Македонско-хрватската тангента

Добри искуства, идеи, добри вибрации на овој чуден и чудесен Балкан

Македонско-хрватската тангента, невладиното здружение што изминатите години разви огромна активност на поврзување на двата пријателски, другарски народи - македонскиот и хрватскиот, по многубројните писатели, поети, политичари, културни работници, фолклорни друштва, годинава пак однесе група новинари од Македонија во Шибеник на уште една размена на добри искуства, идеи, добри вибрации на овој чуден и чудесен Балкан. 

 

Тргнавме на пат за Шибеник. Автопатот „Братство и единство“, кој сега се именува со ознаки и бројки, нè води блиску до Загреб, а оттаму по брзата „цеста“ со понов датум на градба, до градот во сливот на Крка.

По минувањето на преминот од Србија во Хрватска на ветробранското стакло при брзина од над 100 км на час на нашето возило за малку ќе се залепеше огромен орел, со раширени канџи, крив отворен клун и широко развеани крилја, со распон поголем од ширината на возилото. За милиметар го избегна судирот, кој веројатно нас ќе нѐ оставеше покрај патот за да си ги корнеме ноктите и косите без цело стакло на возилото. Ќе беше голема загуба за животинскиот свет ако оваа, сѐ поретка птица, која веројатно била тргната во низок лет во лов на нешто, станеше жртва на невообичаен сообраќаен инцидент.

Сѐ друго, оттука па до Шибеник, беше навистина угодно патување, бидејќи Хрватска во моментов има перфектни автопатишта, мазни и одлично обележани, со можности за чести паузи со добро еспресо и вкусна храна, независно дали сте застанале на бензинска пумпа или сте влегле во некое кафеанче крај патот.

Епизодата со орелот за нашите пријатели, колеги новинари од Шибеник, кои секогаш знаат да возвратат со здрав хумор, беше неприфатлива. Велат дека сме во заблуда, дека тоа сигурно не било на хрватска територија, туку на српска, или пак на наша, македонска, зашто со орли тие работа си немаат, алудирајќи дека кај нив нема знамиња со оваа птица. Но орелот си беше со една глава, хрватските колеги сепак не беа во право - така се обидовме да реплицираме.

Како и да е, тмурното време што нѐ следеше од Скопје, како со волшебно стапче се разведри и стана сончево и топло штом излеговме од долгиот и досаден, но јасно осветлен, како на видеоигра, тунел под Велебит. Одеднаш, како нов портал да се отворил – тој медитерански, а оној пак, што го оставивме на влезот од тунелот, тажен, континентален. Покрај патот, и на ридиштата што ги има од сите страни, на многу места, изгорени дрвја и грмушки сведочат за пеколното лето и пожарите со кои овие луѓе, овде во Далмација, храбро се изборија, не дозволувајќи огнот да ги зафати туристичките центри, кои годинава, на една од најтазе земјите-членки на ЕУ ѝ донесоа десетици милијарди евра, а Хрватска со нив поцврсто застана вброена на картата на светот на најпосакуваните туристички дестинации, опишани како топло море со многу рајски места и острови, палми, добра храна, домашна ракија и вино, со многубројни историски локалитети и настани од културата и забавата.

Тој што бил, знае за што тоа говориме со воодушевување. Далмација е со прекрасен и атрактивен релјеф, а морето што ги заплиснува каменитите или песочни страни разиграни под блиските, остро издигнати планини, ја има единствената во светот нијанса на модра боја. И го има единствениот одблесок на сонцето што си ги прекршува зраците удирајќи на благо разнишаните гранки на палмите. Живописниот разгранет брег и островите, кои ги има во далечините до кај што фрла погледот, ве исклучуваат од размислувањата за секојдневните проблеми... А тоа што самото од себе се случува, е шииииироко да ви се отворат дишните патишта овозможувајќи му на опојното море да ве омами со својот мирис и да ве погали по лицето со ветрето што плута над водата.

 

И додека на колената, дотогаш свиткани во просторот на автомобилот што нè возеше 12 часа од Скопје до Соларис, им исчезнува болката, бидејќи како мали амортизери дејствуваат ситните камчиња послани на плажата во заливот во туристичкиот комплекс Соларис, кои шушкаат и крцкаат под нашите стапала, морето и воздухот што го турка накај нас со себе, го прават своето – смирување, релаксација.

Тивко, мирно и сјајно како стакло и опојно како традиционалната траварица што се дава за добредојде, ви додава сила и покрај отсутната дремка за време на долгиот пат. А тој комплекс Соларис, крај Шибеник, е тешко да се опише, а да не се заборави нешто или да не се најдат соодветни зборови. Затоа, можеби е најдобро да се каже дека комплексот Соларис е туризам доведен до совршенство, до луксуз каков што има низ светот во прочуените центри и по име и по цени, до склад за каков може само да слушате од прераскажувањата на среќниците, до море за какво многумина го користат зборот „тиркизно“ или до природа што не може да се замисли ниту со гледање на разгледници или во будно сонување со замижани очи, па ниту со реални видеа, промотивни материјали... Што ли среќници бевме ние кога нашите пријатели нѐ сместија токму во овој рај?

 

Тангента

Одговорот го наоѓаме во поканата од Македонско-хрватската тангента, која со години многу успешно и многу професионално ја водат новинарите, жители на Шибеник, Сашо и Милена Георгиевски, и во сенсот на Туристичкиот сојуз и на сопствениците на самиот туристички комплекс, кои пак, исто така, го знаат значењето на новинарскиот збор и на новинарските објави. Наједноставно да го кажеме тоа: јакиот збор не го бива ако новинар не го објави!

Тангентата, невладиното здружение чиј претседател е Сашо, во изминатите години разви огромна активност на поврзување на двата пријателски, другарски народи - македонскиот и хрватскиот. Тоа не е само весникот за Македонците во Хрватска што го издаваат, тоа не е само напорот на Тангента и на Милена за давање на часови по македонски јазик за децата од основното образование на нашинците во оваа нам блиска земја, туку тоа се и речиси секојдневни активности на поврзување на нашите народи и преку културата, онаа култура што значи и конкретни дела и имиња. Така, благодарение на ова невладино здружение, се одржуваат и средби на писатели, на други имиња од широкиот спектар на културата, фолклорот, така се промовираат и нови имиња што имаат што да му кажат на светот, така се шири нивното творештво, така, конечно, подобро се запознаваме и подобро разменуваме добри искуства, идеи, добри вибрации на овој чуден и чудесен Балкан.

Сашо и Милена им се добро познати на сите фактори во Хрватска и со нив разговараат и од нив бараат мислења и политичарите, почнувајќи од државниот врв, па сè до градоначалниците или раководители на институции, здруженија, форуми, аналитичари...

Со Сашо и Милена, во Соларис добредојде ни посакаа и најбитните новинари на шибенскиот регион, или ако поофицијално се изразиме, на шибенската жупанија. Тоа не е наша прва средба. Традиционално, еднаш годишно се среќаваме, група новинари од Скопје и групата новинари од Шибеник.

Една „дупка“ имаме во редовните средби на територијата на Македонија и на Хрватска – тогаш, во 2015 година, кога кулминираше македонската политичка криза и кога нашите пријатели не дојдоа, од разбирање, зашто новинарите во Македонија бел ден дома не видоа од работните обврски. Затоа, надоместивме лани во Македонија, на релациите од Скопје до Дојран и назад.

 Новинарскиот леб

Неодамна, шибенските новинари за нас подготвија, како што тие духовито ја нарекоа, „Програма за спектакуларната возвратна посета на македонските новинари“. Е, а тоа подразбираше разговори за нашата заедничка новинарска професија, за проблемите, предизвиците, за иднината, но разговори „разбиени“ низ Шибеник, низ островите и низ текот на Крка. А тоа значеше подобро да се запознаеме, подобро да си ги запознаеме татковините и подобро да набележиме што да правиме за доброто на професијата – новинарската.

Лебот што новинарите го јадат станува не само посув и потенок, туку и сѐ понеизвесен. Проблемите ни се познати, малку или повеќе се слични. Кај нас повеќе, кај нив можеби помалку така сурово изразени... Но тенденциите не се добри. Редакциите стануваат сѐ помалобројни со новинарски кадар. Се штеди на „људство“. Некогашните големи весници излегуваат во помал тираж од порано, а кај нас, бога ми, повеќето печатени изданија и не излегуваат веќе...

Категоријата новинари на бирото на трудот станува сѐ позастапена, својот труд го нудат за половина од тоа што некогаш било нормално како плата, често без осигурување и стаж, делумно легално, делумно под иницијали и псевдоними се работи и за други, да ги наречеме, медиуми. Саботите и неделите се минуваат пред компјутер. Се множат онлајн-редакциите што сѐ почесто ги нарекуваме портали, а всушност, чест на исклучоците, се делумно или целосно копипејст-сајтчиња со по некое рекламче, евтино добиено, со еден, двајца или неколкумина (не)вработени. Вестите траат ден. Темите пак, онака проретчени, и кога се добри, се губат низ „агрегаторите“ во морето од дневни, главно безвредни вести. Телевизиите не се со така силен углед како некогаш. И тие се впуштени во трка со малите или големи портали, за чудо, и ги следат нивните теми, кои низ компјутерот знаеле да се пуштат побрзо, а тоа значело поексклузивно, иако не секоја вест тој збор и го заслужува.

И ако можело да се каже дека онлајн-медиумите влијаеле позитивно на демократијата, ете ти сега и обратен процес. Порталите без објавен состав на редакциите (ако ги имаат), без потпишани новинари на текстовите, без објавен извор на информацијата, се вртат низ јавноста, имаат и свое влијание, особено ако оцрнуваат, омаловажуваат некого, ако содржат лаги и конструкции, влијаат негативно на демократските процеси...

Го водевме тој, за нас вечен разговор за проблемите во новинарството, во ресторанот „Златна рибица“ на Бродарица, крај самото Море, а погледот речиси дофрлаше до жителите на островчето Крапањ, најнискиот и најмал населен остров на Јадранот, 300 метри оддалечен од копното. Крапањ е познат од дамнешни времиња по производство на морскиот сунѓер. Да, сѐ уште произведуваат. Висината на островот досегнува едвај до 1,25 метри, а никогаш не бил поплавен од морето! На овој остров без автомобили сега живеат само 200 луѓе, верни на традицијата, на производството на сунѓер, риболовот...

Го прекинавме проблематизирањето на тенденциите во професијата. Пристигнаа домаќините на вечерата, жупанот Горан Паук и градоначалникот на Шибеник Жељко Буриќ. Срдечни, добри познаници со шибенските новинари и нивните проблеми, но и обратно, новинарите добро се запознаени со нивната работа и проблемите што ги окупираат, политиките на партиите... Но ова е пријателска вечера, никој никого не оптоварува со проблеми и дневни прашања. Паук и Буриќ на најдобар можен и ненаметлив начин ја опишаа летната сезона низ шибенското крајбрежје, но нѐ упатија на нешто што е уште поинтересно за новинарска анализа. А тоа е дека шибенскиот регион станува сѐ попривлечен за странските туристи со својот континентален – ридест дел, каде што со финансиска поткрепа од жупанијата и државата, куќите се претвораат во мали луксузни вили со базени и со мали гостилници на здрава домашна храна, која потекнува токму од тој имот на домаќините, залиена со домашна ракија и вино, токму од нивните подруми. Овие вили станаа магнет за тие што сакаат вистинска домашна кујна, чист воздух и природа и море во близината, оддалечено едвај дваесетина-триесет минути возење со автомобил. Агротуризам.

 Конобата на Првиќ

Новиот ден е нов настан. Ден на градот Шибеник. Верска процесија низ градот. Свечено е секаде. Сончев ден, цел град чиниш е надвор. Центарот е озвучен со тивка музика низ која се слушаат пораките на бискупот. Откако проследивме дел од настанот, патот нè води нагоре, по каменити скали. И се искачивме. На тврдината Бароне. Погледот пука врз Шибеник, врз шаренилото од стари градби, подолу и врз новите, а оддесно кон лево погледот се движи низ големата вода, која ја растегнува и раширува Крка спојувајќи се со морето. А сиот тој рајски пејзаж е разделен со неброени острови. Тврдината има свој музеј, има и добро кафе и сок. Тука ќе ви ја раскажат историјата на Шибеник, град што повеќепати бил напаѓан од копно и море од Османлиската Империја, но останал неосвоен, благодарејќи на тврдините, меѓу кои и на оваа, и на храбрите жители, секако.

А кој сака историјата и да ја „види“, тука е електрониката – добива комплет слушалки и специјални очила, кои се поврзуваат со електронски табли поставени на неколку локации и, ете ти ги анимирани битките, тврдините и глас што ве води низ храброто минато на независниот слободарски Шибеник.

Кога некој ќе се погрижи да запознаете што повеќе од тоа што го има во оваа жупанија за така кратко време, тогаш тоа значи дека истиот ден брод ве води на островот Првиќ. Еден час возење до островот без автомобили, каде што грижливо се чува автентичноста и традициите и каде исто така има што да се научи од историјата.

Меморијален центар Фауст Вранчиќ. Станува збор за еден од најпознатите шибенчани во светот, Хрвати воопшто, кој живеел во 16 век. Сестран научник и иноватор, автор на многубројни лексикографски, филозофски и поетски дела, бискуп... Вранчиќ направил нацрти на 56 уреди за мелници на воден и воздушен погон, направи за преместување на тешки конструкции, висечки мостови, часовници, пловила за транспорт спротивно на текот на реките. Го изумил четириаголниот падобран, најблизок според изгледот на денешните падобрани, доста различен од пирамидалниот на Леонардо, а има сознанија дека токму Вранчиќ го извел и првиот скок со падобран во историјата, и тоа од кула во Венеција...

Неговите пронајдоци како макети од дрво се изложени во музејот. Ученици од Загреб со своите учителки внимателно слушаа за достигнувањата на овој сестран човек, кој творел во времето кога физиката и механиката имале скромни дострели, а многупати одел пред времето.

А нашето испланирано време нѐ одведе во конобата „Стара макина“ крај самото бетонирано море. Недалеку од нас, мештани ги подготвуваа своите чамци за нови предизвици. Некои од нас, чекајќи ја рибата да скокне во чинијата, скокнаа во сѐ уште топлото море, а потоа се загреаја со добра орева ракија. Печената риба, пак, беше поезија. На муабетите новинарски ќе им немаше крај да не беше сирената на бродот што пристигнуваше во пристаништето и кој нѐ врати назад во Шибеник, заедно со куп странски туристи, кои овде уште ги има во голем број и чии лица се зацрвенети од сонцето, кое како да не сака да ѝ се потчини на есента. Кој сака да го дувка морското ветре е надвор, кој сака телевизија да гледа, може во затворениот дел од бродот... Времето брзо минува.

Вечерта полека шетаме низ стариот дел на Шибеник. До нас допираат разни јазици на туристи заинтересирани за знаменитостите. Подобро анализираме од ресторанот „Градска вјечница“ преку патот на катедралата Свети Јаков. Понудата е ракија од вишна, од траварица, но и од жижула, нешто за кое шибенчани велат дека, во таков подвид, расте само кај нив, налик на тврда маслинка, со вкусот налик на зелено сливче... На чиниите морски специјалитети – од школки, преку црн ориз со месо од сипа, до ражниќ - наизглед со разни видови свинско месо, а во суштина набодени морски мевца.

Вечерта завршува во еден од најпознатите клубови на Шибеник, изграден под некогашното водоводно претпријатие, исполнет со стари пијана, дрвени лампашки радија и винтаж рисивери и грамофони. Mузиката што во моментот беше пуштена за рокерски настроените уши на младината беше легендарната ЕКВ. Потоа одекнаа Електрични оргазам, Хаустор, па Филм, дури и Лаки Пингвини... Со еден збор, осумдесеттите години на новиот бран и натаму, и покрај сите политички премрежиња, преживеаја секаде на балканите од некогашната YU.

А каква ќе нѝ биде посетата на Шибеник ако не отидеме во Националниот парк Крка. Слаповите ги имавме видено. Но тоа не е сѐ. Бротче нѐ однесе на малото островче Висовац, сместено во истоименото езеро создадено од реката Крка. Оаза на мирот, како што уште го нарекуваат. Една од најзастапените фотографии од разгледниците на Националниот парк. Познато уште во 15 век, Фрањевци го населиле, носеле земја на дотогашната карпа – остров, и создале мал зелен рај. Фрањевачки самостан и црква, музеј каде што се чуваат многубројни документи и експонати.

Откако бротчето нѐ врати назад, десет минути со автомобил беа потребни да отидеме во општината Дрниш. Наш домаќин таму е градоначалникот Јосип Бегоња со соработниците. Во Европската Унија оваа мала општина со една од најживописните природи во Европа е најпозната по пршутата. На сите, ајде да ги наречеме натпревари во таа кулинарска област, дрнишани се секогаш меѓу првите. И, за да не им даваат постојано медали, нив ги има во сите своевидни брошури на Унијата токму поради тоа сласно мевце.

Во единствениот вкус се уверивме самите, а некои од нас се испробаа и во сечењето тенки и речиси проѕирни листови, под стручното водство на домаќинот на ресторанот. Додека слушавме за туристичките потенцијали на Дрниш, поглед ни измамуваа туристичките тури, а од табличките разбравме дека ги има од добар дел на ЕУ.

Апартмани во буриња

И тука слушнавме за агротуризмот, за „газдинствата“ кои се претворени во луксузни апартмани со кујни со домашна храна. Една од нив посетивме. Сопственикот, воден од својата оригинална идеја, направил двокреветни апартмани опремени со ТВ, еркондишни и убави тоалети, сместени во буриња! Да, добро прочитавте. Кога сплитска „Далмација вино“ паднала во стечај, тој купил повеќе огромни дрвени буриња за вино и од нив создал апартмани, кои ги именува по секој член од своето многубројно семејство.

За похрабрите од нас е резервиран настан. Зип-лајн преку кањонот на реката Чикола. Брзо патување со висење, закачени на сајла, од едната до другата страна. Авантура добро осмислена, добро организирана и обезбедена до максимум. Со страшна брзина се стигнува на другиот крај, а погледот надолу досегнува до безброј карпи и длабочина - коса да ти се крене на главата.

А потоа, пак се навраќаме на агротуризмот. Шибенските новинари нѐ водат во газдинството „Калпиќ“ во Далматинска Загора. Ораховачата, траварицата и ракијата од рогач се нивната гордост, како и виното. А посебна приказна се телешкото и пилешкото месо што приготвени со пекарски компир се топат во устата како да се од путер. Тивка хрватска музика се раширува од две дрвени „РИЗ“ радија од педесеттите години на минатиот век, сериски поврзани. На неколку маси седат странски гости и уживаат во храната, а потоа удобно ќе заспијат во угодните апартмани, добро окрепени од домашната храна и пијалаците, како и од чистиот воздух под јасното ѕвездено небо.

Латинско едро

Во нашиот хотел „Јуре“ во комплексот „Соларис“ иако е доцна, уште е живо од туристите. Чиниш, нема слободни соби. А и немало, ни кажаа кога прашавме чисто да ја задоволиме новинарската љубопитност.

Се чини ноќта кусо траеше, бидејќи шибенските новинари не дозволуваат да спиеме и безделничиме во овој суперлуксузен комплекс, во кој покрај плажи има и суперлуксузни базени, сауни итн., кафеанчиња и ресторани, пиратски бродови како дискотеки, пекарници и рибарници, кои работат само за хотелите и нивните гости. Погледнуваме кон некои од гостите – итаат кон плажата да грабнат уште зраци по своите тела од топлото октомвриско сонце. Нас нѐ чекаат возила. Одиме на островот Муртер.

Доаѓаме до најблиската точка на островот со копното. Неверојатни десетина метри. Затоа и има мовче. Се возиме по островот кон гратчето Муртер. Многумина возат натаму. Настан на денот е јубилејната 20. регата „Латинско едро“. Присутни се и лица од политичкиот и општествениот врв на Хрватска. Изложба на дрвени пловила што го имаат древното латинско едро како погон. Учествуваат 66 посади. Користиме прилика да го посетиме Музејот посветен на старото бродоградство во Бетина на Муртер. Таму разбравме за тајните на латинското едро, дознавме како од дрво се правеле товарни и патнички бродови, дознавме и како две семејства правеле нацрти за бродови, така прецизни како да студирале бродоградство на некој голем светски универзитет.

Корнати

На пристаништето во Муртер, во чии води се наоѓаат стотици, море илјадници чамци, глисери, бротчиња и бродови, нѐ чека Јосип Занзе, директорот на Националниот парк „Корнати“. Со брзо бротче на Националниот парк пловиме кон островите Корнати.

Од двете страни на нашето брзо пловење оставаме многубројни бротчиња со едра, а потоа и многубројни помали и поголеми јахти на кои уживаат вљубениците на морето. Добриот домаќин на бродот донел и добри пршути, домашен кашкавал и лепче, полесно да го прекратиме патот, кој трае добри два часа. За цело време на пловењето гледаме и од лево и од десно островчиња и острови.

Капетанот на бротчето, инаку искусен морски волк, кој во минатото управувајќи огромни товарни бродови повеќепати ги препловил и Пацификот и Атлантикот, ни вели дека во шибенскиот дел на морето има над 300 острови (без да се бројат разните мали карпи што виреат над водата). Кога на некои италијански капетани им ја кажал таа бројка, тие мислеле дека се однесува на цела Далмација. Тој им прецизирал дека Далмација има 1.264 острови!

Арно ама, архипелагот на Националниот парк Корнати содржи 89 острови, односно 150, ако се додадат и сите „надморски единици“. Или, овој екосистем опфаќа 12 проценти од сите острови на хрватскиот Јадран. Поради исклучителната убавина, флората и фауната и интересната геоморфологија, во 1980 година поголем дел од овој архипелаг е прогласен за национален парк.

Крајната дестинација ни е токму островот Корнати. Една куќа од Националниот парк, едно мало пристаниште и на скара печена туна на масата. Заради Македонците, луѓето ни подготвија и ќебапчиња. Велат поголеми се од македонските, но различни по вкус. Ние сме си имале наша тајна на подготвувањето, но тие така добро ги испекле, што слатко ги изедовме. Вниманието не ни го одзедоа мобилните телефони, кои постојано титкаат или се врзуваат за интернет. Тука интернет и мобилна телефонија нема. Затоа, некои од нас се фрлија во морето, да се избањаат за последен пат годинава. Бањање во октомври. Убаво е и е за прераскажување. Е па, баш имавме среќа и времето да нѐ послужи.

Запловивме кон Муртер. Директорот и капетанот не престануваат да нѐ запознаваат со тајните и убавините на Корнатите и на шибенскиот регион. Повремено се фаќаат за двогледот да видат дали нивни познаници пловат во бротчињата со кои се разминуваме или кои ги тркаме. Одвреме-навреме се поздравуваат со широко размавнување со рацете. Во близината на Муртер наидуваме на Регатата на латинските едра. Привршуваат со пловењето. Наскоро и победникот ќе биде прогласен. Јосип Занзе вели дека кафе не сме се напиле. Пред да се разделиме морало да се окрепиме со добро кафе и водичка, ама и со сладолед.

Но не заминуваме од островот Муртер. Сега одиме во друга општина на островот. Во Тисно. А таа општина делумно е и на копното, а во поголем дел на островот. Тука, кај веќе спомнатото мовче.

Последната вечер од нашата посета е во конобата „Брошчица“, сместена на островот. За нас „континенталците“ е подготвена континентална храна, што подразбира добро избрани парчиња месо од скара. И шибенските новинари не се против таквиот избор на храна. Интересно е што има и домашни колбаси, кои се многу слични со домашните колбаси што ги јадеме во Македонија. За разделба од локалната власт добивме поздрав „дојдете ни пак“, збогатен со по шише вино, жолто сирење, сувенири и туристички проспекти и, ете ти, ти било добра прилика, со знаменце од „латинското едро“.

Утрото во хотел „Јуре“ се разбудивме изненадени како времето летнало. Пат нѐ чека за Скопје. Се возиме до центарот на Шибеник. Нѐ чекаат шибенските новинари за да испиеме уште едно заедничко кафе, овојпат пред канцеларијата на Хрватското здружение на новинарите. Да размениме впечатоци, да си дораскажеме за нашата професија. И да донаучиме едни од други. Свесни сме дека долго ќе возиме и дека длабоко во ноќта, во раните утрински часови де, ќе стасаме во Скопје. А утрото работа нѐ чека. Но нека е така, ќе издржиме. Некои работи треба и да се запишат.

Пред Здружението сме со нашите драги пријатели – новинари. Даворка Блажевиќ, Ксенија Билан, Марина Јурковиќ, Сања Јуришиќ, Јожица Крниќ, Горан Шимац, Крешимир Гулин, Марко Подруг, Хрвослав Павиќ, тука се и Сашо и Милена Георгиевски, како и Дино Караѓоле, шеф на Шибенската туристичка заедница, кој и овојпат несебично се погрижи за дел од содржините на нашите патешествија.

За крај, да не испуштиме дека шибенските новинари беа како „струја“, на висината на задачата. Беа со нас, а не пропуштија ниту еден настан за своите медиуми, портали, весници, радио, телевизија. Како тоа може да се организира? Така... Не мора во еден текст да се откријат сите тајни на новинарството. На професионалното. Новинарството е јака професија. И е само за професионалци. Така било и така ќе остане.

Панта Џамбазоски

Објавено

Вторник, Октомври 17, 2017 - 13:02

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе