ЗАЕДНИЧКА РЕАКЦИЈА НА ПОВЕЌЕ МАКЕДОНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ

Со договорот за добрососедство Македонија се откажа од македонското малцинство во Бугарија

Не ја прифаќаме содржината на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија затоа што сметаме дела е насочен против добрососедството, унапредувањето на односите и евроинтеграцијата на Македонија, се вели во заедничкото соопштение на ОМО Илинден - Пирин од Бугарија, Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада, Австралиско-македонски комитет за човекови права и Македонска алијанса за европска интеграција од Албанија.

„Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија е нерамноправен, ги задоволува повеќе бугарските националистички аспирации отколку македонските национални интереси. Тој ги поставува под прашање сувереноста на Македонија и слободите на делови од нејзините граѓани и го урива нејзиниот авторитет како независна и полноправна држава. Добрососедство може да се гради само на рамноправна основа и со добра волја, а не преку уцена, понижување и злоупотреба на позицијата.

Со овој договор Република Македонија направи уште еден чекор кон откажување од македонското малцинство во Бугарија. Поранешното декларативно откажување сега станува дел и од договорот за „добрососедство“. Тоа е логичен срамен исчекор по 25 годишното нарушување на Уставот од страна на владите на Македонија, кои целосно и доследно ја запоставуваа својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства во соседните земји и особено во Бугарија и Грција. Поради оваа причина договорот е и антиуставен!

Договорот создава механизми преку кои Бугарија ќе може да ја условува и уценува Македонија во процесот на нејзината евроинтеграција (чл. 8 и чл. 12). Се создаваат можности Бугарија да бара интервенција во независноста на научните истражувања и слободите на медиумите и да наметнува редефинирање на поими како говор на омраза во смисла на секој став кој ја поддржува македонската национална посебност. Дека имено таква е и намерата на Бугарија, сведочат изјавите на нејзините официјални лица дека договорот е само прв чекор, а не финално решение, како што наивно се обидуваат да го протолкуваат некои наивни политичари во Скопје.

Поради тоа сметаме дека договорот е неприфатлив, навредлив за Македонија и македонскиот народ, непринципиелен, срамен за двете земји потписнички и дека спротивно на очекувањата на потписниците тој нема да допринесе за добрососедството, а само ќе ја зголеми недовербата и ќе создаде вистинска омраза против Бугарија на местото на имагинарната таква од која сега се жали Софија.

Ниту македонското малцинство во Бугарија, ниту македонската дијаспора, а убедени сме ниту македонската нација генерално, не се чувствуваат на кој било начин обврзани со нерамноправните клаузули во овој договор, и ќе дадат отпор на секој обид да им се скратат човековите слободи и ќе ја продолжат својата борба за достоинство, права и правда и против секој обид истата да се спречи било да доаѓа од Софија, било од Скопје“, се вели во соопштението на овие организации.

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе