Платформа на Охрид СОС

Екологистите од новиот градоначалник бараат: Охрид треба да блесне, а не да згасне

Новоназначениот „татко“ на градот очекуваме да го раководи Охрид на 21 век во кој економската добивка ќе се темели врз заштита, а не деградација на ресурсите, каде што апликацијата на современите технологии и екологијата ќе го направат светски пример за успешност, пишува во платформата на граѓанската иницијатива Охрид СОС испратена до сите кандидати за градоначалник на Охрид.

Од граѓанската иницијатива очекуваат напредок на градот, задржување на младите и на она најважното што Охрид го прави туристички центар - неговата единствена природна убавина.

Активистите на Охрид СОС сметаат дека нивните барања ги отсликуваат ставовите на сите граѓани, а истовремено ќе придонесат за унапредување на животот во градот и создадат основа за одржлив развој на регионот.

„Жителите на регионот очекуваат развој и тоа на долг рок. Компаративните предности на регионот треба да се искористат во стратешки осмислено развивање на видови туризам кои ќе имаат што помал удел во антропогениот притисок врз езерото и поширокиот регион, а кои се препознаени дека имаат најголем потенцијал за локален економски развој и стабилизација на раселувањето“, сметаат од „Охрид СОС“.

Тоа би се реализирало преку поттикнување неинвазивни форми на туризам како активен, рурален, научен, еко-туризам.

„Потребна е вистинска валоризација на брендот УНЕСКО, отворање на нови пазарни сегменти и следење на промените во побарувачката на глобално ниво, креирање на туристички производ со поголема додадена вредност со таргетирање на општествено одговорни посетители, каде што супериорноста на Охрид ќе блесне, наместо да згасне“, е пораката содржана во иницијативата, во која уште се изразува очекување од новиот градоначалник да раководи со градот на современ начин, во кој економската добивка ќе се темели врз заштита, а не деградација на ресурсите, каде што апликацијата на современите технологии и екологијата ќе го направат светски пример за успешност - единствено според принципот на одржлив развој.

Постојните концепти за развој и оние што моментално се промовираат не соодветствуваат ниту на поднебјето, ниту на времето во кое живееме, сметаат од Охрид СОС.

„Охридското Езеро е едно од 8 до 20 древни езера во светот, а планината Галичица е една од најбиодиверзитетните планини во Европа, но кусогледиот начин на менаџирање се заканува да ги жртвува овие суштински важни природни ресурси. Проектите кои се предлагаа до сега се темелат на принципите на развој на масовен туризам кој е надминат, неодржлив, со краткотрајна и ограничена добивка, и е сосема несоодветен за регионот. Охрид, во контекст на таквиот туризам станува неконкурентен, а неговата вистинска вредност и посебност се потценети. Масовниот туризам води до несогледливи и ненадоместливо штетни последици врз основните ресурси на кои потенцијалот за развој на Охрид се темели. Од следењето на досегашната „развојна“ практика, она што бележи најбрз подем во регионот е емиграцијата“, велат во Охрид СОС.   

 

Платформата на Охрид СОС ја пренесуваме во целост.

 

Охрид СОС денес се обраќа до сите кандидати за градоначалник со „Платформа за зелен и современ Охрид“. Во оваа Платформа се содржат барања чиешто исполнување ќе значи напредок за Охрид, задржување на младите во него и, секако, зачувување на едно од главните нешта што Охрид го прават туристички центар – неговата прекрасна и единствена природа.

 

Очекуваме од кандидатите кои ветуваат подобар живот за охриѓани безусловно да се обврзат на исполнување на нашите барања бидејќи тие се барања на секој жител на Охрид кој сака да живее среќно и исполнето и да биде горд на својот град. Тие се барања кои ќе го унапредат животот и ќе создадат основа за одржлив развој на регионот.

Управувањето со општината во изминатиот, веќе подолг период, оди во насока која ја доведе во прашање иднината на Охрид воопшто. За жал концептите за развој кои се поддржуваат не одговараат ниту на поднебјето, ниту на времето во кое живееме. Охридското Езеро е едно од 8 до 20 древни езера во светот, а планината Галичица е една од најбиодиверзитетните планини во Европа, но кусогледиот начин на менаџирање се заканува да ги жртвува овие суштински важни природни ресурси. Проектите кои се предлагаа до сега се темелат на принципите на развој на масовен туризам кој е надминат, неодржлив, со краткотрајна и ограничена добивка, и е сосема несоодветен за регионот. Охрид, во контекст на таквиот туризам станува неконкурентен, а неговата вистинска вредност и посебност се потценети. Масовниот турзиам води до несогледливи и ненадоместливо штетни последици врз основните ресурси на кои потенцијалот за развој на Охрид се темели. Згора на тоа од следењето на досегашната „развојна“ практика, она што бележи најбрз подем во регионот е емиграцијата.

 

Поради тоа, врз основа на нашата веќе неколкугодишна работа и постојана комуникација со јавноста ги идентификувавме суштинските проблеми за развој на регионот од што произлезе и „Платформата за зелен и современ Охрид“. Општината ќе може да се надева на подем само со почитување на принципот на одржливост. Одржлив развој подразбира развој кој ги задоволува сегашните потреби притоа не загрозувајќи ја можноста за задоволување на потребите во иднина. Она што како жители на Охрид го сведочиме е токму спротивното. Во досегашната практика димензијата на одржлив развој е сосема занемарена, отсуствува стратешко планирање и соодветна грижа за природното и културното наследство. Охрид нема Стратегија за развој на турзимот, ниту Стратегија за управување со УНЕСКО регионот. Заштитата на Охридското Езеро се раководи според Законот за трите езера од 1977 г. и Езерото веќе бележи знаци на еутрофикација. Студенчишко Блато десетици илјади години ја прочистува езерската вода, а сепак му се закануваше целосно бетонизирање. Галичица е еден од само 20 Прекугранични биосферни резервати на УНЕСКО во целиот свет, а со предлог-измените за управување со Националниот парк, над 604 хектари треба да го изгубат степенот на заштита, стотици хектари шума ќе бидат на удар, од кои 84 хектари само од ендемичниот македонски даб.

 

Сè уште промовираме велосипедизам само на Денот на Планетата Земја, пластичните кеси ги земаме како скапоцен подарок, се занимаваме со расфрлано ѓубре насекаде, истекувања на колекторот, нецелосна комунална инфраструктура, сечење децениски дрвја за паркинзи или без издржано обрзаложение, пластичните лежалки ни станаа заштитен знак, а платформите крајбрежје. Го правиме ова, наместо да работиме на воспоставување на систем за рециклажа, да ги едуцираме децата да знаат зошто пастрмката треба да се заштити, зошто на Галичица живеат над 5.000 видови, зошто Охридското Езеро се нарекува „театар на еволуцијата“, што се тоа екосистемски услуги и како секое наше делување влијае врз средината и може да пресуди дали нивните внуци ќе имаат чиста вода за пиење.

 

Жителите на регионот очекуваат развој и тоа на долг рок. Компаративните предности на регионот треба да се искористат во стратешки осмислено развивање на видови туризам кои ќе имаат што помал удел во антропогениот притисок врз езерото и поширокиот регион, a кои се препознаени дека имаат најголем потенцијал за локален економски развој и стабилизација на раселувањето. Тоа значи поттикување на неинвазивни форми на туризам како активен, рурален, научен, еко-туризам. Потребна е вистинска валоризација на брендот УНЕСКО, отворање на нови пазарни сегменти и следење на промените во побарувачката на глобално ниво, креирање на туристички производ со поголема додадена вредност со таргетирање на општествено одговорни посетители, каде што супериорноста на Охрид ќе блесне, наместо да згасне.

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе