За три недели пресуда за нападите во Куманово во кои загинаа 8 полицајци

Досие „Диво Насеље“: прикриена политичка вистина или реален тероризам?

Основниот суд Скопје 1 за 2 ноември го презакажа објавувањето на пресудата за мајските терористички напади во кумановско Диво Насеље, во кои загинаа осум полицајци. Судијката Верка Петковска од февруари 2016 година, па до 28 септември водејќи ја судската постапка за овој предмет, воспоставуваше ред во судницата казнувајќи адвокати, ја бранеше државата, институцијата суд и функцијата судија од обвинетите, кои постојано ѝ дофрлуваа дека не го признаваат судот, не го заслужува местото на кое седи, нарекувајќи ја послушник. 

Сега судијката Петковска треба да пресече и да ја објави првостепената пресуда, која според доказите и исказите ќе им биде изречена на 37-темина обвинети за тероризам и терористичка организација.

Почеток на судскиот процес во февруари 2016

Со големо полициско обезбедување на 9 февруари 2016 година почна судењето за терористичките напади во кумановско Диво Насеље. Обвинетите членови на терористичката група што се во притвор со високи безбедносни мерки беа спроведени во судница.

Скопје на првото рочиште беше под полициска опсада додека траеше транспортот на обвинетите од притворските одделенија до судовите, а овој начин на спровод на обвинетите лица се практикуваше до последното рочиште пред пресудата, која судот ја најави за во вторник, но по барање на МВР ја презакажа за три недели.

Безбедносни мерки и детален претрес имаше буквално за секој што влегува во судница. Низ скенерот поминува адвокатите, новинарите, роднините на обвинетите, затворската полиција, а се вадеа ремени, се претресува чевли, градници, чанти и сето она за што судската полиција смета дека може да ја загрози безбедноста во судницата. Дел од безбедносните мерки беше и одземањето на мобилните телефони за јавноста, кои се оставаа кај судската полиција на сите рочишта. Во спроводот на обвинетите лица беше вклучен и хеликоптер на АРМ.

На првото судење сите 29 обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата за кои ги обвинува Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Дел од нив тврдеа дека никогаш не биле во Гошинце и во Куманово, но дел со гордост признаа дека биле припадници на групата, ама тврдеа дека не ја нападнале полицијата.

Невработени лица, полицаец, воени ветерани, багерист, новинар, фотограф, психолози и правници е профилот на обвинетите за нападот на полициската станица Гошинце и пукањето во кумановско Диво Насеље. Неколкумина се со основно образование и невработени, додека другите имаат завршено средно или високо образование и биле вработени во приватни компании или државни институции до денот на нивното апсење. Сите обвинети се мажи на кои им се суди за тероризам и терористичка организација и им се заканува затвор од најмалку 8 и 10 години затвор, па до доживотен затвор.

„Диво Насеље“ и „Молња“ се споија во свечена сала на Врховниот суд

Неколку месеци по почнувањето на судскиот процес, обвинението за „Диво Насеље“, во кое тогаш се наоѓаа имињата на 29 обвинети, беше споено со обвинението за „Молња“. Во мај 2016 на 37 обвинети им се судеше за тероризам и терористичка организација. Судскиот процес, кој беше во фаза на доказна постапка, со новото обвинение требаше да започне одново.

Но проблем се појави со недоволниот простор на најголемата судница во Основниот суд Скопје 1, која и покрај големиот капацитет, беше претесна да ги собере обвинетите, судската, затворската и специјалната полиција, адвокатите, медиумите и роднините на обвинетите лица. Основниот суд Скопје 1 писмено се обрати до Врховниот суд и побара да им биде отстапена големата судница.

Но одговорот од тогашната претседателка на Врховниот суд, Лидија Неделкова, беше дека ако судењето се одвива во Врховниот суд, тоа ќе ги вознемири вработените, и дека салата што Кривичниот суд ја бара е наменета за свечености. По неколку одложени рочишта поради кавгата за салата меѓу Кривичниот и Врховниот суд, судскиот процес почна одново и во салата што претседателката Неделкова ја нарече сала за свечености, влегоа 37 обвинети. Исказите на сите беа идентични: „Не сме виновни и не сме терористи“.

Обвинителството тврди дека има цврсти доказ и побара казни за обвинетите

На околу 40 страници обвинителите од Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска и Наум Паноски до детали направиле анализа на доказите и ПИ-мерките за секој обвинет поединечно и неколку часа ги презентираа пред судот. Според обвинителството, терористичката група во Македонија влегла со огромен арсенал на оружје, кое го чувале во шума, и нивната цел била загрозување на животот и телото на граѓаните и предизвикување општа опасност.

За финансиските средства задолжени биле водачите на групата што сега се мртви, обезбедиле финансиски средства за нејзино функционирање, набавиле оружје, медицински материјали, подготвиле планови за напад на полициската станица Гошинце, а потоа со украденото оружје од Косово се префрлиле во Македонија и се стационирале во кумановско Диво Насеље.

Рано наутро, на 9 мај 2015 година ја нападнале специјалната полиција што во тој дел на градот требало да изврши претрес трагајќи по оружјето украдено од полициската станица – тврди Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

За време на завршниот збор, обвинителот Пановски откри дел од доказите обезбедени со ПИ-мерки, кои, според обвинителството, докажувале дека обвинетите се сторители на тероризмот во Куманово. Дел од рочиштата на кои се сослушуваа заштитени сведоци беа затворени за јавноста.

Одбраната тврди дека клучниот доказ е кај УБК, обвинетите во судница ги бараат Мијалков, Јанкуловска и Груевски

Наспроти тврдењата на Обвинителството за организиран криминал и корупција дека постојат цврсти докази за сторен тероризам, обвинетите тврдеа дека во Македонија биле дојдени за да го спроведат Охридскиот рамковен договор и да одржат конференција за медиумите. Бараа од судот во судница како сведоци да бидат повикани Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков, Али Ахмети и Артан Груби. Но откако судијката им го одби предлогот, обвинетите го бојкотираа судењето и бараа да бидат отстранети од судница со образложение дека не го признаваат судот. Адвокатот Рауфи посочи дека во овој судски процес изоставени се клучни докази, а тоа се разговори со високи политички и полициски структури, за кои самите обвинети признале дека постојат. Во завршниот збор адвокатот Рауфи побара да се обезбеди телефонски разговор меѓу сега убиениот Мирсад Ндрецај, алијас командант Нато и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Постои телефонски разговор меѓу Мирсад Ндрецај и Али Ахмети, а за тоа знае и обвинетиот Анди Красниќи, кој бил во близина кога Ндрецај зборувал со Ахмети. И другите обвинети кажаа дека имаат направено повеќе разговори од оние што се објавени. Пропуст е и тоа што УБК не направила идентификација на гласовите, што е неопходно“, рече на едно од рочиштата адвокатот Рауфи.

 Закани за судијката во судница, надвор од неа, Петковска немала потреба од обезбедување

Судијката Верка Петковска во текот на судската постапка се соочи со кавги, префрлања, навреди и закани од дел од обвинетите. Ја нарекуваа послушник, ѝ префрлаа дека суди под партиска директива на претходната власт, ѝ кажуваа дека има шанса да биде „Железната дама“ и да донесе правилна одлука за предметот. Ја навредуваа велејќи ѝ дека не заслужува да седи на тоа место за да го суди овој предмет.

Судијката Петковска вели дека нема закани надвор од судница и дека ниту има, ниту пак имала потреба од обезбедување откако постапува во судската постапка за „Диво Насеље“. Таа на 2-ри ноември треба да ја соопшти одлуката што Основниот суд Скопје 1 ја донесе за 37 обвинети на кои им се суди за терористичките напади во Куманово во кои на 9 и 10 мај загинаа осуммина припадници на МВР, а околу 40 беа повредени.

Министерот Спасовски најави меѓународна истрага за „Диво Насеље“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека за случајот „Диво Насеље“ Владата ќе преземе обврска да спроведе дополнителна меѓународна истрага. Спасовски посочи дека јавноста со тоа ќе ја дознае вистината за терористичките напади кои се случија на 9 и 10 мај, 2015 и во кои загинаа осум полицајци. 

Во судскиот процес за терористичките напади во Куманово, обвинетите речиси на секое рочиште бараат во судница да се појават, како што ги нарекуваат, организаторите на целиот настан, споменувајќи ги имињата на Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска, Али Ахмети, Никола Груевски и Артан Груби. Обвинетите вакво барање упатија и до судот, но предлогот овие лица да се сослушаат како сведоци беше одбиен.

Обвинетите и нивните адвокати бараат, како што велат, да се открие цела вистина за овој случај, а тоа може да се случи само доколку лицата од раководни полициски и политички функции се појават во судница и се соочат со обвинетите. И покрај најавите за дознавање на целата вистина за овој случај, и барањата на обвинетите за политичка одговорност овој настан, објавувањето на првостепената одлука, јавноста ќе има можност да го чуе за три недели.

 

Катерина Додевска

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе