европски стандарди

Стразбур пак пресуди за Македонците во Лерин, на потег е новата влада на Ципрас

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пак пресуди во корист на здружението Дом на македонската култура во Лерин. Судот по вторпат пресуди дека Грција го прекршува членот 11 од Kонвенцијата за човекови права, кој се однесува на слобода на здружувањето.

Судот во Стразбур

Членовите на Виножито уште од 1990 година бараат во Лерин да се регистрира Дом на македонската култура, но грчките судови одбиваат да регистрираат здружение со придавка „македонска“.

Според пресудата на Европскиот суд, Грција треба да исплати и компензација од 10 илјади евра како нематеријална штета и две илјади евра за трошоци на сите седум тужители заедно.

Македонците од Грција очекуваат новата грчка влада на чело со левичарот Алексис Ципрас да ги исполни ветувањата за демократија, правда и почитување на човековите права.

Одлуката на судот во Стразбур ја поздрави и Грчкиот хелсиншки комитет.

Јоргос Пападакис од Виножито вели дека сега Домот ќе може повторно да аплицира за регистрација.

„Слабоста на Европскиот суд за човекови права е токму тоа што неговите пресуди немаат задолжителен карактер, но срамно е за државата што двапати е прогласена виновна за ист случај. Се надевам дека владејачката партија Сириза ќе покаже дека ги почитува вредностите на вистинската левица и дека паралелно со плановите за спасување на земјата ќе направи историски исчекор и на полето на демократијата, со тоа што ќе признае дека има македонско малцинство, иако сите сме се свесни дека мали се шансите за тоа“, вели Пападакис во изјавата за МКД.мк.

Основачите на Домот на македонската култура првата апликација за регистрација на здружението во регионалниот суд во Лерин ја поднесоа на 12 јуни 1990 година. Во описот за целите на здружението пишува дека сакаат да ја промовираат и да ја развиваат македонската култура и традиции. Се разбира, барањето брзо беше одбиено и од регионалниот и од апелацискиот суд и од касацискиот суд во Солун. Во 2003 година за новата апликација здружението повторно доби одговор дека зборот „македонска“ може да се користи само во историски или географски контекст. Во овој случај со здружението, сметаше судот, употребата на зборот „македонска“ била ризична за јавниот ред бидејќи имплицира создавање македонска нација, „која историски никогаш не постоела“. Освен тоа, судот одговори и дека регистрацијата на такво здружение ќе го загрозела „хармоничниот соживот на населението во регионот на Лерин и јавниот ред и поредок во Грција“.

Бугарија е уште една земја-членка на ЕУ што не ги почитува пресудите на Европскиот суд. Во овој случај се работи за регистрација на партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден, која бугарските судови исто така упорно одбиваат да ја регистрираат, и покрај пресудите од Стразбур. 

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе