Анкета на МКД.мк и Маркет вижн

55 проценти од граѓаните мислат дека државата се движи во погрешна насока

Мнозинството граѓани мислат дека нашата земја се движи во погрешна насока, покажува анкетата спроведена од МКД.мк и агенцијата Маркет вижн. Дури 54,9 проценти од граѓаните сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока, додека 32,6 мислат дека државата оди во добра насока.

Како и обично, повозрасните се поголеми оптимисти, па така најголем процент од оние што мислат дека општата состојба оди кон подобро, односно 37,5 проценти, се граѓаните што имаат над 60 години.

Додека најголем процент од оние што мислат дека општата состојба се влошува се оние од 40 до 49 години.

Во однос на ова прашање може да се каже дека постои поделеност помеѓу Македонците и Албанците.

Дека Македонија се движи во добра насока сметаат само 24,5 проценти од Македонците, а 61,3 проценти дека состојбата се влошува. За разлика од нив, процентуално повеќе Албанци односно 47,8 отсто сметаат дека состојбата се подобрува, а 45,9 % се влошува.

Што се однесува до припадниците на останатите етнички заедници 45,9 отсто мислат дека се движиме во добра насока а 35,3 % во погрешна. Исто така помалку образованите се поголеми оптимисти од пообразованите.

Најголем процент од оние што мислат дека општата состојба се подобрува, односно 35,2 проценти, се со основно образование. Додека најголем процент од оние што мислат дека состојбата се влошува, односно 59,1 % се со вишо образование.

Скопјаните се со најнегативна оценка за општата состојба, поточно 61,7 проценти од жителите на скопскиот регион мислат дека државата се движи во лоша насока. За разлика од нив во североисточниот регион е најголемиот процент на оние кои мислат дека состојбата оди кон подобро, односно 45,7 проценти мислат дека државата се движи во добра насока.

 

Поголем процент од граѓаните сметаат дека имаат зголемени трошоци за живот во однос на претходниот период, поточно 68,4 проценти сметаат дека имаат зголемени трошоци за живот, дека им се исти 26,4 проценти, а дека се намалени мислат многу малку, односно само 4,4 проценти.

Кога станува збор за трошоците за живот тука речиси и да нема поделеност помеѓу Македонците, Албанците и останатите етнички заедници.

Дека им се зголемени трошоците за живот сметаат 70 проценти од Македонците, 64,2 од Албанците и 68,2 проценти од останатите етнички заедници.

Дека има најголемо зголемување на трошоците сметаат граѓаните од вардарскиот регион, односно 78,1 процент, додека дека има намалување сметаат само 1,6 проценти од нив.

Што се однесува до приходите поголемиот број од граѓаните односно 57,5 сметаат дека приходите им се исти, дека им се зголемени 18,1 процент, а намалени 23,3 проценти.

Најголем процент од оние кои изјавиле дека имаат зголемување на приходите и тоа 31,6 се студенти или ученици. Додека најмногу односно 50 проценти од земјоделците сметаат дека им се намалени приходите.

Економијата и отворањето на нови работни места треба да биде главен приоритет на оваа Влада сметаат најголем процент од граѓаните, ова го мислат 45,6 проценти од испитаните, втор најголем приоритет на кој Владата треба да му посвети внимание е здравството. Вака мислат 13,4 проценти од граѓаните.

Што се однесува до мирот, безбедноста и меѓуетничките односи, само 1,5 проценти мислат дека тоа треба да биде најголем приоритет на оваа влада.

Економијата е приоритет за 40,3 проценти од Македонците, 60,7 проценти од Албанците и 42, 4 од останатите етнички заедници.

Дека безбедноста и меѓуетничките односи треба да бидат приоритет на Владата сметаат 1,2 проценти од Македонците , 2,5 од Албанците и 1,2 проценти од останатите.

Најголем процент од граѓаните не ги засега воведувањето прогресивен данок, поточно 47,1 процент, 23,4 проценти ги засега, а 29,5 не се запознаени со оваа нова даночна реформа.

Најголеми противници на воведувањето прогресивен данок се лицата со завршени магистерски и докторски студии, поточно 40,7 проценти од нив.

Ова истражување на јавното мислење е спроведено од 21 до 27 ноември. Добиените резултати од истражувањето се со интервал на доверба од 95% и маргина на грешка од 3,5%. Примерокот на испитаниците е репрезентативен на ниво на Република Македонија според регионот, полот, возраста и националноста и е изработен врз основа на официјалните податоци од Државниот завод за статистика - „Попис на населението, домаќинствата и становите 2002“.

М.М.

Објавено

Среда, Декември 12, 2018 - 12:22

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе