлексибилен пристап и изнаоѓање соодветни решенија", велат од ова здружение при Стопанската комора.

Со оглед на фактот дека во последниве месеци забележливо се зголемени цените на стајновите, особено на новоизградејните, прашавме дали тоа се должи на цените на градежните материјали и намалениот број работници во тој сектор и дали зголемените цени дополнително ја влошуваат кризата во градежниот сектор имајќи предвид дека непродадени изградени станови и објекти претставуваат затворени пари од инвестираните.

„Основните градежни материјали бележат значителен раст на цените, а она што загрижува е што неизвесен е крајот на поскапувањата. Анализата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите покажува дека на пример, во периодот од март 2020 до март 2021 година цената на челичните профили и цевки порасна за 33 %, но во периодот од март 2021 до јуни истата година се зголемени за дополнителни 33 %, а до крајот на годината дури и до 95 %, натгласуваат од Здружението и додаваат дека од почетокот на пандемијата до крајот на минатата година поскапувањата кај оплатата, геокомпозитот, термоизолацијата ESP, заштитните премази, полимер-битуменот за асфалт и металните профили надминаа 50% и со особено изразен интензитет продолжија и од почетокот на оваа година.

Со оглед на фактот дека на Управниот одбор на Стопанската комора како голем проблем беше потенцирано учеството на градежните компании во јавните набавки, каде утврдените цени, како што нагласи претседателот на Здружението Андреа Серафимовски, не соодветствуваат со сега релните цени на материјалите и производството, прашавме како овој проблем се одразува на капиталните проекти и особено на оние кои не се започнати, а за кои компаниите кои ја добиле работата, не би можеле нив да ги реализираат според утврдените цени.

„Импликации од проблемот поврзан со цените на градежните материјали и енергенсите има во сите сфери, а најмногу во доменот на јавните набавки. Кај тековните јавни набавки и проекти кои повеќе години се реализираат, проблем е што компаниите работат во услови на непроменети цени пропишани во договорите, а онаму каде што има пропишано клизна скала истата не функционира, односно не ги одразува зголемувањата на цените во реалноста. Кај оние капитални проекти кои се пропишани и евалуирани, но не се започнати, проблемот е што цените кои се пропишани и евалуирани повеќе не се исти со оглед дека од ден на ден се зголемуваат. А трета и најголема импликација е неизвесноста во која градежништвото се наоѓа при настап на новите јавни набавки и проблемот дека условите по кои се пропишуваат тие се оние услови кои ги имавме една, две, пет и десет години, т.е. во услови кога нормално се живееше и работеше", велат од Здружението.

Сепак, бидејќи на Управниот одбор на Комората беше речено дека се потребни соодеветни мерки и од државата за ублажување на проблемите во градежништвото, прашањето е како и зошто да му се помогне на приватниот бизнис, кога кризата особено ги погоди граѓаните.

„Државата има механизам да ги ублажи проблемите и за тоа има и компаративни искуства кои веќе се имплементираат во некои држави од регионот. Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите уште претходната година иницираше мерки за кои за жал, до денес нема одговор од надлежните институции. Сепак цениме дека доколку и во овој момент државата се заложи за оваа стопанска гранка, градежните компании може да помогнат за полесно закрепнување на домашната економија. Во таа насока, очекуваме дека во најскоро време ќе биде прифатено нашето барање за средба на највисоко ниво на кое ќе ги презентираме новите предлог – решенија кои цениме дека во овој момент може да придонесат за полесно справување со проблемите и побрз излез од кризата во оваа индустрија“, велат од Здружението за МКД.мк.

„Со усвојувањето на мерки за поддршка за градежните компании, бенефит покрај стопанството ќе има и државата и граѓаните", ѝ порача на Владата вчера Андреа Серафимовски, претседател на ова Здружението преку соопштение.

Тој објасни дека преку примена на соодветни мерки, ќе се иницира ангажман на уште дваесетина други стопански гранки кои директно и индиректно се поврзани со градежништвото со што ќе се зголеми економската активност, но и ќе се задржат работните места кои во градежништвото изнесуваат околу 7% од вкупно вработените лица на ниво на државата.

Серафимовски нагласи дека е потребна итна и недоложна средба со владини претставници на највисоко ниво со цел да им бидат презентирани последните предлози за надминување на посочените проблеми, кои произлегоа од одржаните состаноци во Стопанската комора.

П.Џ.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе