Обвинетиот од Стразбур одговори за јавната опомена во „Талир“

Димовски до Шабани: Се надевам дека опомената да заборавам на одложувања е само несреќна реакција на судија

Пратеникот Илија Димовски кој вчера беше јавно опоменат од судијата Осман Шабани од Стразбур вели дека е по малку изненаден од реакцијата на судијата Осман Шабани, бидејќи го информирал и усно и писмено за неговото отсуство. Во изјава за МКД.мк, Димовски вели дека судијата Шабани добил допис потпишан од претседателот на Собранието Талат Џафери во име на Собранието на Република Македонија во кој што прецизно се наведени датите во кои, како што вели Димовски, тој практично има државна обврска.

„По малку сум изненаден од реакцијата на судијата Осман Шабани заради тоа што тој беше информиран и писмено и усно околу обврските што јас како шеф на македонската делегација во парламентарното собрание на НАТО ги имам. Доби допис потпишан од господинот Џафери во име на Собранието на Република Македонија во кој што прецизно беа наведени датите во кои јас практично имам државна обврска. Бев присутен на настан организиран од Парламентарното собрание на НАТО во Париз при што остваривме средби со високи претставници од француското Министерство за надворешни работи, со генералниот директор за политички и безбедносни прашања во тоа министерство и со претседателот на Комисијата во францускиот Сенат за надворешна и безбедносна политика при што разговаравме за актуелната состојба поврзана со односот на Република Македонија кон Франција и односот на Република Франција кон Македонија. Денеска имаме повеќе средби тука во Советот на Европа со генералниот секретар со Комесарот за човекови права, Дуња Мијатовиќ и со други официјални лица и претставници. Јас се надевам дека станува збор за некое недоразбирање и би рекол, по малку можеби несреќна реакција на господинот судија", вели Димовски за МКД.мк.

На прашањето зошто тогаш судијата се изнервира и вели дека нема да има повеќе одлагања, Димовски дополнува дека не би можел да каже, но до сега, како што вели тој и судијата Шабани имале коректно разбирање во поглед на државните обврски.

„Не би можел да кажам за тоа бидејќи до сега сме имале коректно разбирање во поглед на државните обврски. Има многу случаи кога јас сум бил присутен на рочиштата а паралелно имало седници на Комисија. Дури одредени седници на комисиите за да не ја нарушат динамиката на обврските што ги имаме спрема судот. Во секој случај, во наш интерес е што е можно побрзо тоа да заврши за да се расчистат тие дилеми. Во овој случај не би можел да коментирам што е причината за таквата реакција посебно што знам дека господинот судија е информиран околу целиот настан. На претходното рочиште тој го прочита во целост дописот од господинот Талат Џафери во кој што прецизно се наведени датумите на кои јас имам сериозни обврски да ја претставувам нашата држава тука и да ги водам тие разговори што ги водам во име на македонскиот Парламент. Сепак, впечатокот е дека судењата се одлагаат се оддолжуваат и се чини дека нема крај... Тука има комплексни причини. Прво начинот на кој што се структурирани предметите со огромен број на обвинети, огромен број докази, огромен број сведоци и тоа не е никаква одговорност на одбраната. Второ, паралелно се одвиваат многу судски рочишта, а бројот на судии кои што имаат мандат да ги водат тие судски рочишта е исто така ограничен. Конкретно судијата Шабани е дел од повеќе судски предмети, тој или е носечки судија или е дел од судечкиот совет, така да динамиката на судењата зависи и од распоредот на судските предмети. И тој самиот не може да биде присутен на две различни судења. Затоа, се надевам дека е само несреќен ден и несреќна реакција од негова страна", додава Димовски.

На вчерашното закажано рочиште за случајот „Талир“ судијата Осман Шабани на обвинетиот пратеник Илија Димовски му изрече јавна опомена и посочи дека не членство во ЕУ, не членство во НАТО и кај Свети апостол Павле да нѐ зачленуваат нема да дозволи одложување. 

По јавната опомена за Димовски следното рочиште беше закажано за 13 декември.

Првото рочиште за случајот „Талир" се одржа на 18 февруари годинава. Во случајот обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања" и „перење пари", како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари".

За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.

На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди, бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни лица.

Жана П. Божиновска, Стразбур 

 

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе