Влада

350 милиони евра вредни мерки за пензионерите и социјалните случаи

Финансиска помош за најранливите категории граѓани и за пензионерите, е дел од новиот сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза вреден над 350 милиони евра што го усвои вчера Владата.  Дел од мерките треба  да поминат во процедура во Собрание зашто за нив се потребни законски измени, а дел, согласно Уредбата за кризна состојба ќе може да се операционализираат со одлука на Владата или на одделни министерства. Се подготвуваат и таргетирани мерки за индустриите поврзани со основните производи кои ги користат граѓаните.

Премиерот Димитар Ковачевски по седницата на Владата порача дека приоритет остануваат заштитата на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, како и дека мора да има енергенси, парно и струја, но и таргетирани мерки за најранливите категории граѓани.

„Никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Кризата ќе ја пребродиме сите заедно“, рече Ковачевски, по владината седница. Повторно менаџираме добро со Буџетот и ги враќаме парите назад кај граѓаните, посебно кај најранливите категории. Направивме длабоки консултации со експертите, работодавачите, стопанските комори и пензионерите, науката… Ги финализиравме мерките за поддршка на граѓаните и компаниите, но од денес уште попосветено ќе работиме за надминување на кризата. Делуваме одлучно и преземаме мерки кои ја ублажуваат кризата, рече Ковачевски, на прес-конференција во Владатa.

По 3.000 денари месечно во наредните четири месеци, или вкупно 12.000 денари, ќе примаат 42.000 граѓани од ранливи категории. Тука спаѓаат лица кои користат право на социјална сигурност, лица кои го користат правото за попреченост, родители на децата со попреченост до 26-годишна возраст кои користат право на посебен додаток, лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на гарантирана минимална плата и невработени лица. За оваа мерка вкупно се издвоени над 8 милиони евра, рече Ковачевски. Директна финансиска поддршка ќе има и за пензионерите приматели на најниски пензии: над 91.600 пензионери кои примаат до 11.525 пензија ќе бидат помогнати со по 1.500 денари месечно односно вкупно 6.000 денари за четири месеци. Помош од вкупно 3.000 денари се обезбедени за пензионерите кои земаат пензија од 11.525 до 14.000 денари, односно над 66.000 пензионери. За таа мерка, се издвоени над 12,2 милиони евра. Пензионерите може да ја очекуваат најновата владина поддршка од идниот месец доколку Собранието ги изгласа потребните законски измени.

На владината седница се усвоени и мерки за поддршка на приватниот сектор, коишто ги таргетираат микро, малите и средни компании. Со нив се проширува опсегот на компании  корисници на кредитно – гарантната шема, од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање. Се обезбедува директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро, мали и средни трговски друштва, согласно тековната состојба, како и трговци поединци: занаетчии (кои плаќаат давачки на реален приход). Исто така, забрзан и зголемен поврат на ДДВ, како и обезбедување поволна консултантска поддршка за изработка на проекти / студии за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, со цел полесен пристап до капитал.

Ќе продолжи и Mерката 25 преку Развојната банка на Северна Македонија и комерцијалните банки, односно овозможување кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Владата веќе разговара и прави анализи за поддршка на производствените компании на основни производи кои ги користат граѓаните со таргетирани мерки.

Премиерот соопшти дека со министрите за економија, Крешник Бектеши, и за финансии, Фатмир Бесими, и со Меѓународниот монетарен фонд, се разговара за таргетирани мерки во однос на индустриите што произведуваат основни прехранбени производи и поврзани производи со основните производи кои што ги користат граѓаните. Целта на тие мерки е да се интервенира како помош во енергенсите и електричната енергија која што тие ја користат, но само под услов доколку дојде до намалување на цената на овие основни производи кои што излегуваат од нивото производство.

– Се надевам дека во наредните недела, две ќе можеме да дојдеме до решение кое што ќе биде прифатливо за производителите кое што ќе овозможи субвенционирање на енергенсите за нив, меѓутоа и кое што ќе овозможи намалување на цената или пак не зголемување понатамошнa на цената на основните прехранбени производи. Значи и на тоа се работи, меѓутоа мора сите да разбереме дека влезните импути во производствениот процес се зголемени над 70 проценти на светските берзи, а житото, пченицата и пченката се берзански производи, рече Ковачевски.

Се креираат мерки и за малите компании кои се на слободниот пазар. За производителите на основите продукти, како леб и масло за јадење,  соопшти премиерот, Министерството за економија  подготвило мерка која треба да се операционализира од 1 декември. Целта е да се намали цената на инптутите за основните производи, за да се спречи нивно поскапување. Покрај училиштата и јавните здравствени установи, на регулираниот пазар ќе бидат ставени и мерните станици на водните пумпи, а за да се спречи поскапување на водата.

Ковачевски и министерот Бектеши очекуваат дека сите пратеници ќе ги усвојат измените што ќе овозможат помош за пензионерите и за ранливите категории граѓани, но и реализирање на сите останати мерки за справување со енергетската  и ценовната криза.

– Моите очекувања се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и сите други пратеници наредната недела да ги изгласаат сите закони за справување со кризата зашто законите се во интерес на граѓаните – да не се зголеми цената на водата, струјата и на топлинската енергија, рече Бектеши. 

Тој најави дека Владата ќе направи максимални големи напори за да обезбеди континуитет во снабдувањето со природен гас по најниски цени. Средбата со компанијата за природен гас што му ја посочи претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се одржала во Белград, се работи за претприемачи од Србија, БиХ и Словенија, а гасот доаѓа од „Газпром“. Втората компанија што ја посочи Мицкоски, за набавка на мазут, е од БиХ, а се уште се очекуваат нејзините понуди.

-Најважно од се е да се достават контрабанкарски гаранции за испорака и цена, како и да се почитуваат нашите законски одредби. Кога понудите ќе ги имаме, ќе ја известиме јавноста дали ќе бидат прифатливи или зошто не се, рече Бектеши, за исходот од контаките што ги понуди Мицкоски на средба со Ковачевски, а за набавка на енергенси по пониски цени и обебзедување заштеди.

Преку разговорите што ги водел премиерот Ковачевски со бугарскиот претседател Румен Радев, пак,  до петок ќе бидат ослободени дополнителни капацитети во делот на интерконекторот со Република Бугарија за снабдување со природен гас. Тоа,  посочи Бектеши, ќе значи дека ќе може да се снабдуваме и од други извори.

Ковачевски завчера најави дека за помош на големите компании кои се на либерализираниот пазар, се подготвува пакет мерки кој би требало да биде финализиран до крајот на овој месец.

-Разговараме за обезбедување поевтина струја од билатерални извори, со Бугарија, Турција, Грција, Србија. Ќе се земат предвид карактеристиките на индустриите и врз основа на таква анализа и на буџетските можности, да обезбедиме финансиска поддршка на компаниите кои се на либерализираниот пазар, најави премиерот.

Александар Дединец, експерт од МАНУ во областа на енергетиката и животната средина, во интервју за МИА порача дека од клучно значење за нашиот електроенергетски систем зимава е работењето на ТЕ-ТО Скопје, што се покажа клучно и во 2021 година. Домаќинствата и јавниот сектор, пак, мора максимално рационално да ја користат енергијата и на тој начин да се остварат одредени заштеди кои ЕСМ ќе може да ги насочи кон индустријата, а треба и да се засили и максимално да се поедностави поставувањето на фотоволтаици на покрив, рече Дединец.

Вредноста на вкупниот пакет антикризни мерки годинава е 750 милиони евра. Со цел да се забави преносниот ефект од увезената инфлација врз домашните производи, во март беше донесен Пакет од 26 мерки, за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите, како и мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка, проценет на околу 400 милиони евра. Дополнително, беа предвидени мерки насочени кон мобилизирање капитал од приватниот сектор, односно комерцијалните банки, со очекувани севкупни ефекти од околу 500-тини милиони евра. Со антикризните мерки од март годинава предвидена е пролонгирана примена на повластена даночна стапка на ДДВ од пет проценти за прометот со електричната енергија кон домаќинствата до крајот на годинава. 

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе